Почетна Коментар Скопје се радува на доаѓањето на Папата
Скопје се радува на доаѓањето на Папата

Скопје се радува на доаѓањето на Папата

681
0

Како што се отвараме кон светот, и ги хармонизираме односите со соседствата, така и светот се отвара кон нас. Доаѓањето на Папата е историска посета, првпат во Македонија, доаѓа најзначајната и најголемата личност од најголемата религија во светот-католичката да ни упати порака за мир и благостојба.

Незаборавни се емоциите на лицата на луѓето кои доаѓаат да земат билет во некои од штандовите за посета на Папата во Скопје. Не случајно се крие радост во нивните лица, но истовремено и тага. Народот наш е пропатен и му треба единство и божја љубов сега повеќе од кога и да е! Највисоката личност од светот на духовноста ќе ја посети Македонија, и вниманието што ќе им го пружи ја разбудува надежта, го залекува болното секојдневие и го отвара срцето кон заедништвото. Одеднаш, кај нашиот народ се запали искра за духовното, за исконското.

Односите помеѓу Ватикан и Католичката црква во Македонија отсекогаш биле коректни. Ватикан отсекогаш имал дослух за проблемите на Македонската православна црква, за што многупати пружал и своја помош.  Доволно е да го споменеме прогласувањето на Светите браќа Кирил и Методиј, чија активност е поврзана и со овие краишта, за патрони-заштитници на цела Европа. Со највисоки црковни почести секоја година вратите на базиликата Сан Клементе се отворени во рамките на традиционалната манифестација која се одвива во нивна чест. Вратите на Рим биле отворени не само за школување на кадрите на католичката црква, туку и за потребите на нашата македонска православна црква. Многу образовани кадри од Богословијата своето знаење го имаат стекнато благодарение на отвореноста на највисоките теолошки институции во Ватикан. Како што шириме толеранција кон другиот, негуваме добри и квалитетни меѓународни односи, така и светот ќе одрази позитивен однос кон нас.

Пред самото пристигнување на Папата, во спомен домот на Мајка Тереза неодамна осамна еден благороден лик-скулптура изработена од скулпторот Жарко Башевски. Не случајно, кога ќе влезете во домот, отпсротива ќе ве пречека еден насмеан лик, во сино-бело сари, чиниш светицата никогаш не заминала одовде. Градот на Мајка Тереза, кој за само неколку дена ќе биде во центарот на сите вести во светот, го закити ова ремек дело, донација од Косово. Пред точно 40 години, кога таа ја доби Нобеловата награда за мир, во 1979 година, изјави желба: да дојдам во Скопје на осветување на новата (сега веќе познатата) Католичка црква во Скопје, но и да отворам нов дом! Тоа е центар за сиромашните кој ќе го опслужуваат четири сестри на љубовта. Малата куќа, со помош на тогашниот градоначалник на Скопје и претседател на скопското собрание набрзо прерасна во топол дом за осамените, луѓето на кои им беше потребна љубовта од Бога.

Апостолската посета на Папата на 7 мај во Скопје ќе запали можеби мала светилка во срцето на Балканот, но голема за целиот христијански свет. На Светата литургија која ќе се одржи од негова страна да се присетиме на зборовите на Апостолот: „Стојте цврсто во слободата, која Христос ви ја дарува, и не подавајте се пак под ропскиот јарем.“ (Гал. 5,1)

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *