Бура од реакции предизвика на грчкиот остров Закинтос јавното понижување на наставник и директор на училиште од страна на митрополитот на Додона, Хризостом, за време на свечената литургија по повод националниот празник на Грција на 28 октомври.
Инцидентот се случил во катедралниот храм „Св. Никола“ во присуство на локалните власти, бројни верници и ученици.
Додека наставникот ја започнал празничната беседа, митрополитот нагло го прекинал и со остар тон го укорил поради начинот на облекување, бидејќи кошулата му била извлечена надвор од панталоните. Од амвонот се слушнало:
„Со кошула надвор ли излегуваш да зборуваш во црква на ваков ден? Срамота! Недозволиво! Замолчи веднаш!“
Јавниот укор, проследен со остри зборови, предизвика осуда во јавноста, особено во просветните кругови.
Сојузот на наставници од основното образование на Закинтос излезе со официјална реакција, изразувајќи „длабоко негодување и осуда“ на постапката. Во соопштението се наведува дека однесувањето на митрополитот претставува „навреда на личното достоинство и честа“ на просветен работник, и е спротивно на христијанските вредности на почит, учтивост и љубов што Црквата ги проповеда.
И покрај критиките, митрополитот Хризостом остана на својата позиција. Во телевизиско интервју тој изјави дека „наставникот изгледал како да оди на спорт или на стадион“, додавајќи дека „Црквата мора да реагира секогаш кога ќе се покаже неуважување“.
Митрополитот Хризостом, кој беше на чело на Закинтската митрополија од 1994 до 2011 година, поднесе оставка на 72-годишна возраст и оттогаш ја носи титулата митрополит на Додона. Во 2022 година тој повторно беше во центар на контроверзии поради изјавата дека „жена не може да биде силувана ако тоа не го сака“, по што подоцна се извини на жртвите на сексуално насилство.

