Почетна Анализа Скриената симболика од посетата на Путин на Света Гора
Скриената симболика од посетата на Путин на Света Гора

Скриената симболика од посетата на Путин на Света Гора

4.48K
0

Владимир Путин неофицијалниот император на „Третиот Рим“. Тоа е единствената порака која што требаше да произлезе од неговото патување на Света Гора. Прво заедничко со поглаварот на Руската Православна црква, Патријархот Кирил, негов верен содружник во дипломатско-црковната политика на „Нова Русија“.

На едно место, во едно време со една порака. Православието и Русија одат заедно, моќта и сигурноста се во Кирил и Путин. „Третиот Рим“ не е формален, но е евидентно-реален. Путин сакаше, токму од Света Гора да излезе како нов православен император, а Кирил како Патријарх- стожер носител на единството во овој верски свет.

Владимир Путин и Патријархот Кирил, од средба на Атос исратија порака кој стои зад Православието
Владимир Путин и Патријархот Кирил, од средба на Атос исратија порака кој стои зад Православието

Тоа и се случи. Една кратка вест, со една кратка констатација: „Путин седна во тронот, досега резервиран само за Византиските императори“, ја прати пораката која требаше да биде чуена. Тоа што во официјалните извештаи и на Руската Црква и на Кремаљ тој податок не се споменува, е само дел од куртоазната дипломатија. Приказната е јасна, јавноста веќе работи на новата глорификација и мистификација на Владетелот.

Стратегијата за ова сценарио не е случајно и станува збор за добро подготвено, со многу спорадични, но и директни пораки, испреплетени со многу симболика.  И тајмингот е прецизно одреден и не е случаен, како и местото и конекциите. Се е добро осмислено.

Путин на тронот на Византиските импетароти, слика која го јакне митот.
Путин на тронот на Византиските импетароти, слика која го јакне митот.

Се тргна од идејата, која потекнува од руската Влада, годинава да се одбележат 1000 години руски јазик и руско присуство на Света Гора. Подготовките за оваа манифестација траеја повеќе од една година, со постојано форсирање на веста дека „Путин и Кирил ќе се сретнат на Света Гора“, но до последен момент без официјална потврда од Москва за патувањето на Путин.

Што вели анализата на симболиката, настаните и потребата да се испрати пораката која што светот веќе ја прими.

Веста дека Путин седнал на тронот, на кој претходно никој не смеел да седне, оти бил резервиран само за некогашните „Византиски цареви“ е добро осмислена приказна, која праќа моќна порака, а истовремено доволно мистериозна, чија веродостојност речиси и да не може да се потврди.

Настанот се случува во Кареја, место кое на Атос се води како административен центар на светогорските манастири. Што би се рекло главен град на Света Гора.

Кареја - „главниот град“ на Света гора, центар од IX век.
Кареја – „главниот град“ на Света гора, центар од IX век.

Кареја е административно седиште уште од IX век, по првата организација на светогорските манастири. Во Кареја се наоѓа црквата посветена на „Успение на Пресвета Богородица“, позната како „Протатон“ – „Протатската црква“. Таа е всушност и единствената најстара црква сочувана на Света Гора изградена во 962 година. Во целина таа денеска не е идентична на оригиналната, но старата црква речиси во целост е зачувана. Делови од нејзе се доградувани и до XIX век, но сепак факт е дека таа е единствената црква која може на некој начин да се поврзе како континуитет со Византиските императори.

Но, што и колку од внатрешноста на црквата е автентично и оригинално од пред 600 години е прашање на кое тешко може да се одговори. За фрескоживописот, иконостасот, има податоци дека се автентични и создавани од македонската фреско-цртачка школа од XIII век.

Во таа црква, како и во сите православни храмови има молитвени насловни, наречени „стасиди“. Конкретно во оваа црква такви „тронови“ има дваесет, за игумените на сите дваесет манастири на Света Гора кои редовно доаѓаат на богослужбите.

Најстарата црква на Света Гора - Успение на Пресвета Богородица
Најстарата црква на Света Гора – Успение на Пресвета Богородица

Во црквите од византиски стил обично има и два поголеми трона, едниот за Поглаварот на Црквата, обично од левата страна на олтарот, а другиот за Царот, или државниот претставник, од десната страна на олтарот. Мистеријата во приказната е дали тој трон од десната страна е автентичниот императорски престол, на кој од средината на XV век до сега никој не седнал на него, се до Путин. Веројатноста тоа да е така е речиси ирационална, затоа што за такво нешто, или таква информација официјален податок не може да се најде, барем кај оние кои пишувале за историјата на оваа црква.

И во 1000 годишнината од руското присуство на Света Гора има доста мистификација.

Многумина историчари, претежно грчки спорат дека руското присуство на Атос е континуитет од еден милениум. Руските монаси, според официјалните историски податоци на Света Гора се присутни во и околу денешниот најграндиозен манастир „Свети Пантелејмон“, кој е граден во XIX и XX век и во кој живееле и грчки и српски монаси. Стариот манастир кој се споменува во X век е на друга локација, но од него денеска нема ништо.

Рускиот манастир „Свети Пантелејмон“ на света гора, граден во XIX и XX век
Рускиот манастир „Свети Пантелејмон“ на света гора, граден во XIX и XX век

Историјата вели дека руските монаси на Света Гора доаѓаат во најголем број од 1500 до 1740 година. Тогаш и за прв пат е користен словенскиот јазик во богослужбите, како отпор против грчкиот. Сепак, подемот на руското влијание на Света Гора доживува кулминација во XIX век, кога во Манастирот е избран и првиот Русин за игумен – Макариј.

Сепак, Русија има друга историска вистина. Според некои руски записи, наводно стои дека руски манастир на Света Гора имало уште во X век, односно во времето на рускиот Кнез Владимир. Од тие податоци, пронајдени во Киево-печерската лавра во Украина,  Русија чита дека во 1016 година на Света Гора имало монашка руска обител, што ја предводел и основал извесен монах Герасим.

Симболиката е јасна. Владимир. Кнезот Владимир е всушност и најзаслужниот за христијанизацијата на Русите. Во негово време Христијанството станува државна религија, со масовни покрстувања и негов развој. Но, во тоа време не може да се зборува за никаква Руска Црква, затоа што сите епархии кои се на тогашна руска територија се под јуриздикција на Цариградската Патријаршија. Дури и епископите биле Грци, или Византијци. Првиот Русин како митрополит на Киев се споменува во средината на XI век.

Знамето на Византија
Знамето на Византија

Освен ако не се бара некоја скриена симболика, тешко дека може да се најде логичен одговор и на прашањето за датумот на прославата на 1000 годишнината од руското присуство на Света Гора. Ако се бара поврзаност со „Свети Пантелејмон“, како и што се нарекува Рускиот Манастир, тогаш прославата би требала да биде во август на 9-ти, кога Црквата го одбележува денот на Светителот. Ако се бара логика пак во јазикот и поврзаноста на словенскиот јазик на Света Гора, тогаш терминот за прослава треба да биде 24 мај, денот на Сесловенските просветители, „Светите Кирил и Методиј„.

28 и 29 мај нема никаков историска поврзаност на Русија и Света Гора, барем според некои значајни настани. Но, овие два дена се историски значајни по нешто друго. Нешто многу големо и веројатно многу важно за Русија. Падот на Византија.

Православната црква овој ден 29 мај го одбележува како ден кога муслиманите го освоиле Цариград и по 11 векови, во 1453 година Византиската Империја е целосно уништена. Утрото во вторник на 29 мај 1453 година е крај за ерата на „Вториот Рим“.

Падот на Византија и влегувањето на Мехмед II освојувач во Константинопол
Падот на Византија и влегувањето на Мехмед II освојувач во Константинопол

Симболичното седнување, како што велат руските медиуми, на Путин на Тронот на Византиските императори е почеток на „виртулелната ера“ на Третиот Рим.

Пишува: Марјан Николовски – Новинар

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *