Почетна Коментар Соработката помеѓу државата и верските заедници – клуч за нивната автономија
Соработката помеѓу државата и верските заедници – клуч за нивната автономија

Соработката помеѓу државата и верските заедници – клуч за нивната автономија

292
0

Изминатиов период, се реактуелизираше прашањето околу тоа дали финансиските контроли на верските заедници од аспект на плаќање даноци и придонеси претставуваат кршење на секуларноста и мешање во нивните внатрешни уредби. Финансиското работење на верските заедници за пошироката јавност долго време се сметаше за тема која навлегува во нивната автономија. Согласно Законот за правна положба на цркви, верски заедници и религиозни групи тие самостојно располагаат со стекнатите приходи, во согласност со закон и со прописите на црквата, верската заедница и религиозната група. Помошта што во рамките на црквите, џамииите и другите верски објекти им се дава на граѓаните е облик на непрофитно дејствување со социјални цели и според тоа верските заедници се непрофитни субјекти. Како такви тие не подлежат на плаќање данок и други давачки кон државата, т.е. нивното финансирање и трошењето на финансиските средства е според регулативата за непрофитните организации и организациите од јавен интерес. Тоа е модел кој се применува и во поголемиот дел од европските земји, па и во светот, меѓутоа, за разлика од Македонија, во тие држави овластените органи спроведуваат строга контрола и надзор на нивното материјално-финансиско работење.

Согласно Уставот на Република Македонија и законските прописи, верските заедници се одвоени од државата и се еднакви пред закон. Одвојувањето дава гаранции дека државата ја почитува автономијата на верските заедници и нема да се меша во нивното внатрешно управување, хиерархија и надлежности сe додека не работат во спротивност со законите и со правата и слободите на граѓаните гарантирани со националното и меѓународно право. Според Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група од 2007, уставите и прописите со кои тие ги уредуваат нивните надлежности околу финансиите треба бидат усогласени со позитивните законски прописи на Република Македонија, меѓународните декларации и конвенции за слободата на вероисповедта. Во истиот Закон, во член 4 е одредено дека верското убедување не го ослободува граѓанинот од обврските што како граѓанин ги има според Уставот, законите и другите прописи, што јасно и недвосмислено укажува дека верското убедување или верската припадност никому не му даваат за право да биде над законите или над Уставот.

На верските заедници кои традиционално постојат во нашата земја им се утврдени бројни финансиски погодности. Тие се ослободени од плаќање данок на извршените верски услуги, ДДВ, данок на имот кој се користи за верска дејност, административни такси. Даночните ослободувања се сметаат за сериозен поттик и на добротворните и ктиторските активности. И денес во дел од развиените, особено прекуокеански земји постои политика на ослободување од плаќање данок за вложувања во верски цели. Тоа е сосема разбирливо имајќи в предвид дека станува збор за најсветлите, најчовечните, најхуманите потреби на поединецот, на човечката заедница, кои се општ јавен интерес и го градат духовниот имиџ на една држава. Но, проблемите настануваат кога наместо негување на највисоките вредности, односно манифестирање на својата вера преку помагање на другите, верските заедници ќе се претворат во места во кои се шири говор на омраза, верска нетрпеливост, односно инструментализирање на верата за лични цели и за профит.

Излегувањето од транзиција нашето општество ги редефинираше секуларните вредности и мислам дека заврши времето кога начелото на одвоеност значеше табу кога станува збор за оваа тема. Дојдовме во време кога верските заедници треба слободно и без предрасуди заедно со сите општествени чинители во државата да влезат во еден јавен политички дискурс кој нема да значи загрозување на секуларноста, напротив зајакнување и заштита на нивната автономност. Тоа е една верска политика која нема да значи заплашување, туку еден коректив на власта, кога станува збор за социјална праведност, заштита на човечкото достоинство и слобода, взаемна грижа, солидарност и одговорност. Впрочем, тоа го направи Доналд Трамп во последно време, потпишувајќи го указот за слобода на говор и верската слобода со кој верските заедници нема да го изгубат нивниот даночен статус доколку отворено зборуваат за различни политички прашања или за своите кандидати во текот на изборниот период. Ваквата контрола на државата беше поздравена од многу религиозни групи во Америка, бидејќи значеше враќање на она што беше укинато со амандманот на Џонсон во 50-тите, а тоа е фундаменталното право на изразување и правото да се застане на браникот на татковината кога е тоа потребно.

Принципот на секуларност во земјите на Европската Унија најмногу се одразува токму во финансиската сфера, во делот на даночните ослободувања. Поддршката која верските заедници и религиозни групи ја добиваат од страна на државата произлегува од нивната активност во општеството, насочена кон доброто на граѓаните и остварување на јавниот интерес. Владата на Франција дефинира посебни критериуми според кои верските заедници во зависност од профитот што го остваруваат можат да бидат ослободени од плаќање даноци. На пример, заработката од продажба на свеќи и сувенири не се оданочува доколку годишната добивка од таа дејност не премине 50.000 евра. Во Германија, корпорациите и асоцијациите чија активност согласно нивниот акт на основање е исклучиво ориентирана кон верски цели се ослободени од даноци. Но, ова не се однесува доколку раководат со економска деловна единица, со исклучок ако истата е од земјоделска или шумарска дејност. Во Шведска ако верската заедница поседува компанија, економско здружение или фондација, тогаш таа не може да се регистрира како верска заедница, туку треба да создаде нова форма на здружување која ќе ги исполнува барањата на законот. Во Белгија и Луксембург, каде верските заедници во најголем дел се финансираат од државниот буџет, а верските службеници добиваат плата од државата, верските активности не подлежат на даночна пријава, но ова не важи за која било друга активност која носи профит. Дури и во земји како САД и Канада, државата постојано врши увид во нивните финансии преку даночните служби, и во секој момент може да го следи нивниот институционален пат. Во сите овие земји прашањето за финансиското работење не е прашање на загрозување на автономијата на верската заедница, туку прашање со кое државата покажува грижа за нивното добро, како и за доброто и заштитата на нејзините граѓани.

Финансиската поддршка на државата кон црквите и верските заедници не постои во одредбите на Уставот на РМ, туку е регулиран со член од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група кој вели дека нивното финансирање е според регулативите за непрофитните организации и организациите од општ јавен интерес. Во уставите на најголемите верски заедници во суштина е наведено дека парите се за верниците и дека тие одат за верниците и за нови градби. И државата и верските заедници имаат заеднички интерес, а тоа е-Република Македонија. Токму затоа, зачувувањето на автономијата на верските заедници е клучна, но не преку затварање во еден државен микроамбиент и префрлање на одговорност, туку преку начелото на кооперативност од кое ќе произлезе партнерство помеѓу државата и верските заедници за решавање на сите прашања кои се од заеднички интерес. Овој модел можеби не е идеален, но го практикуваат сите земји на Европската Унија. Доволно е да погледнеме во соседните земји за да сфатиме колку државата се грижи и соработува со верските заедници. Албанија издвои 3 милиони евра за верските заедници зошто тие работат за граѓаните. Од буџетот на Србија, секоја година се одвојуваат средства за помош и различни проекти за црквите и верските заедници-тој износ во една година изнесуваше околу 1,3 милијарди динари. Како параметар по кој процентуално се распределуваат средствата се користат податоците за верска припадност од пописот на населението. Хрватска врз основа на склучен договор со Римокатоличката, Православната црква и Исламската верска заедница, од државниот буџет секој месец издвојува 2.5% од просечната нето плата во републиката по свештеник и од тие средства се одредуваат платите за свештениците, заедно со придонесите. Во Црна Гора, во рамките на Комисијата за политички систем, постои ставка во буџетот да се издвојува 50% од вкупното задолжување за потребите од пензиско, инвалидско и здравствено осигурување на свештениците. Во Македонија соработката помеѓу државата и верските заедници е регулирана со општа одредба во постоечкиот Закон. Со денационализацијата на верските имоти се исправи една голема историска неправда од минатото кога истиот им беше одземен и беа ограничени во своето делување. Пензиското и здравственото осигурување на верските службеници, изградбата и обновата на верските објекти, заштитата на верското културно наследство, како и поддршката за средното теолошко образование, се областите во кои треба да се зајакне оваа соработка. Дијалогот го чува клучот на нивната автономија, државната и верската.

Бидејќи ниту една политика и ниту една активност не е позначајна од онаа каде најмногу допираат пораките на религијата-во срцата на луѓето.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *