Смирението како еклисиолошка сила и гордоста како пат кон раскол – Православна анализа на современите движења од Рим до Москва

Date:

Share post:

Современиот однос меѓу Католичката и Православната Црква повторно го отвора древното прашање што ја придвижува историјата на Црквата уште од апостолските времиња: која е таа сила која го гради единството, а која го разорува?

Во моментот кога Папата јавно ја покажува подготвеноста да го релативизира Filioque – додаток што повеќе од илјада години стои во срцето на западното богословие – се случува еден редок гест на еклисиолошка самопонизност. Не станува збор за догматско повлекување, ниту за промена на латинското богословие, туку за признавање дека единството на христијаните има поголема тежина од историскиот сентимент на Западот кон формулацијата што некогаш го поделила христијанскиот свет.

За православниот богослов, овој чекор не треба да се гледа како победа или пораз, туку како чин што во себе го носи духот на кенозата – Христовото доброволно смирување заради спасението на другите.

Во исто време, наспроти овој импулс на смирување, Мосаковската патријаршија настапува со спротивна енергија – не заради догматско сведоштво, туку поради геополитичка нервоза и идеолошка структура која црковниот простор го заменува со политичко влијание. Руската Црква денес не се движи кон единство, туку кон зацврстување на сопствениот домен, дури и по цена на раскол со останатиот православен свет. Она што е најзагрижувачко не е само постапката, туку духот што стои зад неа: православната соборност – универзалноста на Црквата – се заменува со етнофилетизам, со национално-идеолошки проект кој ги подрива најдлабоките темели на православната еклисиологија.

Соборноста, која го изразува животот на Црквата како заедничко носење на вистината, се заменува со централизација зависна од политички наративи и државни стратегии. Овде станува видлива една длабока духовна симетрија.

Кога една Црква се самоограничува заради мир, таа го повторува Христовиот гест на смирение; кога друга Црква се зацврстува во моќ, таа го повторува падот на старозаветните царства кои ги заменуваа Божјите повици со своите амбиции. Историјата на Црквата говори јасно: каде што смирението води, таму Светиот Дух создава простор за заедништво; каде што гордоста владее, таму единството се пропаѓа како песок.

Потегот на Рим не значи дека православието треба да прифати папски примат или да попушти во догмата; напротив, неговата мисија е да посведочи дека вистинското единство се раѓа од смирение и верност на Преданието, а не од административни структури на власт. Повикот е да се воочи разликата во духовната енергија: Рим се обидува да гради мостови преку симболички гестови на смирување, додека Москва ги подига ѕидовите преку политизирани закани, повлекување и изолација. Тука е горчливата иронија: православието кое се повикува на чистота и ревност станува најнечисто кога сопствениот народ, сопствената држава и сопствениот геополитички интерес стануваат „висока догма“, поважна и од вселенските собори, и од свештеното Предание, и од Христовиот повик кон миротворство.

Папскиот гест не ја решава догматската разлика, но покажува дека единството се гради преку смирение. Руската позиција не ја брани вистината, туку ја обвиткува вистината во идеолошки слој кој ја гуши секоја соборност.

На една страна имаме смирение кое тежнее кон заедништво; на другата има моќ која произведува раскол. За православната мисла ова не е политичка анализа, туку духовна дијагноза: таму каде што смирението исчезнува, Божјиот благослов бледнее; таму каде што гордоста води, разумот се затемнува; таму каде што политиката ја заменува светоста, Црквата станува сенка на самата себе.

Оваа криза не е повик да го идеализираме Рим, ниту да го демонизираме Истокот, туку да ја препознаеме суштината на Православната вера: единството не се создава со сила, туку со длабоко смирение; не се чува со геополитички стратегии, туку со светоотечкиот дух на покајание и соборност. Светите Отци не ни оставија формули како да надвладееме над другите, туку како да се понизиме за да пребиваме во вистината.

Во таа светлина станува јасно: Црквата што се смирува станува орудие на мирот; Црквата што бара моќ станува творец на раскол. Или, со зборовите на древната мудрост што секогаш се покажала точна: каде што нема смирение, нема ни Дух; каде што нема Дух, нема ни единство.

А.Т.

2 COMMENTS

  1. Авторот на текстот нема абер од материјата што ја разгледува. А мисли дека нешто знае. Најлошо од се’, нема никаков осет за римокатолицизмот како духовен простор.

  2. Впрочем, првиот гест на добра волја ич не треба да почне со расчистување на некакви теолошки бауци. Кажете им за почеток да ги уништат “фреските” на Микеланџело или барем да прекинат какво било богослужење во развратниот уметнички амбиент на Апостолската Палата (на фамозната Систинска капела на пример), и ќе видите што ќе се случи. А тоа треба да е само мал почеток и гест на покајание пред Господ, не пред православните – пред нивните духовни чеда пред се’, пред сите оние туристи што ги трујат со богопоучните вредности на “ненадминатата естетика” на ватиканските фрески, која никој не знае како и кого би довела до молитвено расположение, а камоли до некакво основно смирение. Еротските тежнеења на неколкумина италијански сликари да живописаат што повеќе заносни голи тела небаре за да го доловат библискиот потоп и уметнички најнеписмениот набљудувач можат да го уверат дека потоп всушност таму ни нема, туку некоја маскирана подготовка за оргии – пардон, баханалии! – со лоша организација, ама со мошне добро градени актери. Кај нивните фрески можеме да говориме за мајстори на анатомијата и сензуалноста, од богоспознајни вредности или намери таму нема ни ‘Б’. А тоа не е случајно. На таа материја со векови се пали половина Италија со се’ Ватикан. Таму е всушност гордоста на нивните врвни плодови. Грандиозните созерцатели на Големата Слика без проблем ќе го релативизираат Филиокве, зашто релативизирањето е суштината на нивната духовна патека. Тие дури чуваат архиви за позајмените ликови на современици кои послужиле како модели за разни фрески. Како ви се чини? Блиско? Набожно? Свето? Профано? Црно? Бело? Не, на истата планета сме, само има една невидлива завеса што го дели нашето егзистенцијално рамниште од нивното дури и кога живееме на исто место. Опасноста е во тоа што за многумина од нив (зборуваме претежно за елитата и во смисла на клир и меѓу останатите подвижници ) Црквата е еден вид казино, а за нас е место за плачење, благодарење, средба со Бога. Да не заборавиме со кого би се коцкале без да знаеме дека веќе сме влегле во тоа казино кај што иако хипотеките одамна му течат ќе ни нудат да играме на вересија. Се плашам дека за нив нашите вредности не ни постојат, затоа не би ни барале да ги релативизираме. За нив плодовите на православните и онака се ништожни. Тоа е и вековниот и современиот опит од “меѓусебниот дијалог”. Дал Господ и современи, живи светители меѓу нив, но тие себеси се доживуваат како православни, иако веројатно никогаш нема ни да го официјализираат тоа. На Русите играта им е добро позната: тие одлично го сфаќаат тоа казино, и знаат да одиграат маестрално, но честа да ја имаат својата заедница со Бога не сакаат да ја напуштат. Исто и ние.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img