Почетна Анализа Слово за црквата и државата
Слово за црквата и државата

Слово за црквата и државата

198
0

Автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), како едно од малкуте отворени колосални прашања во македонското општество, оправдано го предизвикува вниманието на огромниот дел од јавноста. Степенот на темелност, пак, со којa пристапуваат граѓаните во анализата на споделените ставови кои доаѓаат од разни страни е резултат пред сé на огромната сензитивност која, пак, одговара на големината и значењето на вероисповедта во животот на граѓаните на Република Македонија (РМ), чиј дел се и мнозинството православни христијани.

Имајќи го предвид споменатото, како прилог кон јавната дебата, која повторно го засили својот интензитет, меѓу другото и со продуцирањето на анализи и ставови од повеќе центри, чувствувам потреба да дадам сопствен придонес во врска со три теми за кои верувам дека е важно повеќе да се разјаснат.

Институциите препознаваат една православна црква спомната во Уставот

 Системот кој беше поставен со донесувањето на Уставот од 17 ноември 1991 ја проектираше РМ како граѓанска и демократска држава, чиј модел на секуларизам се темели на 3 столбови: прво, меѓународните западноевропски стандарди; второ, традициите на мнозинското население кое го исповедува православното христијанство и трето, реалностите на постојниот верски пејзаж, односно неговата хетерогеност.

Во врска со темата од поднасловот во овој дел, за нас се важни првиот и вториот столб кои се основата на нашиот уставно-правен систем во овој дел.

Меѓународните западноевропски стандарди, кои се инкорпорирани во нашиот уставно-правен систем, иако својот зародиш го имаат уште со почетоците на протестантизмот, се изградени како теоретски модел за природните права во 17 и во 18 век, процес што ја зафаќа Западна Европа и Северна Америка. Според овие идеи, како што е забележано, човековите права и слободи се разбираат како секуларизирана верзија на јудео-христијанската етика, додека на прашањето на односите помеѓу државата и верските организации му се приоѓа низ призмата на моделот на нивната одвоеност. На темелот на споменатите премиси, во 1776 е донесена Американската декларација за независност, во 1789 во револуционерна Франција е усвоена Декларацијата за правата на човекот и на граѓанинот, како и подоцна, во 1791 – Американската повелба за правата. Со тоа се поставуваат основите на денешниот систем на човековите права и слободи, чиј дел се и верските слободи и права. Овие темелни поставки подоцна со развојот на современата уставност, наоѓаат свое место во уставите на западноевропските држави, како и во меѓународните документи чиј врв е Универзалната декларација за човековите права на Обединетите нации (ОН) од 1948. Подоцна, меѓу другото, на темелот на овие стандарди беа создавани меѓународните регионални организации какви што се Советот на Европа (СЕ), но и Северноатлантската договорна алијанса (НАТО) и Европската унија (ЕУ), кои, исто така, усвојуваат други меѓународни прописи, со кои дополнително се прецизираат правните рамки, меѓу друго, и во однос на споменатите прашања со усвојување на други меѓународни конвенции, кои се прифатени од државите-членки со што стануваат дел од нивните внатрешни правни поредоци.

Македонскиот модел на секуларизам црпи искуство и од традициите на мнозинското население до православната верзија на христијанството, кое, како и останатата православна екумена, за свој модел на идеална држава ја зема Византиската Империја. Византија за разлика од погореанализираните меѓународни стандарди на одвоеност на црквата од државата, почива на системот на единство (симфонија) помеѓу двете власти. Во овој модел, православната црква својата примарна цел не ја остварува само врз основа на активност во насока на остварување на темелните духовни премиси, туку таа е во функција и на овоземната конкретна држава чиј составен дел е. Оттаму, доколку црквата не се поврзува со државата, таквата држава не е до крај функционална. Затоа, меѓу другото, и јурисдикацијата на православната црква се поврзува со конкретните државни граници, при што доколку границите на државата се прошират, очекувано се проширува и јурисдикцијата на црквата. И обратно. Доколку јурисдикцијата на црквата се прошири, во тој случај на површина излегуваат и политички тенденции за промена на државните граници. Во крајна линија, пак, во периодите кога православните народи потпаѓаат под ропство, црквата е таа која го „одржува огнот“ за повторна обнова на државноста на подрачјата што сè уште се под нејзина јурисдикција.

Низ призма на споменатото, очигледна е извесната различност на двата концепта, кои го чинат комплотот на македонскиот модел на секуларизам. Имено, за разлика од денешните меѓународни стандарди, каде заради концептот на одвоеноста на духовната од световната власт е отворен патот на плурализмот, православниот европски исток почива на единството на црковната и световната власт, односно повеќе се карактеризира со државна монолитност и колективизам. Сепак, имајќи ја предвид ваквата реалност, државите во кои мнозинството се православните христијани, во рамките на нивните заложби за градење на демократски поредок, силно настојуваат да изградат систем во кој ќе се покаже дека е можно да се имплементираат меѓународните стандарди, од една страна, но и традициите на православните хрстијани, од друга страна. Во оваа смисла, постојат повеќе успешни примери во случаите со соседите Грција, Бугарија и Србија. Во оваа смисла, истото може да се заклучи и за Република Македонија.

Водејќи се од споменатото, во случајот со нашата држава, на соодветен начин беа конструирани соодветните одредби во Уставот, како и останатите закони од оваа област. Така, во членот 19 од Уставот, државата се обврзува дека ја гарантира слободата на вероисповед (став 1), па според тоа на граѓаните им дозволува слободно јавно, поединечно или во заедница со други да ја изразуваат верата (став 2). На темелот на овие два става, понатаму, навлегувајќи поконкретно во реалноста на верското живеење, уставотворецот предвидува дека МПЦ, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата (став 3) и, исто така, по истиот именичен редослед се констатира дека споменатите вероисповеди се слободни во основањето верски училишта, социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон (став 4). Врз основа на споменатото, може да се заклучи дека уставотворецот во најширока мера ја гарантира слободата на вероисповед, но со истакнување на посебниот статус на МПЦ. Имено, таа е спомната прва, со истовремено зацврстување на тој факт преку одвојување од другите верски организации кои се споменати поименично со зборовите „како и“. Во таа смисла, имајќи го предвид споменатото, важно е да се подвлече дека македонскиот модел на односи со верските организации е сместен некаде на средината помеѓу моделот на државна религија и моделот на секуларизам, бидејќи во историско-државотворна и симболичка смисла, МПЦ-ОА е издвоена наспроти останатите верски организации, но сепак основниот корпус на права, како и гаранциите на слободата на вероисповед се на ниво на демократските стандарди на развиениот свет. Оттаму, кога станува збор за православното христијанство во РМ, сметам дека не треба да се употребува конструкцијата за т.н. „конфликт на црквите во земјата“ бидејќи таков плуралитет државата не препознава.

Автокефалноста на МПЦ-ОА е легитимен стремеж на православните христијани од територијата на Република Македонија

Залагањата на православните христијани од територијата на денешна РМ за возобновување на ОА, како апсолутно консензуални се реализираат со создавањето на МПЦ во време кога нашата држава, како социјалистичка република е дел од Југословенската Федерација. Имајќи го предвид истакнатото, секое тврдење за „носечката“, „инокосна“ улога на државното социјалистичко раководство во создавањето на МПЦ сметам дека не е до крај вистинита и дека истата ги минимизира континуираните вековни заложби на огромното мнозинство православни христијани за организирање на сопствена црква. Консеквентно на истакнатото, повеќе од логичен е заклучокот дека со поддршката на ваквите стремежи на граѓаните, социјалистичката југословенска власт не ја применувала тактиката „раздели па владеј“, како што често се истакнува кога се говори за возобновувањето на ОА како МПЦ (во смисла дека намерно биле создавани поделби помеѓу православните христијани во Југославија) туку, настапувајќи крајно прагматично, државата поддржала решение со кое се затвора едно важно прашање, а кое доколку не се надминело ќе продолжело да претставува сериозен проблем. Во оваа насока, и аргументот дека со возобновувањето на ОА со основањето на МПЦ ќе се нарушел еден важен канон дека во една држава може да егзистира само една православна црква сметам дека не е целосно точен бидејќи во случајот со Југославија, станува збор за ентитет кој, како федеративен е составен од повеќе единици, односно држави, во кои, доколку народот смета дека е потребно, не е е забрането да се создаде автокефална православна црква. И конечно, во оваа смисла, барањето на СПЦ, во однос на територијата на денешна РМ да се применуваат одредбите од Томосот од 1920 што оваа црква го добива од Вселенската патријаршија сметам дека е, исто така, неприменливо затоа што овој документ се однесува на друга држава која не постои, а тоа е Кралството СХС.

Вселенскиот патријарх има легитимитет да го реши македонското црковно прашање

Новата динамика во врска со автокефалноста на МПЦ-ОА започна да се развива во текот на 2017 и 2018 година, а круната на овој процес е писмото на Синодот на МПЦ упатено до Вселенската патријаршија со кое се бара Константинополскиот патријарх да го искористи своето апелациско право за конечно, веројатно фазно, решавање на македонското црковно прашање. Писмата на политичкиот врв на РМ, пак, упатени до Вселенскиот патријарх од 20.9.2020, односно од 22.9.2020, ја зацврстија перцепцијата и на домашен и на меѓународен план во однос на претходно декларираниот консензус. Во меѓувреме, исто така, Неговата Светост, во едно радио интервју од 2019, произнесувајќи се во однос на оваа околност, од своја страна ја постави траекторијата за разрешницата на македонското црковно прашање, најавувајќи дека Вселенската патријаршија, во согласност со сопствените историски втемелени надлежности, ќе постапува по Барањето за еклитон во случајот со МПЦ-ОА, право кое е воспоставено уште од Четвртиот вселенски собор и се однесува на можноста од носење на конечна одлука при меѓуцрковни спорови. Ова значи дека конечно, по толку децении, прашањето се интернационализира, односно престанува да биде ексклузивна надлежност само на СПЦ.

Имајќи го предвид споменатото, при анализата на овој процес, важно е и прецизно да се толкуваат ставовите на Вселенската патријаршија во однос на нашето црковно прашање. Имено, ставот на Вселенската патријаршија дека во случајот со МПЦ „ќе се лекува шизмата“, сметам дека треба да се толкува во духот на православното предание, според кое автокефалноста на современата наследничка на Охридската архиепископија не е проблем сам по себе, туку дека првенствен приоритет е обезбедувањето на соборноста на Црквата, при што надминувањето на оваа пречка е вовед во насока на конечно  решавање на статусот на МПЦ.

Заклучок

Свесен за изреката дека на оптимизмот не му се потребни фактите (како и на песимизмот, н.з.), верувам дека во новата 2021 РМ и нејзината црква влегуваат со еден умерен оптимизам за почеток на процесот за решавање на црковното прашање, на што упатуваат четири групи на околности: прво, внатрешно-црковните аспекти на спорот. Како и претходните години, така и во 2021, извесно е дека ќе продолжи да се одржува востановениот консензус во Синодот на МПЦ-ОА околу очекувањата од Вселенската патријаршија за искористување на апелациското право; второ, внатрешно-политичките аспекти на спорот. Како и во однос на внатрешните состојби во МПЦ, и во овој дел, треба да се очекува дека емитираната поддршка од страна на државниот врв ќе продолжи да се одржува на едно високо ниво, при што треба да се нагласи и дека ангажманот на институциите во насока на поддршка на легитимните цели МПЦ-ОА за автокефален статус низ годините до денес е во целосна согласност со начелото на секуларизам, како и со Уставот и законите на државата; трето, надворешно-политичките аспекти на спорот. И во однос на овој елемент околностите се прилично поволни. Имено, како ретко кога низ историјата, решавањето на македонското црковно прашање – како од аспект на Вселенската патријаршија, така и од аспект на МПЦ-ОА – е целосно комплементарно со евроатлантската ориентација на државата, како и со декларираните интереси на САД во меѓународните политички односи; четврто, надворешно-црковните аспекти на спорот. Во овој дел, за разлика од претходните аспекти, околностите во 2021 се променети заради внатрешните прилики во СПЦ по смртта на патријархот Иринеј. Имено, ваквата реалност во СПЦ упатува на заклучокот дека не треба да се очекува посебно интензивирање на динамиката од страна на Вселенската патријаршија, пред претходно да заврши постапката за избор на нов патријарх на Црквата во Србија. Истовремено, знаејќи колкаво е влијанието на водачите на Црквата, еднакво важно за решавањето на овој спор, може да биде и изборот на личноста, која по патријархот Иринеј ќе застане на тронот на Пеќката патријаршија.

Прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е последното нерешено важно национално и државно прашање, чие успешно решавање неповратно ќе ја зацврсти и ќе ја унапреди стабилноста на РМ. Околностите во оваа смисла, на почетокот на 2021, даваат повод за еден умерен оптимизам за одредени позитивни придвижувања за конечно, но побрзо отпочнување на решавањето на македонското црковно прашање. Личноста на патријархот Вартоломеј, како и неговото наследство управувајќи ја Црквата овие децении во светло на овој историски моментум, дава надеж дека оваа генерација православни христијани ќе посведочат за вклучувањето на МПЦ во заедницата со останатите православни цркви. Стручната јавност и општеството во целина, пак, како и за секое друго важно прашање, единствено преку искрена дебата, со уважување на соговорникот и со прецизна интерпретација на фактите, имаат важна можност да дадат позитивен придонес во премостувањето на една од последните големи препреки на патот до целосната слобода на православните христијани од овој дел на светот.

Пишува: проф. д-р Александар Спасеновски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *