Илјадници луѓе излегле на протести во вторникот, во крајбрежните области на Сирија населени со алавити, реагирајќи на серијата напади насочени кон ова малцинство е, јавуваат репортери на AFP од терен.
Ова се најголемите демонстрации во регионот од падот на сирискиот лидер Башар ал-Асад во декември минатата година, кој и самиот потекнува од алавитската заедница. По преземањето на власта од страна на исламистички групи, заедницата е мета на нападите, а во март стотици лица беа убиени во напади од непријателски групи и секти.
Во пристанишниот град Латакија, демонстрантите извикуваа „Сирискиот народ е едно“ и „Алавитите нема да се потчинат“, додека силите за безбедност беа распоредени, но не интервенираа.
„Сакаме вооружените групи да ја напуштат областа, правда за нашите убиени и ослободување на нашите затворени роднини. Дури не знаеме за што се обвинети,“ изјави Џумана, 58-годишна адвокатка, која побара да остане анонимна.
Протести се одржале и во Тартус и Ѓаблех, каде стотици демонстранти носеа транспаренти со барања за „федерализација“ и „ослободување на затворениците“.
Според Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, околу 9000 поранешни воени лица — најмногу алавити — кои се предале на новите власти, сè уште се задржани.
Во Ѓаблех дошло и до судири меѓу демонстранти и групи кои го поддржуваат новото раководство, а имало и истрели. Неколкумина се здобиле со полесни повреди. Подоцна во Латакија биле регистрирани случаи на вандализам насочен кон имоти на алавити и навреди упатени кон членови на заедницата.
Протестите следеле по јавен повик од Високиот исламски алавитски совет во Сирија и дијаспората, откако во градот Хомс дошло до нов бран насилство. Повод билo убиството на сунитска бедуинска двојка, по што во алавитските квартови се случија вандализми и судири, пред властите да воведат полициски час и да соопштат дека двојното убиство било „криминален чин, а не религиозен мотив“.
„Сакаме слобода и безбедност, крај на убиствата и киднапирањата“, рекла 25-годишната Мона, која исто така побарала да не биде именувана. Таа додала: „Бараме федерализам за сириското крајбрежје.“
Опсерваторијата регистрирала вкупно 42 протести во вторникот.
Според официјалните власти, мартовската ескалација на меѓуверско насилство во алавитските региони однела најмалку 1.426 животи, додека податоците на Опсерваторијата зборуваат за над 1.700 загинати.
Во август, ОН утврди дека насилството е „широко распространето и систематско“, а дел од инцидентите можат да се квалификуваат како воени злосторства.
Новото, исламистички предводено раководство на Сирија предизвикува растечки страв меѓу малцинствата, кои се соочуваат со зголемени тензии и константни напади.
Во јули, според Опсерваторијата, верски мотивирани судири во провинцијата Сувејда, населена претежно со Друзи, резултирале со над 2.000 загинати.
