Почетна Коментар Срцето на Месија
Срцето на Месија

Срцето на Месија

301
0

Можеби не постои совршен мир, но затоа постои совршено слушање на срцето на другиот. Доколку некогаш, имате прилика да го слушнете срцето на вашите пријатели, на вашиот ближен, како тоа чука? Дали чука различно од вашето?

Колку и да сме различни, нашите срца тагуваат и се радуваат на ист начин. Зарем срцето на будистот чука поинаку од срцето на евреинот или на католикот? Во секое срце има само една вистина. Оној кој ја спознал неа, го спознал Бога.

Во коренот на сите религии е учењето за спасението наречено месијанизам. Месија е спасител, но во суштина, месија е состојба на радост. Кога луѓето од различните вери ќе научат да ги слушаат меѓусебно своите срца и ќе ја препознаат потребата од заедничка визија за целото човештво, тогаш неминовно настанува радост. Вистината од срцето ќе се излее во светот и таа ќе не ослободи од поделбите, стереотипите, предрасудите. За жал, денес во светот има многу страдање. Полесно ни е да го слушаме гласот на нашето его, отколку срцето на другиот.

Велат, постои само еден Бог со повеќе имиња: Алах, Исус, Елохим, Јахве, Буда…Но, само едно може да биде името на Бога-љубов. Без него, нема мирољубиви и сплотени европски општества.

Дали знаеме да го отвориме срцето за другиот? Го познаваме ли заедничкиот јазик на религиите?

Како народ отсекогаш сме имале посебен однос кон верата. Сме наоѓале начини како да го разбереме другиот. Нашата визија била месијанска, нашата борба-за слобода на сите народи и народности на оваа територија. Храбро и безрезервно сме се дарувале себеси дури и кога ни било најтешко. Само да се присетиме: Кога гореше Бигорскиот манастир, кој прв притекна на помош? Муслиманите од Реканскиот крај. Зарем нивната верска припадност ги спречи да го спасат овој храм од пропаст? Пред иконата на Богородица во овој манастир се молат христијаните и муслиманите за здравје и среќа. Зарем Бог ги слуша само молитвите на христијаните? Кога беа поплавите во Скопје, сите верски заедници во заедничка молитва испратија хуманитарна помош за настраданите семејства. Зарем пакети со храна и лекови добиваа само граѓаните-верници? Во храмовите во Струмица и во Кичево се молат Адвентистите, Јеховините сведоци, Православните, Католиците и Методистите. Кога треба да се соберат донации за лекување на некој болен, сите цркви притекнуваат на помош. Страдањето на еден член на верска заедница не ги ослободува од одговорност и другите верски заедници!

Многу вакви примери се потврда на нашата вековна традиција на толеранција и соживот. Најголемите историски неправди сме успеале да ги надминеме ставајќи го на прво место човечкото срце, достоинството на на човечкиот живот, хуманоста.

Кога сите се молиме едни за други со искрена желба за подобар и похуман живот, без оглед на верата, ние можеме да постигнеме многу. Во духот на оваа традиција го продолжуваме дијалогот со сите меѓународни релевантни фактори, бидејќи друг избор немаме. Тоа е обврска кон нашите претци, но и одговорност за идните генерации. Само времето на толеранција и дијалог може да биде наше време. Се со една заедничка цел-и натаму да бие срцето на толеранцијата, нескршливиот столб на нашиот идентитет. Овој идентитет, светот веќе го препозна. А ќе го препознава и понатаму се додека во нас има сила да го споделува со сите народи од светот.

Познатиот филозоф Ниче рекол: Ја слушате ли вревата на гробарите кои го погребуваат Бога? Тој е мртов! Јас ќе речам: Го слушате ли гласот на Бога во вашите срца како вели: Радувај се! Биди среќен! Тоа е твојата судбина на овој свет!

Оваа вистина е длабоко запечатена во секое срце. Можеби не постои совршен мир, но затоа постои совршено богатство во срцето. Или како што велат најголемите духовни водачи:

Срцето на верникот е божјиот дом! – Мухамед

Каде што е сокровиштето ваше, таму ќе биде и срцето ваше!-Исус

Весело срце е секое срце кое се дава на светиот трон! – раби Шимон бар Јохај

Патот не е на небото. Патот е во срцето! – Буда

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *