Почетна Анализа Слава без славеници
Слава без славеници

Слава без славеници

617
0

Ниедна помесна црква не дојде на прослава на јубилејот за автокефалност на СПЦ

Српската православна црква прослави осум века автокефалност со серија настани, но без присуство на ниту еден претставник на другите православни цркви. Иако овој јубилеј се најавуваше како еден од најзначајните во поновата историја на СПЦ, сепак на него немаше гости од другите православни цркви, а од друга страна, пак, јубилејот помина и со низа медиумски написи за нови внатрецрковни турбуленции во СПЦ.

Оспорен континуитетот на СПЦ од страна на Вселенската патријаршија?

Официјално до СПЦ нема никакво објаснување дали и која од православните цркви била поканета, ниту пак дали воопшто имало покани до нив. Неофицијално, пак, причината зошто СПЦ сама славела осум века автокефалност треба да се бара во спорниот континуитет што се слави, а за тоа имаше реакции и од другите православни цркви. Неофицијалните информации велат дека СПЦ планирала да испрати покани до сите цркви, но во последен момент тие биле повлечени поради скандалот што би можел да се случи, а тоа е Вселенската патријаршија да не испрати свој претставник, зашто што за неа континуитетот на автокефалност на СПЦ е од 1922 година, по издавањето на томосот за автокефалност. Дека поканите биле повлечени сведочат и некои изјави на членови на СПЦ, но, според нив, целта била да не се предизвика конфронтација меѓу православните цркви, поради случајот со Украина.

Јубилејот што го слави СПЦ предизвика внимание и во православниот свет и беше проследен и со коментари на дел од православните свештеници. Меѓу покарактеристичните реакции е онаа на архимандритот Роман Анастасијадис од Критската црква, која е дел од Вселенската патријаршија. Тој, коментирајќи го целиот случај, до српскиот владика Амфилохије, меѓу другото, го упати и прашањето кои се историските вистини за овој јубилеј што сега го слави СПЦ.

СПЦ со ревизија на црковната историја

Историчарите велат дека првата самостојност на СПЦ е од 1219 до 1368 година, кога сите епархии од Српската црква влегуваат под контрола на Цариградската патријаршија. За време на османлиското владеење на Балканот, СПЦ има периоди на прекини и обиди за возобновување, но формалната јурисдикција на некои од епархиите се менувала или со Цариградската патријаршија или со Охридската архиепископија. Конечно, во 1766 година, со одлука на султанот Мустафа Трети, Пеќската патријаршија е укината, а јурисдикцијата ја презема Цариградската патријаршија. Тој период трае до ослободувањето на Србите од Османлиите и едностраното прогласување автономна митрополија во Белград во 1832 година, а потоа и прогласување автокефалност во 1879 година. Конечно, дури во 1920 година СПЦ ја стекнува јурисдикцијата во денешна форма и, со томос на Вселенската патријаршија, добива автокефалност како обединета православна црква на Кралството Југославија.

И дијалогот со МПЦ-ОА причина за конфликт во СПЦ

Дека состојбите во СПЦ се сериозни сведочат и јавните писма што до патријархот Иринеј ги испратиле свештеници и архијереи на СПЦ. На едно од писмата, објавено во медиумите, ги има и потписите на некои од владиците. Во тие писма Иринеј, заедно со членовите на Синодот на СПЦ, е обвинет дека го руши угледот на СПЦ. Како втора точка се споменува и сѐ уште непочнатиот дијалог со МПЦ.

– За прашањето за црковната ситуација во Северна Македонија, Синодот од мај сѐ уште ништо нема преземено и на тој начин ја заобиколува важната одлука за продолжување на дијалогот дел од црквата во Северна Македонија, која е во раскол. Со вакво однесување оставаме впечаток дека не ни е важно единството со целокупниот тамошен народ и испраќаме двосмислена порака кон православието во светот – стои во втората точка од протестното писмо испратено до поглаварот Иринеј.

Орденот за Вучиќ ги подели владиците, вовлекувајќи ја СПЦ во дневна политика

Јубилејниот настан што СПЦ го славеше три дена предизвика и многу медиумско внимание во јавноста во Србија и во Црна Гора, но од аспект на тоа дека во СПЦ постои сериозен конфликт на група владици со актуелниот патријарх Иринеј. Во медиумите се споменуваа имиња на 18 владици, меѓу кои е и црногорско- приморскиот митрополит Амфилохије, кои биле револтирани од патријархот Иринеј, затоа што овој јубилеј го искористил за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ. Токму српскиот претседател на свечената академија од прославата на овој настан бил одликуван со највисокиот орден на свети Сава. Тоа било една од причините за острата реакција на дел од српските владици, кои барале и вонреден собор на архијереите.

//Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *