Почетна Коментар Следиме Богочовек или човек?
Следиме Богочовек или човек?

Следиме Богочовек или човек?

258
1

Одрекувањето од себе одговара на првиот степен од духовниот развој – чистење на срцето од страстите, и трае сè до отворањето на срцето за умно-срдечната молитва (види: Матеј 10, 33). Одрекувањето од себе подразбира одрекување од нашето болно јас, кое поради гревовната навика, просто, се поистоветува со своите страсти: сластољубие, среброљубие и славољубие.

Исто така, со тоа што овој степен од нашиот духовен развој Господ го нарекува одрекување од себе сака да нè предупреди дека овој подвиг воопшто не е лесен, дека нас навистина нè чека болно одрекување од нашето болно јас. Страстите се тие што го валкаат нашето срце и ја држат благодатта на Крштението закопана и недејствителна во него. Живееме како некрстени, без да ја познаваме полнотата на животот и радоста на благодатта Божја. Нашиот ум останува непросветлен, а демонот, користејќи ги нашите страсти, непречено нè води од искушение во искушение. Целиот живот ни се претвора во една постојана неизвесност, загриженост, несигурност, страдање и мачење.

Одрекувањето од болното себе е предуслов за исцелителна заедница со Бог. Ова одрекување се случува од моментот кога ќе ги исповедаме своите гревови и кога ќе почнеме да живееме под раководство на духовен отец. Само заради љубов и вера во Бог, човек може да се одрече од себеси и од своите страсти. Колку ги исполнуваме Божјите заповеди, толку се исцелуваме од своите страсти и толку Го љубиме Бог. Исполнувањето на заповедите е аскетска љубов на дело и кон нашите ближни, затоа што ќе ги поштедиме од тоа да бидат објект или средство за задоволување на нашите страсти.               Земањето, односно носењето на крстот е поврзано со вториот степен од духовниот развој – просветленоста, и дарот на умно-срдечната молитва (види: Матеј 10, 38). Од една страна, тоа е голем молитвен подвиг, т.е. љубов кон Бог, а од друга страна, поради луѓето, кои водени од демонот, нè напаѓаат и мразат, без ништо лошо да сме им сториле, тоа е голем подвиг на аскетска љубов и кон непријателите.

На првиот степен демонот нè напаѓа однатре, преку страстите од кои сме заробени; додека пак, на вториот степен тој не може да нè нападне однатре, бидејќи срцето веќе не ни е заробено од страстите, па затоа нè напаѓа однадвор, преку луѓе кои се негови слуги. Носењето на крстот ја означува токму љубовта и кон непријателите, така како што Христос ни покажа на Крстот: „Оче, прости им, не знаат што прават“ (Лука 23, 34).

Господ така премудро го устроил нашето духовно восовршување, што без љубовта и кон оние што на кој било начин ни прават зло (со лоша мисла и чувства, со зборување против нас или со лоши дела) не можеме да поминеме од вториот на третиот духовен степен – од просветленост во обоженост. Љубовта и кон непријателите е конечно уништување на секоја суета, високо мислење и гордост во нас.

Одењето по Христос, во вистинска смисла на зборот, се однесува на третиот степен на духовниот живот – обожение. За тоа другпат, а може и никогаш.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

  1. Владико,
    ги читам сите ваши проповеди и секогаш имате јасна и концизна мисла и порака. И секогаш текстовите се супер. Но, искрено, ми пречи вашиот начин на дејствување. Ајде малку и на дела спроведете ги вашите реченици. Имам впечаток дека глумите сива еминенција во нашата Црква. Никогаш не се појавувате на заедничарење со вашите браќа, Ве немаше ниту на прославата на 1000 години Охридска архиепископија. Од позадина преговарате, договарате во име на целата МПЦ, ми се чини и без да ги консултирате вашите браќа. Зарем толку ги потценувате и нив и Вашиот македонски народ? Ако тие се ваши браќа, а ние ваше патство, Ве молам тоа да го покажете на дело. Во секоја искрена, позитивна и полезна иницијатива ќе Ве следиме безусловно. Но, покажете дека сте наш духовен татко.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *