Дритон Абазовиќ ја загуби поддршката од ДПС на Мило Ѓукановиќ и неговата Влада е без потребното мнозинство, откако го прифати договорот со СПЦ.
Во соопштението по седницата на Претседателството на ДПС, на која се разговараше за понатамошните чекори откако Владата во петокот го усвои Предлогот за Основниот договор со СПЦ, беше изразено жалење за промената на политичкиот курс на Владата на Црна Гора, со која, како што се оценува, „спротивно на политичкиот договор за нејзиното формирање, Владата се откажа од приоритетната задача за исполнување на обврските од евроинтеграциската агенда и избрзано, неодговорно и без консултација со стручната јавност влезе во склучувањето на Договорот со СПЦ“.
ДПС смета дека Владата со тоа им нанела непроценлива штета на државните интереси на Црна Гора и дека со ваквата промена на приоритетите од страна на Владата е пропуштена можноста да се обезбеди зајакнување на проевропскиот политички консензус, а наместо тоа, непотребно, а самоуништувачки се зајакнале старите поделби во Црна Гора.
Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ по денешната одлука на претседателството на Демократската партија на социјалистите (ДПС) да ја повлече поддршката на црногорската Влада изјави дека ДПС „ако не е во можност да и помогне, тогаш да не ѝ одмага на државата“.
–Ја поздравувам одлуката на Претседателството на ДПС. Одговорно и државнички е кога не сте во можност да ѝ помогнете на државата, барем да не ѝ одмагате, напиша Абазовиќ на Твитер.
Тој оцени дека треба да се види каков е ставот на мнозинството пратеници во Парламентот на Црна Гора.
Во меѓувреме политичката дебата за верските права во Црна Гора се заострува.
