Почетна Анализа Сменет и протоколот за погребување
Сменет и протоколот за погребување

Сменет и протоколот за погребување

756
0

КАКО РЕЗУЛТАТ НА ПАНДЕМИЈАТА СО КОРОНАВИРУСОТ

Погребувањето на починатите лица што биле заразени од коронавирусот е процес што се одвива во неколку фази, дефиниран по строги протоколи. Сите тела на починатите се третираат со посебни мерки и заштитни механизми, пропишани за случаи со заразни болести. Oвие превентивни мерки се во функција да се спречи каква било опасност од дополнително ширење на вирусот, кој, според епидемиолозите, може да се задржи во телата на починатите.
Откако беа воведени заштитните и вонредните мерки во државата, беше сменет протоколот за погребување на сите починати лица во земјава, па, според него, се ограничува бројот на присутните во капела и тоа само на членовите на најблиското семејство, не се врши опело од свештеник во капела, туку само на гробното место на отворен простор, а потоа не смее да се раздава храна на гробното место, како што наложуваат некои народни обичаи.

Сепак, епидемиолозите сѐ уште немаат точен одговор колку долго вирусот може да биде присутен во мртво тело. Изминатиот период, од кога е дијагностицирано присуство на вирусот во Македонија, имаше случаи кога и постхумно беа земани брисеви за анализа, кои потоа беа позитивни на коронавирусот.
Најкарактеристичен е случајот со починатата жена од Велес, кај која беше детектиран ковид-19, а сомнежите се дека таа починала уште во јануари годинава. Обдукцијата на телото на велешанката и утврдувањето на точниот датум на нејзината смрт треба да откријат многу одговори во оваа насока.

Во меѓувреме, е воспоставен протокол за обезбедување, транспорт и погребување на починато лице од коронавирусот, кој подразбира пет фази, од кои првата е обезбедување и заштита на персоналот што постапува со телото, втората е подготовка на телото, третата е завиткување на трупот по строги процедури, четвртата е транспорт на трупот до локацијата за погреб и последната е целосна дезинфекција на просторот каде што престојувало починатото лице. Овие процедури имаат свои посебни потпроцедури, кои се пропишани за лица починати во домашни услови и за лица починати во болнички услови. Здравствените власти велат дека овие протоколи мораат да ги почитуваат медицинскиот персонал, семејствата на починатите и операторите на погребните претпријатија.

Според процедурата, која е пропишана за постапување со телата на починати лица во домашни услови што се сомнителни или потврдени на ковид-19, не смее да се допира или да се бакнува мртвото тело од страна на семејството, не смее да се пренесува телото и веднаш семејството треба да повика локален оперативен сервис за погребување.

– Вработените во погребниот сервис за погребни услуги мораат да носат комплетна заштитна облека, го подигнуваат телото завиткано во чаршаф натопен во средство за дезинфекција, кое се става во затворено ќесе за леш. Потоа се става во ковчег и се транспортира до гробиштата. Починатото лице веднаш се погребува без претходно носење во капела или спроведување и практикување на верските обичаи. Ковчегот не смее да се отвора. Погребот се врши во најтесниот круг на семејството со присуство на најмногу пет лица, без погребни церемонии. Не смее да се дели храна за време на погребната церемонија – стои во протоколот.

Исто така, кога пациент ќе почине во болнички услови има посебен протокол за превенција од инфекција, според кој персоналот што постапува со телото треба да биде заштитен со носење лична заштитна опрема.
– Се затвораат сите рани што може да ги има пациентот, а потребно е и завиткување на трупот во чаршаф натопен со средства за дезинфекција на база на хлор и ставање во ќесе за леш. Потоа телото се пренесува во сандак и се носи во погребната фирма, која управува со гробиштата во одредено населено место – пишува во протоколот.
Ѓорѓе Матевски, генералниот директор на АД „Бутел“, кое ги врши погребните услуги на гробиштата во Камник, Ѓорче Петров и Бутел во Скопје, вели дека досега биле погребени шест лица што починале од компликација од коронавирусот. Тој објаснува дека нивните тела не се изложуваат во капела, туку директно се носат на погребување на одредено гробно место.

– Имаме посебен правилник по кој постапуваме за обезбедување погребна услуга на починато лице од заразни болести. За лицата што се погребуваат на трите локации на АД „Бутел“, се одговорни различни оператори на погребни услуги, кои ја спроведуваат целата постапка. Ние даваме одобрение за извршување на погребот. Овозможуваме и чување на телата, кои треба да се пренесат за погреб во друг град. За таа цел имаме посебна просторија со девет ладилници наменета за лица починати од заразна болест – посочува Матевски.
И тој потсетува дека протоколите за погребување се сменети генерално за сите починати лица, според препораките и пропишаните мерки на здравствените власти.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *