Почетна Коментар Случувањата во Црна Гора и во Украина кaкo лекции за секуларизмот
Случувањата во Црна Гора и во Украина кaкo лекции за секуларизмот

Случувањата во Црна Гора и во Украина кaкo лекции за секуларизмот

374
3

Два впечатливи настана изминатите денови, повторно на површина го извадија комплексниот свет на односите помеѓу демократската држава од една страна и православната црква од друга страна. Во конкретна смисла, станува збор за ефектите од официјалната повеќедневна посета на Украина на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, како и за ефектите од јавните политички судири во Црна Гора кои кулминираа со големи протести против најавеното устоличување на новиот митрополит на Црногорско-приморската митрополија (ЦПМ) на Српската православна црква (СПЦ), г. Јоаникиј, во Цетиње. И двата настана содржат важни елементи кои фрлаат ново светло во однос на старата дебата за границите на секуларзмот во државите каде поголем дел од граѓаните се православни христијани.

Во однос на првиот настан, на еден впечатлив начин можеше да се увиди колосалниот ефект на потегот на Вселенската Патријаршија (ВП) за доделување томос за автокефалност на Православната црква во Украина (ПЦУ). Имено, со овој потег на ВП, оваа црква прерасна во официјална верска заедница државата наспроти Православна црква на Украина (Московски патријархат) која продолжува да ги одржува цврстите релации со Москва паралелно со тоа губејќи дел од порано стекнатите позиции во Украина. Во оваа смисла, серијата средби на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј придружуван од поглаварот на ПЦУ Епифаниј, со претседателот на државата, со премиерот, со политичките лидери, со други општествени и верски лица, вклучувајќи го и присуството на официјалната прослава по повод триесетгодишнината од независноста на Украина, испраќаат една јасна порака за големата важност од постоењето на еден симфоничен, однос помеѓу државната и црковната власт кои меѓу себе се поддржуваат и си помагаат.

Во врска со Црна Гора, пак, претстојното устоличување на митрполитот Јоаникиј на површина ја извади целата комплексност на конфронтирачките политичко-црковни односи во оваа држава. Конкретно, ЦПМ на СПЦ предводена од сега починатиот Митрополит Амфилохиј, пред повеќе од една година преку повеќемесечните протестни литии против Законот за слобода на вероисповед кои се трансформираа во антивладини протести одигра клучна улога во првата демократска промена на власта во Црна Гора, на парламентарните изборите од август 2020. Меѓутоа, сега работите се движат во обратна насока. Имено, претставниците на сменетиот суверенистички блок предводен од Демократската партија на Социјалиститите (ДПС) на Претседателот Мило Ѓукановиќ, денес се главните предводници на масовните протести против ЦПМ на СПЦ која ја доживуваат како експонент на српските интереси во оваа држава. На овој начин, делови од политиката во Црна Гора одново директно се вклучуваат во рушењето на монополот врз верскиот живот на православните христијани што го има ЦПМ на СПЦ, натамошно ослободувајќи нов простор во општеството кој треба да го пополни непризнаената Црногорска православна црква (ЦПЦ).

Преку примерите со Украина и со Црна Гора многу јасно може да се забележи колку е испреплетени односите помѓу православната црква и државата. Овој однос често пати е неразбран од страна на западната европска секуларна мисла која во светло на воспоставените демократски стандарди нештата ги гледа низ призма на начелата на верскиот плурализам во општа смисла, но и конкретно кога станува збор за одделни верски учења. Сепак, во државите во кои доминантна верска заедница се православните христијани постојат изразени тенденции за инсталирање на еден поинаков модел на релации помеѓу црквата и државата кои се сведуваат на следните елементи:

Прво, моделот на секуларизам кај православните држави црпи искуство од традициите на мнозинското население од православната верзија на христијанството, кое, како и останатата православна екумена, за свој модел на идеална држава ја зема Византиската империја;

Второ, Византија за разлика од воспоставените меѓународни станарди на одвоеност на црквата од државата, почива на системот на единство (симфонија) помеѓу двете власти;

Трето, во овој модел, православната црква својата примарна цел не ја остварува само врз основа на активност во насока на остварување на темелните духовни премиси, туку таа е во функција и на овоземната конкретна држава чиј составен дел е;

Четврто, во контекст на претходното, доколку црквата не се поврзува со државата, таквата држава се верува дека не е до крај функционална. Затоа, меѓу другото, и јурисдикацијата на православната црква се поврзува со конкретните државни граници при што доколку границите на државата се прошират, очекувано се проширува и јурисдикцијата на црквата. И обратно. Доколку јурисдикцијата на црквата се прошири, во тој случај на површина излегуваат и политички тенденции за промена на државните граници.

Пишува: проф. д-р Александар Спасеновски

Коментар(3)

  1. Какви се тие модели на секуларизам повикувајќи се на Византиските традиции (?!) кога Византија како држава е одамна отидена во историјата (да не заборавиме, помеѓу Византискиот цар и денешните претседатели постои разлика како од земјата до небото) во кои се погазува самиот секуларизам останува неразјаснето. Професорот овде очигледно се повикува на квазиправна наука на нововековното право!Имено, на студиите по право не сме учеле за ништо такво како “византиски модел на секуларизам”! Човекот очигледно ја помешал својата лична вера и преференции со својата професионална вокација!

  2. Едно е тесната соработка на државата со верските заедници заради унапредување на општата благосостојба во општеството, а сосема друго поистоветувањето на верата со државата! Тие две работи се сосема различни.

  3. Инаку во Црна Гора не постои никаков ниту црковен ниту граѓански проблем, а вандалски. Имено кој сака да си создаде автокефална Црногорска православна црква е слободен во тоа, ниту Црквата ниту држава им брани (што за жал не е случај кај нас бидејќи ние имаме, како што рече професорот “византиски секуларизам и православна држава?!” ) без да узурпира нешто што не му припаѓа по ниедно право. Така, уважен професоре Александар во право сте само за една работа , а тоа е дека ова е лекција по секуларизам!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *