Почетна Интервју Според квалитетот на нашиот личен избор ќе го препознаеме и квалитетот на живеењето во нашето општество
Според квалитетот на нашиот личен избор ќе го препознаеме и квалитетот на живеењето во нашето општество

Според квалитетот на нашиот личен избор ќе го препознаеме и квалитетот на живеењето во нашето општество

691
0

ИНТЕРВЈУ: ОТЕЦ ИВИЦА ТОДОРОВ – СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛ ВО МПЦ – ОА

Презвитер Ивица Тодоров, свештенослужител во МПЦ – ОА и претседател и духовен раководител на Движењето за организирана духовна обнова на Македонија „ДОДОМА“  е еден од активните во Македонската православна црква кој постојано е присутен меѓу младите и верниците со верската поука. Во интервју за МИА, отец Тодоров зборува за причестувањето, за исповедта, како и за тоа дали може во овој проблематичен свет да се живее според Христовото Евангелие…

ivica Todorov 2Отец Тодоров, се наоѓаме пред најголемиот христијански празник Воскресение Христово или Велигден. Зошто овој празник е толку значаен за православните христијански верници?

О. ТОДОРОВ: На овој празник си спомнуваме за еден историски настан кој со своето значење на целото човештво му ја возврати смислата, светлината и радоста на постоењето. Со Христовото откупително љубовножртвено страдање на Крстот и со Неговото воскресение се разреши неискажливата мистерија во која апсолутното ДОБРО за секогаш го победи и разобличи апсолутното ЗЛО. Со оваа победа апсолутното ДОБРО во ликот и делото на Исус (Јешуа) Христос (Месија) ја разреши и најстрашната последица од нашиот живот во сотонско ропство, зло, грев и духовна смрт, а тоа е телесната смрт.

Светиот апостол Павле вистината за оваа животодавна радост ја опиша со следните зборови: „А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера. При тоа, ако навистина мртвите не воскреснуваат, ние излегуваме како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме за Бога дека Го воскреснал; оти, ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, суетна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови; тогаш и оние, што умреле за Христа, загинале. И, ако само во овој живот се надеваме на Христа, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе. Но, ете, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените. Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку човек.

И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат; но, секој по својот ред: прв е Христос; потоа, при Неговото доаѓање (на крајот на овој и ваков свет и век), ќе воскреснат сите што се Христови. А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое (зло) началство, секоја власт и сила. Бидејќи Тој треба да царува „додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.” А најпоследниот непријател за уништувње е смртта, зашто „сите ги покори под нозете Негови”; а што се вели „дека сè Му е Нему покорено”, очевидно е, освен Оној, Кој што Му потчини сè. Кога, пак, ќе Му биде потчинето сè, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Овој, Кој Му потчини сè, за да биде Бог сè во сè. “ (1. Коринтјаните. 15, 13 – 28)

Последната седмица од велигденскиот пост се нарекува Страсна или Страдална седмица. Зошто?

ivica todorov 4О. ТОДОРОВ: Велигденскиот пост својот почеток го има уште во ранохристијанскиот период, во првите векови од историското постоење на Црквата како Новозаветен народ Божји во овој свет. Но, тој сегашната своја форма ја стекнувал низ вековите. Последната седмица од Велигденскиот пост е наречена Страсна или Страдална седмица затоа што истата се поклопува со последниот, но крунскиот период од спасителната мисија на нашиот Господ Исус Христос во овој од Бога отпаднат и со злото инфициран свет.

Во Страдалната седмица се потсетуваме на најдиректните сведоштва на вистината што Христос ги имаше по своето триумфално влегување во Ерусалим по воскресението на Неговиот ученик Лазар, кој пред да биде воскреснат/ оживеан веќе четири дена беше мртов. Во Страдалната седмица се потсетуваме и за востанувањето на Светата Тајна Евхаристија или Причест на пасхалната вечера што нашиот Спасител ја јадеше заедно со своите апостоли пред да биде предаден, суден и распнат на крст.

Се разбира, на Страдалната седмица се потсетуваме и сострадуваме со нашиот милостив љубвеобилен Откупител сеќавајќи се на се она што Тој за секој нас и за целото човештво го направи на крстот. Се сеќаваме и му благодариме на ПРОШКАТА што ни ја дари, но му благодариме и за тоа што злото го РАЗОБЛИЧИ и го обесили со својата жртвена љубов за да можеме истото да го изгонуваме од нашиот внатрешен и надворешен живот. И на крај, се сеќаваме и се радуваме на Неговото воскресение од мртвите затоа што Тој на целото човештво му постана надеж, гарант и излез од најстрашната последица од нашето отпаѓање од Творецот, а тоа е смртта! Ова, со наведувањето на сето тоа што се случило за нас на Страдалната седмица, ќе го завршам со потсетувањето на истото од страна на светиот епископ Кирил Ерусалимски (315 – 386) кој таму некаде на почетокот на четвртиот век под самата Голгота вака им проповедал на своите ученици: „Така, страдањето е вистинско, зашто Христос вистински е распнат, и ние не се срамиме од тоа. Распнат е, и ние не го одрекуваме тоа, туку напротив: се фалиме кога зборуваме за тоа. Ако јас сега почнам да ја одрекувам откупителната крсна жртва, ќе ме изобличи онаа света Голгота, до која се наоѓаме сите, ќе ме изобличи и крстното дрво, раздадено од тука на делови веќе во целиот населен свет. Го исповедувам КРСТОТ, зашто го знам Воскресението. Ако Христос би останал распнат, тогаш, можеби, јас не би го исповедувал крстот, можеби, исто така, би замолчел и за мојот Учител, но затоа што по КРСТОТ следело ВОСКРЕСЕНИЕТО, тогаш јас не се срамам да проповедам за КРСТОТ“.

На самиот ден Велигден, поконкретно, во сабота навечер кон недела, оние кои постеле одат во светите храмови да се причестат. Кое е значењето на причестувањето и зошто е потребно лицата кои се причестуваат да се исповедаат?

О. ТОДОРОВ: Ова е духовничко – пастирско прашање, па затоа ќе дадам и таков одоговор. Значи, на христијаните кои се воцрковени и воведени во христијанскиот духовен живот им е јасно дека причестувањето нема директна поврзаност со постот. Секој христијанин православен знае дека постот е еден сегмент од нашиот духовен подвиг, па затоа истиот се практикува во периодите кои Црквата ги одредила за тоа.

Причестувањето, односно, потврдувањето на нашето единство со Христос треба што почесто да го практикуваме. Всушност, за време на Велигденскиот пост можноста за причестување, потврдување на нашето заедништво со Христос, преку Неговата Крв и Тело, се интензивира преку литургиите на однапред осветените дарови кои се служат секоја среда и петок. А што се однесува до причестувањето на Велигденската празнична Литургија, тоа не треба да се разбере како некаква награда за нашиот пост, туку како наше радоснотворно учество во ПОБЕДАТА на нашиот Спасител и во гаранцијата за нашата НАДЕЖ! Што се однесува до светата тајна исповед, таа е врзана со нашето покајание. Ако некој од христијаните со нешто или на некаков огревовен начин отстапил од Патот на спасението, тогаш, враќањето повторно на Патот се извршува преку исповедта и духовното раководство.

Овој мој пастирски одговор ќе го завршам со зборовите на нашиот Пастироначалник и единствен Учител Исус Христос. Тој вели: „Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него. Како што Ме прати живиот Отец, и Јас живеам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене.“ (Јован. 6, 53 – 57)

Според Црквата, Небесниот Отец го прати својот Единороден Син, како наш Спасител и Учител, за да му покаже на човекот како вистински да живее. Но, дали може во овој проблематичен свет да се живее според Христовото Евангелие ?

ivica todorv 5О. ТОДОРОВ: Најдобар одговор на ова ваше прашање дал самиот Месија/ Христос! Во Неговиот разговор со Никодим, кој бил влијателен еврејски учител и претставник во синедрионот, самиот Исус го вели следното: „Зашто Бог (нашиот небесен Отец) толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син (своето совечно Слово/ Логос), та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен. Оти Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, оти не поверувал во името на Единородниот Син Божји. А овој суд е за тоа што Светлината дојде на светот, но на луѓето им омиле повеќе мракот отколку светлината, оти нивните дела беа зли. Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави.

А оној што твори вистина, оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.” (Јован. 3, 16 – 21)

Колку евангелската вистина може да му помогне на нашето општество?

О. ТОДОРОВ: Според мене, според моето скромно духовно искуство, но, пред се и над се, според духовното искуство на милиони свети ученици Христови низ историјата, единствено Христовото евангелие, односно, радосната вест за вистинската смисла и цел на нашето постоењето може да му помогне, не само на нашето македонско општество, туку и на целиот свет. Но, целиот проблем се состои во тоа што вистината што во себе ја поседува евангелието Христово е по природа таква што истата се прима само преку слободен избор и со духовно разбудена личност! И откако ќе се прими таа созрева и формира плодови само кај оние што ќе ја негуваат со искрена совест и непоматена свесност.

Исус Христос на своите ученици им ја дава оваа заповед: „А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее над злите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните. Оти, ако ги љубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и митниците? И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците? Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен.” (Матеј. 5, 44 – 48) Тој бара процес на усовршување за да се постигне висок степен на усовршена состојба на постоење, но колкумина се решаваат во себе да го започнат овој процес? Според квалитетот на нашиот личен избор ќе го препознаеме и квалитетот на живеењето во нашето општество

Ivica TodoorvЗа крај, со што би ги посоветувале нашите читатели или што би споделиле со нив?

О. ТОДОРОВ: Јас, во некои моменти на слобода пишувам поезија, односно, се обидувам моите внатрешни духовни сознанија да ги облечам во зборови за да ги споделам со оние на кои тие нешто би им значеле во животот, па затоа со вашите читатели би сакал да споделам една моја песна, таа се вика:  „За ПАТОТ до БОГ“!

БОГ, за сите нас тоа е само збор, и во тој збор многумина своја претпоставка внесуваат!

БОГ, скриено е вистинското значење на овој збор, скриено со купишта незнаење! БОГ, или подобро да се каже темнина, зашто помеѓу Него и нас само таа се распослала и раширила!

БОГ, е не може човек сам со умот свој да го дофати Недофатливиот и со зборот свој да го опише Неописливиот!

БОГ, тоне, ама баш секој, кој се обидува бездната со бесконечниот мрак да ја помине!

БОГ, па кој може за Недофатливиот, Неописливиот, за Оној Кој отаде бесконечниот мрак на незнаењето Е да говори?

СВЕТЛИНА, може само оној кој бесконечниот мрак на незнаењето го одминал и купиштата незнаење ги запалил со светлината на огнот несоздаден кој извира од Оној Кој е толку далеку од нас колку што е блиску до нас.

СЕ ПОКЛОНУВАМ, клекнувам на колена, се распостилам на земјата, јас, кој самиот земја сум!

СТАНУВАМ, стојам, и внатре и надвор се радувам, ослободен од ВИСТИНА!

БОГ, Тој се ОБЈАВУВА,  Тој се РАЗОТКРИВА,

Тој говори во ЗБОРОТ свој со ДУХ светилен исполнет кон секој кој Му се поклонува и своето лажно „јас“ го одминува и љубовно станува од падот гревовен, станува, за да стои во слобода оној кој му ВЕРУВА на БОГ!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *