Почетна Интервју Со Архиепископот Стефан пијам и кафе и чај
Со Архиепископот Стефан пијам и кафе и чај

Со Архиепископот Стефан пијам и кафе и чај

1.33K
0

ИНТЕРВЈУ:  х. Сулејман еф.Реџепи  – Реис ул Улема на ИВЗ

Sulejman Redzepi 1Поглаварот на Исламската Верска Заедница, Сулејман Реџепи смета дека поглаварите на верските заедници во Македонија ги чуваат и соживотот и меѓуверскиот дијалог. Интензивно комуницираат меѓу себе кога се потребни заеднички ставови по одредени прашања кои се во функција на градењето меѓуверска доверба, но се служува дека меѓуверската комуникација треба да се интензивира.

Реџепи, во интервјуто за Религија.мк, ја прифаќа иницијативата на порталот за заедничка средба и прошетка помеѓу него и Архиепископот Стефан низ Скопската Царшија и низ центарот на Скопје.

-Сум испил многу чаеви и кафиња со Архиепископот Стефан и повторно би го сторил тоа со задоволство. И не само со него. Ете, ова интервју нека биде покана за г.г. Стефан и за останатите верски поглавари во Македонија да повелат во срцето на Скопје, во старата скопска чаршија. Ќе ги прошетам за да се потсетат на убавините што не би требало да се заборават, да се потсетат дека чаршијата е единствениот преостанат вистински симбол на соживот и единствено место кое што не потсетува на минатото на Скопје и на неговата историја. Се сложувам дека комуникациите би требало да станат по интензивни, бидејќи така ќе стане по интензивно и нашето влијание и ќе можеме да даваме примери што би требало да допрат до свеста на луѓето, да покажеме дека во Македонија не само дека е пожелен соживотот, туку дека тој е императив и предуслов за опстанок и просперитет на оваа убава земја. Ете со ваша иницијатива и ќе прошетаме, вели Сулејман Реџепи во интервјуто за Религија.мк, одговарајќи на прашањата поврзани со потребата од поголема меѓуверска комуникација на претставниците на верските заедници во Македонија.

Реисот на ИВЗ, смета дека меѓурелигиските односи во Македонија се се уште на задоволително ниво, пред се благодарение на традиционално добрите односи и соживотот на припадниците на разни религии во ова поднебје.

-Нашите луѓе од секогаш се почитувале меѓусебно и тоа рефлектира и во односот на верските заедници меѓу себе. Тука, се разбира, ги исклучувам обидите за уплив на политиката во верските заедници и очигледното давање предност на една заедница дискриминирајќи ги другите. Околу тоа сум кажал многу и имам да кажам многу, но во оваа прилика ќе се воздржам поради деликатноста на времињата што ги живееме, вели за Религија.мк, Реџепи.

Според поглаварот на ИВЗ, годината што измина беше година на многу предизвици за верата на светско, особено поради фактот дека таа честопати беше злупотребувана за нечии интереси. Поглаварите на верските заедници, заедно со Комисијата за односи со веските заедници, потпишаа декларација за осуда на тероризмот. Но, Реџепи смеат дека е потребно многу повеќе од декларативни заложби

-Малку фајде има од осудите од кога ќе се случи некој злостор, тогаш само можеме да жалиме и да се обидуваме да ги утешиме блиските на загинатите.
Значи, јас сум за превентивна акција во широки размери што ќе подразбира организираност и одговорност на тие што ќе се вклучат во акцијата. Се разбира, во таквите акции, верските заедници можат само да помогнат, но носители треба да бидат соодветни институции, политиката, вели Поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи во интервјуто за Религија.мк.

РЕЛИГИЈА.МК: Годината што помина беше година во која се случија привирања во Исламската Вреска Заедница, имаше обиди за преврат, по што работите се смирија. Каква е сега состојбата во ИВЗ, како Вие ја оценуватe 2015 година во поглед на успешноста за исламската верска заедница?
ЕФ. РЕЏЕПИ: Годината 2015 јас не ја паметам по обидот за преврат, туку по сплотеноста на исламските верници со ИВЗ и со нејзините претставници, со нејзините службеници, со имамите кои што цврсто застанаа на страната на вистината и на вистинските интереси на Исламот.

Тој обид за “преврат“ како што го нарекувате вие, е нешто што и јас, и сите ние во Исламската Заедница веќе сме го заборавиле како што сме ги заборавиле и иницијаторите на тој обид да се дестабилизира единствената институција на муслиманите во Македонија. Такви луѓе отсекогаш имало и ќе има во нашето друштво, ама јас ги сметам едноставно како маргиналци што своите претензии не успеваат да ги реализираат во склопот на институциите поради својата неспособност и не знаење.

Кога неспособни и луѓе без знаење ќе се соберат на купче и кога е очигледно дека тие се во спрега со криминалот и со ѓаволот, се случуваат “преврати“ ама, за среќа, никогаш не успеваат.
Граѓаните воопшто и верниците посебно знаат да се спротивстават на злото, и токму затоа јас сум сосема мирен и спокоен. А состојбата во ИВЗ , ви гарантирам, е сосема нормална, нема ниту нај мала трага од обидите со кои нејзините противници сакаа да и наштетат.
А, изминатата година ја сметам за многу успешна поради низа успешни активности кои ја одбележаа нашата работа и кои што се општо познати.

РЕЛИГИЈА.МК: Неодамна се појавија информации во јавноста дека преку лицата кои беа осомничени за фалсификување документи и лични карти, претставници на ИВЗ биле уценувани со вакви фалсификувани документи. Дали за овој случај се запознаени институциите во Македонија?
ЕФ. РЕЏЕПИ: За жал, Македонија ја тресат низа скандали во последно време и тие во јавноста добиваат разни конотации, се шпекулира со се и сешто, се пласираат дезинформации и измислици, се фабрикуваат приказни и се шират нај монструозни лаги. Исламската Верска Заедница во Македонија нема никаква врска со сето тоа и нејзиниот став е дека компетентните органи треба да си ја завршат својата работа и да ја кажат вистината на јавноста. Друг начин не постои, не смее улицата да го профилира јавното мнение бидејќи тогаш настапува анархија и безредие.

И за конкретниот случај за кој што ме прашувате мислам дека треба да се разреши преку органите за прогон и да добие разрешница во судските инстанци. Напоменувам, дека ИВЗ не била и не може да биде уценувана од никого за ништо, бидејќи е сосема чиста во секој поглед, таа се бави со проблемите на исламските верници, а не со лични карти.

РЕЛИГИЈА.МК: 2015 беше година во која се случија серија терористички напади во светот во кои верата беше предмет на злупотреба. Вие заедно со сите останати верски поглавари во Македонија и со Комисијата за односи со верските заедници потпишавте декларација за осуда на тероризмот, мотивиран од религиски побуди. Дали ваквите апели на верските поглавари можат да дадат резултати?
ЕФ. РЕЏЕПИ: Да, за жал, се случија терористички напади низ целиот свет. Имаше многу жртви во Сирија, Либан, Турција, Франција… Ме боли фактот што во нај големиот број на тие акти, Исламот беше етикетиран како мотивирачкиот фактор, а всушност тој е злоупотребен на нај флагрантен начин од луѓе кои што ниту во еден случај немаат право да се повикуваат на Исламот.

Јас моите ставови околу тероризмот од која било провениенција ги изнесувам јавно веќе две децении, тие можете да ги прочитате во моите книги, во моите колумни и во моите обраќања на разни конференции и собири.
Точно е дека сум потпишал декларација за осуда на тероризмот заедно со останатите верски поглавари во Македонија, а такви декларации сум потпишал и во многу по широки состави низ светот. Верувам дека обраќањата на верските поглавари даваат резултати и влијаат на луѓето, ама јас мислам дека против сите зла во општеството, значи и против тероризмот, треба сите заедно да се бориме превентивно, да делуваме и локално и глобално. Малку фајде има од осудите од кога ќе се случи некој злостор, тогаш само можеме да жалиме и да се обидуваме да ги утешиме блиските на загинатите.

Значи, јас сум за превентивна акција во широки размери што ќе подразбира организираност и одговорност на тие што ќе се вклучат во акцијата. Се разбира, во таквите акции, верските заедници можат само да помогнат, но носители треба да бидат соодветни институции, политиката…

РЕЛИГИЈА.МК: Она што е особено загрижувачки во светски рамки е напливот на исламофобија што се појавува по оние немили настани. Едноставно некои се обидуваат да го поистоветат целиот Ислам со овие настани, па се случуваа и напади врз муслиманите во Европа како контрареакција. Како да се одговори на овие појави?
ЕФ. РЕЏЕПИ: Јас напишав после злосторот во Париз дека и исламофобијата е тероризам, не по мал од самиот тероризам, бидејќи потикнува на омраза и злостор. Исламофобијата не е нова појава, таа е забележана многу одамна и е плод на непознавањето на Исламот, на неговото погрешно толкување. Да го поистоветиш Исламот со тероризмот е бласфемично, тоа значи не почитување и непознавање на Исламот, но и застранување од христијанството, бидејќи вистинскиот и добриот христијанин знае што значи оцрнување на туѓата вера и верување.

За сите терористички акти, за сите погроми и масакри сторени од христијани, јас никогаш не сум го обвинил христијанството.

На исламофобијата, како и на антихристијанските чувства, треба да се одговори со дијалог и толеранција, токму како што наредува Алах џ.ш. Многу е лесно да се шири омраза и да се создава раздор меѓу луѓето од различна етничка и верска припадност, нарочито во времето на толку забрзаниот развој на медиумите. Но, љубовта и разбирањето меѓу луѓето се тие што го движат човештвото и кон тоа треба да стремиме.

РЕЛИГИЈА.МК: За разлика од оние кои ја злупотребуваат верата и религијата за политички цели и предизвикуваат конфликти, имавме многу други примери кога во кризните региони на блискиот исток, вистинските верници муслимани ги штитеа храмовите на тамошните христијани од нападите на џихадистите. Се сеќавате на тие слики. Но, тие информации како слабо да допираат до светската јавност. Колку верските лидери, свештеници можат да помогнат во презентација на вистинските вредности на религијата?
ЕФ. РЕЏЕПИ: Исламот заповеда да се заштитат храмовите на другите религии и да се заштитат недолжните припадници на другите религии па така, тој што не го чини тоа не може да претендира дека е муслиман и дека живее по Божјите закони.

Во нашата вера, секој Божји храм е свет. Не знам да ли ви е познато, но според исламските правила, ако се затекнеш во црква во време на намаз, слободно може да клањаш и во црква. Тоа кажува се, мислам. А тие што уништуваат Божји домови, било христијански или муслимански, ќе одговараат пред Алах.

Е сега, кога сите новинари и медиуми трчаат по приказни со кои што сакаат да ја обвинат едната страна за сите лошотии, а другата да ја амнестираат од се, многу е тешко да допре целосната вистина до обичниот човек. На верските лидери останува да се потрудат и да изнајдат начини да ја пласираат вистината меѓу луѓето, бидејќи тоа им е една од основните должности. Ви текнува дека пред неко време на два пати беше нападната џамијата во Крива Паланка ама вистината остана задскриена, за жал.

Ние сите не покажавме доблест па да застанеме заедно во одбрана и подигање на една мала џамија во градот во кој што некогаш имало шеесет џамии. Се разбира, така би требало да постапиме и во случај да се нападне некоја црква.

РЕЛИГИЈА.МК: Како ги оценувате меѓурелигискиите односи во Македонија, на институционално ниво меѓу верските заедници, од една страна и во општеството меѓу самите верници од различна вероисповест, од друга страна?
ЕФ. РЕЏЕПИ: Меѓурелигиските односи во Македонија ценам дека се се уште на задоволително ниво, пред се благодарение на традиционално добрите односи и соживотот на припадниците на разни религии во ова поднебје. Нашите луѓе од секогаш се почитувале меѓусебно и тоа рефлектира и во односот на верските заедници меѓу себе. Тука, се разбира, ги исклучувам обидите за уплив на политиката во верските заедници и очигледното давање предност на една заедница дискриминирајќи ги другите. Околу тоа сум кажал многу и имам да кажам многу, но во оваа прилика ќе се воздржам поради деликатноста на времињата што ги живееме.
Секако, во оваа држава во која што со векови функционираат повеќе вери, по голема одговорност паѓа на поголемите заедници кои што би требало да покажат спремност и да го подигнат гласот против секој вид дискриминација на друга верска заедница.

РЕЛИГИЈА.МК: Во јавноста владее едно чувство дека верските поглавари многу ретко, или речиси да не комуницираат меѓу себе?
ЕФ. РЕЏЕПИ: Мислам дека е погрешно тоа чувство, бидејќи ние комуницираме сосема нормално, зависно од моментите и потребите, а нашите средби не се толку ретки. За се што е битно во општеството, за се што претставува по сериозен проблем ние комуницираме и се обидуваме да изградиме заеднички ставови.

Се сложувам дека комуникациите би требало да станат по интензивни, бидејќи така ќе стане по интензивно и нашето влијание и ќе можеме да даваме примери што би требало да допрат до свеста на луѓето, да покажеме дека во Македонија не само дека е пожелен соживотот, туку дека тој е императив и предуслов за опстанок и просперитет на оваа убава земја.

РЕЛИГИЈА.МК: Кога последен пат сте разговарале со Поглаварот на МПЦ или со претставници на останатите верски заедници во Македонија?
ЕФ. РЕЏЕПИ: Сум имал многу средби со Поглаварот на МПЦ кого што го почитувам и за кого имам високо мислење, иако можеби секогаш не се сложуваме за се, ама тоа е нормално нели. Мислам дека е битен квалитетот и содржајноста на нашите средби и договори, а не бројноста.

РЕЛИГИЈА.МК: Би испиле ли заедничко кафе, чај или некој ручек со Архиепископот Стефан во старата чаршија, или во центарот на Скопје?
ЕФ. РЕЏЕПИ: Сум испил многу чаеви и кафиња со Архиепископот Стефан и повторно би го сторил тоа со задоволство. И не само со него. Ете, ова интервју нека биде покана за г.г. Стефан и за останатите верски поглавари во Македонија да повелат во срцето на Скопје, во старата скопска чаршија. Ќе ги прошетам за да се потсетат на убавините што не би требало да се заборават, да се потсетат дека чаршијата е единствениот преостанат вистински симбол на соживот и единствено место кое што не потсетува на минатото на Скопје и на неговата историја.

Ве поканувам и вас новинарите да дојдете. Леб, сол и срце секогаш има во старата скопска чаршија. И добар чај, па бујрум.

РЕЛИГИЈА.МК: Ве прашувам, затоа што обичните верници многу ретко ве гледаат на улица заеднички?
ЕФ. РЕЏЕПИ: За жал, тоа е точно и многу е жално, но тоа верувам говори и за нашата презафатеност со обврските кои што ги имаме како поглавари на најголемите верски заедници во Македонија. Верувајте, имам многу потреба да прошетам од време на време како и секој граѓанин, но тоа го чинам многу ретко и тоа е дел на жртвувањето што го бара од мене мојата функција.

Верувам така е и со г.г. Стефан. Но, ете со ваша иницијатива ќе прошетаме.

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *