Почетна Коментар Скриена демонизираност
Скриена демонизираност

Скриена демонизираност

1
0

Бесомачениот што Христос го исцели побара да оди по Него, а локалните жители останаа без Него затоа што не Го примија, или поточно, побараа да си оди од нивниот крај. Ова евангелско четиво (види: Лука 8, 26–39) покажува дека бесомачените можат полесно да бидат исцелени, бидејќи тие, потполно обземени од демонот, остануваат без можност слободно да одлучуваат за своето спасение; а оние што мислат дека се свесни и здрави – многу потешко, бидејќи според слободната волја, која Бог не ја нарушува, ако останат робови на страстите – посебно на високото мислење за самите себе, остануваат неисцелени.

Слободната волја е како меч со две острици, бидејќи можеме да ја исползуваме за да го достигнеме подобието Божјо, а злоупотребувајќи ја можеме и да отпаднеме од Бог, како и од самата човечност. А Бог ја почитува нашата слобода, затоа што ако се наруши слободата, се нарушува и Неговиот лик во нас, според кој сме создадени.

Значи, зошто не Го примаме Христос? Поради задоволувањето на нашите страсти, кои излегува дека ни се поважни од Него. Примерот со луѓето од земјата Гадаринска ни покажува дека ним им беа поважни свињите (т.е. имотот), поради страстите среброљубие и сластољубие, отколку Христос. А овие страсти се оние што се нарекуваат погруби и преку кои демонот најнапред напаѓа. Што ли да речеме за посуптилната страст на умот, како што е високото мислење за самите себе, односно суетата, преку која демонот нѐ држи заробени и преку која сериозно дури на крај нѐ напаѓа, односно која е последна на ред да се преобрази пред да се премине од еден степен на духовен раст на друг? Само поради славољубието нашето срце останува затворено за умно-срдечната молитва, а умот непросветлен.

Според Преданието на Светите Отци и учењето на Црквата, демонот го зазема центарот на нашето срце пред Крштението. Но, кога човекот на Крштението ја прима благодатта Божја во центарот на срцето, тогаш демонот се изгонува надвор од центарот и се сместува во околината на срцето. Сѐ додека срцето е заробено од страстите и сѐ додека доволно не се очисти, односно додека човекот не дојде до вториот степен на духовниот раст – молитвата на умот во срцето и просветленоста, демонот останува во околината на нашето срце, го држи заробено преку страстите и затворено за умот. Затвореноста на срцето е блага форма на демонизираност и затоа е многу потешко забележлива и алармантна за самиот човек отколку видливата демонизираност. Видливата болест секој сака да ја исцели, но при невидливата најчесто е и доцна за исцеление. Особено кога некој мисли дека е духовно здрав.

Треба да знаеме дека вообичаено сѐ се случува според правилата на духовниот закон. Најпрвин демонот нѐ напаѓа преку погрубите страсти – сластољубие, среброљубие, а на крајот преку најсуптилната – славољубието. Демонот се бори секогаш да си ги поврати загубените позиции, па дури и да се врати во центарот на нашето срце.

И свињите и свињарите побегнаа од Христос, само што првите (иако бесловесни) се издавија не можејќи да ги трпат демоните во себе, а другите – не препознавајќи ги демоните во себе, обземени од внатрешниот демонски страв – и за да се оправдаат за загубениот имот, ги уплашија со Богочовекот Христос и другите жители слични на нив.

Оној за кој јавно се знае дека бил болен (психички или физички), а за кого се знае дека Богочовекот Христос (преку Црквата) го исцелил, најдобро Го сведочи Бог во својот роден крај.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, откриј ни ја нашата скриена демонизираност и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *