Почетна Вести Христијанство Скопскиот бискуп повика на молтва за мир во Украина
Скопскиот бискуп повика на молтва за мир во Украина

Скопскиот бискуп повика на молтва за мир во Украина

86
0

Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх во го повика свештенството, монаштвото и верниот народ на католичката црква во Македонија на молитва, пост и солидарност, по настаните во Украина.

Во овие денови до нас преку средствата за информирање од Украина пристигнуваат немили слики за изгубени животи, уништувања, страдања и плач. Сето тоа во нас предизвика длабока болка и тага, посебно мислејќи на оние најранливите, децата, болните, возрасите лица… За жал од Украина до сите краишта на Земјата повторно силно оддекнува говорот на оружјето, нарушувајќи го кревкиот мир и воедно упатува заканувачки размислувања за безбедноста на европскиот континет. Сцените од Украина и развојот на настаните покажува дека човештвото ја нема научено лекцијата од историјата и дека мирот не е нешто што се подразбира, туку дека е дар за кој секојдневно треба да се работи за да се зачува.

Во овие драматични моменти сакам да ја истакнам својата молитвена близина со епископите во Украина, свештенството и целиот украински народ, како и нашата христијанска грижа и солидарност, посебно со оние кои лично се погодени од загуби, човечки и материјални, оние кои ги напуштија своите домови заради ризиците по живот и сите оние кои на еден или друг начин страдаат од ужасите на воените дејствија.

Но што би можеле да направат христијаните во вакви деликатни и тешки ситуации, во ова време на страв и неизвесност, кога е загрозена иднината и безбедноста на Украина и Европа? Поучени од искуството на нашите претци, сведоците на верата и светците, молитвата и солидарноста со оние кои страдаат остануваат “главните оружја’ на христијаните.

Во Украина веќе имаме хуманитарна криза. Луѓето кои директно се погодени од воените дејства чувствуваат недостиг од основните потреби за живот. Не смееме да гледаме рамнодушно на старадањата на другите. Затоа од срце повикувам да ја искажеме нашата солидарност посебно преку Македонски Каритас и Парохиските Каритаси со прибирања средства за ублажување на страдањата на луѓето во Украина. Затоа почетокот на постот, поточно периодот од 6 март натаму нека биде привилигирано време за дарување, отворајќи ги своите срца според своите можности, а собраните прилози најдоцна до 25 март да бидат предадени на Македонски Каритас.

Приклучувајќи се на повикот на папата Фрањо и поглаварот на Украинската источно-католичка Црква, Неговото Блаженство Свјатослав Шевчук, врховен архиепископ, ве повикувам според пасторалните можности и покрај личните молитви, да одвоите време во вашата парохиска црква, заедно со верниците да молите за мир во Украина.

Во оваа прилика сакам да потсетам и да го повторам повикот на папата Фрањо од Генералната аудиенција во среда 23 февраури 2022 година во кој вели: Исус нè научи дека на ѓаволската безумност на насилството се одговара со Божјото оружје, молитвата и постот. Ги повикувам сите да го направиме 2 март – Чиста Среда, Ден на пост за мир.

Ве повикувам да се приклучите на овој повик и да ги повикате верниците на пост и молитва, индивидуална, но и во парохиските цркви, напиша Скопскиот Бискуп Киро Стојанов.+ Киро Стојанов, кој ја сподели и молитвата за мир во Украина.

Молитва за мир во Украина

Оче небесен Ти го испрати твојот Син, Кнезот на мирот, за спасение на светот.

Ти се молиме за луѓето во Украина, заштити ги оние кои се изложени на опасности и испрати им помош на сите оние во потреба.

Те молиме за сите оние кои работат за постигнување мир. Нека се урнат ѕидовите на непријателствата и поделбите.

Те молиме за мудрост на политичарите кои имаат одговорност и нека стават крај на насилството и војната.

Дарувај им вечен покој на загинатите и брзо оздравување на повредените, испрати им ангел чувар на прогонетите.

Пресвета Богородица, Царице на мирот, моли се за нас!

/katolici.mk

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *