Почетна Вести Регион СПЦ и владата на Црна Гора го потпишаа Темелниот договор
СПЦ и владата на Црна Гора го потпишаа Темелниот договор

СПЦ и владата на Црна Гора го потпишаа Темелниот договор

168
0

Патријархот на Српската православна црква (СПЦ), Порфириј, пристигна во Подгорица, каде што со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, го потпиша Темелниот договор. Црногорскиот премиер оваа информација ја соопшти на Телеграм, каде што објави фотографија од потпишување на договорот. На фотографијата се гледа дека на потпишувањето присуствувале и министерот за правда Марко Ковач и митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј.

Црногорскиот весник „Вијести“ претходно објави дека патријархот на СПЦ пристигнал во Црна Гора и дека договорот ќе биде потпишан во вилата „Горица“ во 10 часот.

Дел од медиумите претходно најавија дека потпишувањето ќе се случи на 3 август, но тоа тогаш го демантираше премиерот Дритан Абазовиќ.

Како и вчера, утрово повторно пред вилата „Горица“ се собраа граѓани кои се против потпишувањето на договорот со СПЦ. Насобраните граѓани бараат премиерот Дритан Абазовиќ јавно да го соопшти датумот кога ќе се потпише договорот.

Ѓукановиќ: Владата паѓа кога Абазовиќ ќе го потпише Темелниот договор

Бидејќи самиот договор предизвика несогласувања во црногорската јавност, тој неколкупати беше ревидиран и менуван. И покрај тоа, некои сè уште тврдат дека тој не е во согласност со Уставот на Црна Гора, поради што се заканија дека ќе ја соборат владата на Абазовиќ. Меѓу нив е и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

„Доколку се потпише Темелниот договор, за кој јасно оценивме дека е спротивен на државните интереси на Црна Гора, ваков како што беше усвоен од владата, нема сомнеж дека ќе почнеме иницијатива за смена на владата. Парламентот продолжува да функционира, ние ќе закажеме избори“, рече претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, во интервју за Н1.

Откако на почетокот на минатиот месец владата на Црна Гора го усвои нацрт-договорот со СПЦ, оваа спогодба беше причина за многу несогласувања во малцинската влада на премиерот Абазовиќ.

Тогаш „за“ договорот гласаа 13 министри, а петмина беа воздржани. Некои министри ја оспорија валидноста на одлуката, односно тврдеа дека за усвојување на овој документ е потребно квалификувано мнозинство, односно најмалку 14 гласа.

Во Црна Гора, при формирањето малцинска влада пред повеќе од три месеци, беше постигнат договор сите прашања од витален државен и национален интерес да бидат носени со квалификувано мнозинство од сите членови на владата.

Со Темелниот договор на СПЦ во Црна Гора ѝ се овозможува екстериторијалност на верските објекти, ја отвора можноста за веронаука во државните училишта, се признава шест века подолг субјективитет отколку што СПЦ има во Србија.

/360 степени

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *