Почетна Анализа СПАСЕНОВСKИ: Собранието не треба да брза и да го следи примерот на Украинската Рада
СПАСЕНОВСKИ: Собранието не треба да брза и да го следи примерот на Украинската Рада

СПАСЕНОВСKИ: Собранието не треба да брза и да го следи примерот на Украинската Рада

277
1

Дали собранието треба да постапи како украинскиот Парламент и да побара признавање на автокефалноста на МПЦ од Вселенскиот Патријарх, како што тоа го направи Украинската Рада. Оваа тема се наметнува, особено по одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија тоа барање на украинскиот парламент да не го одбие, туку да го стави во понатамошна процедура за разгледување.

Македонскиот парламент не треба да брза, па по примерот на украинскиот, да испрати свое барање за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА до Вселенската патријаршија бидејќи е неизвесно како сето тоа ќе заврши, вели во изјава за „Дневник“ Александар Спасеновски, поранешен пратеник и доцент на Правниот факултет во Скопје.

Тој, сепак, укажува дека постапката на патријархот Вартоломеј, кој го ставил во процедура барањето на украинскиот парламент да и ја признае автокефалноста на непризнаената Украинска православна црква – Kиевски патријархат, отвора низа дилеми.

– Фактот што Вселенската патријаршија го прифатила и го признала за легитимен акт на еден цивилен орган и институција каков што е тоа парламентот, многу кажува. Таа можела и да не го прифати, но, веројатно, има некои аргументи за тоа. Можеби се повикува на некои искуства од минатото. Тоа зборува дека за неа тој акт има правна сила. Овој потег треба да се гледа во светлина на политичките околности, како една политичка алатка во актуелниот судир кој се случува на релација меѓу Вселенската патријаршија и Руската православна црква околу доминацијата во православието, потенцира Спасеновски, кој докторира на тема: „Уставно-правен статус на религиите и на слободата на вероисповед“.

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и Киевскиот Патријарх Филарет
Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и Киевскиот Патријарх Филарет

Минатата недела Синодот на Вселенската патријаршија го процесуира барањето на украинската Рада за прогласување на автокефална УПЦ-KП, а што е невообичаено со оглед дека дошло од една политичка, а не црковна институција.

Спасеновски вели дека црковен Цариград можел и да го одбие барањето, но тоа не го направил. Според него, тоа не значи дека процесот ќе заврши со давање автокефалност, но и тоа не може да се исклучи. Доколку непризнаената Украинска црква добие автокефалност, смета тој, тоа ќе внесе големи промени во православието.

-Македонија како општество може само да го набљудува овој процес и да стекне искуство во кој правец би можело да се движи добивањето автокефалност. Ова не мора да значи дека сега и ние треба да направиме ист таков потег со што и нашиот парламент би упатил едно такво барање. Ние мора да водиме сметка за балансот на силите во православието. Ако забележавте, од МПЦ немаше ставови за приклонување на ниту еден центар на моќ поврзано за учеството на православниот собор на Kрит, околу што се случи конфронтацијата меѓу Москва и Цариград. МПЦ сега треба да извлече искуство како да постапи во врска со својот случај во релациите со СПЦ, потенцира Спасеновски.

Македонскиот парламент досега само во јануари 2004 година донел декларација за поддршка на автокефалноста на МПЦ. Во неа се наведува само дека Собранието на РМ ги „поддржува напорите на МПЦ за зачувување на единството, за признавањето на нејзиното име и нејзиниот автокефален статус од други православни цркви“. Овој собраниски документ беше донесен во период кога МПЦ претрпе удар од СПЦ која создаде паралелна црква во Македонија преку Јован Вранишкоски, кој и се приклучи. Но, тој не претставува барање до Вселенска патријаршија за признавање на автокефалноста какво што направи украинскиот парламент.

„Дневник“ вчера објави дека доколку Цариград го прифати украинското барање, тоа ќе значи збогување со обидите на Руската православна црква да воведе принцип на консензус кога е во прашање прогласување нечија црковна автокефалност. Во таква ситуација Вселенската патријаршија и Руската православна црква, како и други православни цркви, ќе може да третираат одделни, сега непризнаени цркви како автокефални, а тоа се случувало во блиско минато.

/ДНЕВНИК

Коментар(1)

  1. Prvo
    Ukrainskiot parlament ne e instanca koja e kompetentna da bara , nitu pak da resava crkvena avtokefalija, isto kako sto i carigradskiot episkop sto ne e kompetenten da resana necija avtokefalnost, osven na nekoja crkva koja se odvojuva od negovata eparhija, Spored toa i Makedonskiot parlament badijala ke praca baranje do istio nekompetenten faktor-pogresna adresa , carigradski episkop da i go resi ili priznae avtokrfslniot status. Pa se secavame koga CK na KPJ donese odluka za avtokefanost na MPC, ali nikoj to na go uvazi i pokraj toa sto na , zagoneten nacin go dovede i postavi Dositej Stojkovic , roden vo Smederevo, za prv poglavar na MPC.. Ne treba da se zamajuva javnosta so takvi nelogicni vasi amaterski novinarski pisanija .Crkvenite poslenici, za razlika od politickite, ja zanjat crkvenata procedura za priznavanje na neciji si avtokrfalen status. Ne pisuvajte samo da bi pisuvale , oti toa nema nema nikakva smisla, a pogotovo ne informativna , sto e vasa osnovna zadaca. Ne si pravete bajram so umot, koga vo nesto ne se razbirate ,a i toa ne e vas fah==crkovna tematika, koj e prilicnoslozena proces.
    Pozdarv od Otec Agapie

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *