Почетна Проповеди Сите луѓе се Негови чеда
Сите луѓе се Негови чеда

Сите луѓе се Негови чеда

61
0

Втората подготвителна седмица пред Велигденскиот пост, Црквата ја нарекува – Недела на блудниот син. Таа се нарекува така бидејќи на светата Литургија се чита Евангелското четиво за блудниот син. Историјата на блудниот син можеме да ја сретнеме, не само во светото Евангелие, туку, и во секојдневниот живот, во одделни семејства, кај познаници, па и во нашите семејства. Тоа се луѓе коишто живеат според својата волја и се раководат од своите егоистички и лични интереси, според нивните сфаќања и разбирања на животот.

Слушајќи ја параболата за блудниот син, честопати се ожалостуваме за родителот кој го изгубил својот син, а истовремено, го жалиме и синот. Го жалиме синот бидејќи се нашол во една бедна состојба, во состојба во која ја губи честа и образот да може да се нарече син на својот родител. Тој отишол толку далеку, што го потрошил родителскиот имот, на начин според којшто живеел. Но, истовремено, се радуваме со радоста на отецот кој доживеал да се врати неговиот изгубен син. Тој нашол сили во себе, си дошол при себе, се покаjал и се вратил кај својот отец. Во историјата на блудниот син, секој грешен човек, може, а и должен е да се согледа себеси, својата судбина, својата заблуда, но, заедно со тоа, и можноста да се поправи.

Секој може да ја почувствува благодатта на присуството во родителскиот дом и радоста којашто произлегува од родителската близина. Отсуството, пак, на своите деца, претставува болно чувство за секој родител, а посебно, кога неговите завети, поуки и сугестии не се почитуваат, туку, се живее гревовно, недолично и самоволно.

Во оваа парабола Господ Исус Христос ни го покажува гревовното однесување на секој еден од нас. Но, не само кон земниот родител, коешто само по себе се подразбира, туку, кон Небесниот Отец. Господ Христос со оваа парабола ни покажува во каков однос се наоѓаме и во каков однос треба да бидеме. Господ е Отец на сите луѓе! Сите луѓе се Негови чеда. Затоа помеѓу нив постои единство на општење. Во Небесниот Отец има многу љубов, милосрдие и дарежливост. Бог е апсолутна љубов! Тие добрини богато ги излива врз сите, како врз добрите, така и врз лошите, како врз послушните, така и врз непослушните деца. Небесниот Отец ни дава сè што ни е потребно во овој живот. Но, исто така, и за вечниот живот.

Како слободни битија, честопати го избираме погрешниот пат, исполнети со страсти и со лош живот и се оддалечуваме од Бога. Потребна ни е духовна сила да се покаеме и да се вратиме кај нашиот Небесен Отец. Он е секогаш подготвен да нè прими, но, не како наемници, туку, како возљубени Негови чеда.

Блудниот син нè потсетува на синовството. Тоа е огромна чест и бесконечна можност за секој човек – да бидеме синови на Небесниот Отец. Колку и да грешиме во нашиот живот, и татковиот дом да го напуштиме, но, да не отстапиме и да не престанеме да бидеме синови. Тоа е сè! Преку тоа ни се дава можност и надеж за спасение. Во нашиот живот најважно е да не го изгубиме чувството на синовство. Преку тоа да покажеме дека постои можност да се поправиме и повторно да ја најдеме татковската љубов. Светата Црква, воведувајќи нè во Велигденскиот пост, ни напоменува за оваа радост и достоинствена возможност.

Да дозволиме Господ, Кој знае сè, не само нашите дела, туку и нашите помисли, да не нè лиши од благодатниот дар на синовството и од сознанието дека сме деца на Небесниот Отец. Ако секогаш го паметиме ова сознание, тоа ќе ни помогне од недостојни да постанеме достојни, од неправедни – праведни, од заблудени да се вратиме на правиот пат, од изгубени – најдени, од пропаднати да најдеме излез.

Св. ап. Тимотеј, чиј спомен денес го празнуваме, нека ни помогне, и ние, како блудниот син, да најдеме сили во себе, да се поправиме и да се вратиме во домот на нашиот Отец Небесен. Амин!

Пишува: Митрополит Тимотеј

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *