Почетна Проповеди Сите лоши духови се силни поради нашата слабост
Сите лоши духови се силни поради нашата слабост

Сите лоши духови се силни поради нашата слабост

395
0

Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, 5. недела по Педесетница, Храм „Св. Спас” с. Локов, Струга

Во денешното евангелско четиво слушнавме како двајца луѓе, во кои се вгнездил лошиот дух, Го пресретнуваат Господа Исуса Христа. Овие јадни луѓе, од нечистиот, биле принудени да живеат во пештери. И тоа, онаму каде што ги погребувале покојните. Кога се приближил Христос до нив, тие, со силен глас, почнале да викаат: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји! Зар си дошол тука предвреме да нè мачиш?” (Мт. 8, 29). Преку овие зборови, светата Црква нè поучува дека постојат невидливи лоши духови. Духови кои прават големи пакости, непријатности, мачења и им нанесуваат страдања на луѓето. Им внушуваат во умот и во нивната волја најразлични гревови кои луѓето, од човечка слабост, ги прифаќаат и ги извршуваат. Извршувајќи ги, се оддалечуваат од Бога, од правдата и од вистината, а со тоа, ги погубуваат своите души.

11Од денешното евангелско четиво слушнавме дека лошите духови, понекогаш, дури се вгнездуваат во некои луѓе, па така, тие луѓе се изобличуваат станувајќи нелуѓе. Лошите духови, всушност, се паднатите ангели, кои, по слободна волја, отпаѓаат од првобитната нивна задача, односно, да Го слават Бога. Лошиот дух, паднатиот ангел, односно ѓаволот, паѓа поради гордост. Таа негова горделива волја го води да прави само лошо и да постане човекоубиец. Па затоа и св. ап. Петар за него вели: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта” (1. Петр. 5, 8).

Од Светото писмо знаеме дека демоните се појавуваат во најразлични облици. На себе земаат разни облици за да ги измамат луѓето и да ги наведат на грев, а со тоа, да ги оддалечат од Бога. На самиот почеток во Библијата се вели дека демонот се претворил во змија прелажувајќи ја нашата прамајка Ева да го наруши законот Божји, односно, да јаде од забранетиот плод. Ја излажал дека доколку вкуси од забранетиот плод, нема да умре, туку, ќе биде како бог. Таа му поверувала, вкусила, а потоа го намамила и Адам. Оттаму, уште од самиот почетокот, ѓаволот се нарекува човекоубиец (Јн. 8, 44).

Знаеме дека лошите духови постојат. Тоа може да се види и да се забележи во секојдневниот живот. Како што постојат ангели, кои се грижат да им помагаат на луѓето и да ја извршуваат волјата Божја, така, постојат и лоши ангели кои се отпаднати од Бога. Нивниот предводник Луцифер, оној што беше носител на светлината постана носител на темнината, а со тоа, човеконепријател.

Овие лоши духови имале голема сила во светот и правеле големи пакости. Особено, пред доаѓањето на Господа Христа, тие имале големо поле на делување и нивното присуство било многу поизразено. И сега, во Новиот завет, лошите духови делуваат, но, со помала сила. Моќта на демонот е скршена преку крстната жртва на Господа Исуса Христа, а на луѓето им се дава Божјата благодат за да победуваат во духовната борба.

Сите лоши духови се силни поради нашата слабост. Затоа св. ап. Павле нè советува: „Не му давајте место на ѓаволот” (Ефес. 4, 27). Кај луѓето може да се забележат најразлични слабости, страсти и гревови. Ќе го забележиме злото, пијанството, гневот, среброљубието, зависта, блудот, нечистотата, лагата и друго. Постојаното повторување на овие гревови доведува до бесоумие.

10Се поставува прашањето, од каде кај луѓето толку и такви гревови? Одговорот е многу јасен и очигледен. Сето тоа доаѓа од ѓаволот кој е носител на сите зла. „Кој прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Па затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски. Секој, што е роден од Бога, грев не прави, зашто семето Негово пребива во него; и не може да греши, бидејќи е роден од Бога. Чедата Божји и чедата ѓаволски по тоа и се познаваат. Секој, што не врши правда, не е од Бога” (1. Јн. 3, 8-10).

Со доаѓањето на Господа Исуса Христа, ѓаволот повеќе не е страшен за нас. Бесовите кога Го виделе Господа Христа викале: „Зар си дошол тука предвреме да нè мачиш?” (Мт. 8, 29). Со ова се покажува дека Христос за демоните е мачење. Тие добро знаат што ги чека. Знаат дека ги чека пекол и мака. Тие несомнено имаат сила, но, секогаш се покоруваат на Бога. Тие, ниту во свињите не можеле да влезат без Божјо допуштање. Ако Христос е страшен за лошите духови, и ако тие треперат пред Бога, тоа значи дека тие не можат да бидат онаму каде што е Бог. Тие од таму бегаат. Па ако во нашата душа се всели Бог, тогаш и лошите духови ќе бегаат од нас како од оган.

Светата Црква ни дава средства како да се бориме со овие лоши духови. Тоа, пред сè, е духовна борба. Затоа, нè советува да се наоружаме со вера во Христа. Таа вера ги гаси сите огнени стрели кои се упатени кон нас од страна на лукавиот, а мечот духовен е славата Божја (Ефес. 6, 11-17). За борба против ѓаволот нема посилно оружје од постот и молитвата. Самиот Христос вели: „Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост” (Мк. 9, 29).

9И ние да се поучиме од ова евангелско четиво. Да се наоружаме со молитва во Бога, која е најголемо оружје против лошите духови. Светите отци ја препорачуваат Исусовата молитва како најсилно одбранбено средство. Да ги повторуваме зборовите: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот!

Ја користам оваа прилика да ви се заблагодараме за овој мал, но, многу вкусно украсен и изграден свет храм, посветен на светото Христово Вознесение. На сите ктитори, приложници, украсители и помагачи, им искажуваме искрена благодарност што се потрудиле, во овие простори во Малесија, да подигнат уште еден дом Божји. Нека домот Божји, посветен, народно кажано на Спасовден, послужи за миење, чистење, осветување, облагородување, и пред сè, спасение на секоја христијанска душа којашто со вера и надеж ќе влегува во него. На секоја душа којашто ќе бара прошка на своите престапи и ќе ја спасува својата душа. Со тоа да Му дозволат на Бога да се всели во нив, а преку тоа, од нив да бега лукавиот и секое зло.

Уште еднаш искажувам благодарност на црковниот одбор кој се потруди за организирање на оваа свеченост во овие топли јулски денови. Бог со вас!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *