
Сотировски го честиташе Велигден на Вселенскиот Патријарх и на поглаварите на соседните православни цркви
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски воспоставува нова практика. Сотировски за најголемиот христијански празник Воскресение – Христово Велигден, испратил честитки до Вселенскиот патријарх Вартоломеј и до поглаварите на Православните цркви од соседните држави, Грчкиoт Архиепископ Јероним, Српскиот Патријарх Иринеј, Бугарскиот Патријарх Неофит и Албанскиот Патријарх Анастасиј.
-Дозволете ми да Ви упатам срдечна честитка по повод најголемиот и најсветлиот, празникот на неизмерната радост Христовото Воскресение – Велигден. Ви упатувам искрени желби Христовото Воскресение да го дочекате во големо смирение, со срца полни со радост и воскресенска љубов.
Денот на Воскресението е, да се радуваме во торжеството на празникот и да се прегрнеме еден со друг. На оние кои нè мразат да им речеме: браќа! И да простиме сé заради воскресението, како што стои во пасхалната стихира.
Овие зборови на дело да ги покажуваме целата година која е пред нас, затоа што денес не се потсетуваме и не си спомнуваме само за историски настан, туку за вечната вистина. Само така воскресението ќе го почувствуваме внатре во нас самите, а истото ќе го почувствува и нашата татковина. Секој од нас е способен за повеќе, за подобро за вистинска човечност која на дело треба да се покажува постојано, пишува директорот на КОВЗРГ, Даријан Сотировски во честитката испратена до поглаварите на православните цркви од соседните држави и до Вселенскиот Патријарх.