Почетна Вести Христијанство Синодот на МПЦ-ОА: Црквите остануваат отворени, верниците да се прилагодат на вонредните мерки, медиумите да вршат преноси од литургиите
Синодот на МПЦ-ОА: Црквите остануваат отворени, верниците да се прилагодат на вонредните мерки, медиумите да вршат преноси од литургиите

Синодот на МПЦ-ОА: Црквите остануваат отворени, верниците да се прилагодат на вонредните мерки, медиумите да вршат преноси од литургиите

1.60K
0

Светиот Архијерејски Синод (САС), на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), останува на ставот за почитување на мерките за заштита и социјална дистанца од страна на здравствените власти и ги повикува своите верници да ги следат препораките на државата и ја потенцира потребата од продолжување на вонредните мерки за јавни собири.

-Наоѓајќи се во пресрет на најголемиот христијански празник – Велигден, САС уште еднаш се обраќа до парохиското свештенство, монаштвото и верниот народ, за почитување на веќе утврдените владини мерки што се на сила, сè со цел за да се намали ширењето на заразата од погубната болест меѓу нашето население.   САС ја истакнува потребата од продолжување на вонредната мерка за јавните собири, која прецизно го ограничува движењето и групирањето на луѓето, а која ќе важи како за овие денови, така и за периодот на претстојните Велигденски празници, стои во соопштението на САС на МПЦ-ОА.

Синодот подвлекува дека МПЦ – ОА нема да го прекиние литургискиот богослужбен живот, затоа што тоа е нејзиниот идентитет и суштина на нејзиното постоење, но сепак таа ќе се прилагоди на новонастанатите услови и ќе се сообрази на вонредната ситуација, почитувајќи ги донесените мерки за заштита.

-САС укажува дека храмовите на МПЦ – ОА, за лична молитва на верниците, ќе бидат отворени, но притоа апелира одговорно да се почитува наложеното правило од државните власти во јавниот простор, во дозволените часови за јавно движење, времено да престојуваат исклучиво до пет луѓе на одредено растојание. Од таа причина САС на МПЦ – ОА повторно упатува апел за реално да се гледа опасноста од раширениот корона-вирус, кој веруваме, со Божја помош, ќе биде победен, доколку еднодушно и од страна на сите се почитуваат и следниве насоки:

1.Светите Литургии и сите богослужби да се одржуваат со неколкумина сослужители, со најмногу петмина верници, водејќи грижа да не се наруши веќе наложената мерка за јавен собир.

2.Со благослов на надлежниот епархиски архијереј, во своите парохиски храмови, верниците да пристапат кон Светата Причест, на начин што е веќе востановен и утврден.

3.На повозрасните, изнемоштените и имунослабите лица, како и на децата, им препорачува да останат во своите домови. Доколку имаат духовна потреба, истите да се најават кај своите парохиски свештеници за да бидат причестени во домашни услови, стои во соопштението на САС на МПЦ-ОА.

МПЦ-ОА ги повикува медиумите во оваа вонредна состојба за медиумско пренесување на црковните богослужби од националните и локалните медиуми, како и на интернет ресурсите, бидејќи тоа ќе биде во полза на верниците.

Оние, пак, кои во претстојниов период се одлучиле за самоизолацијата, или, пак, на кои истата им е наложена како превентива против заразата, ги охрабрува во нивната самопожртвуваност, затоа што таа ги штити и нив, но и другите околу нив. Со своето однесување, никој не смее да биде причина за нарушување на востановените безбедносни регулативи и постоечките здравствени норми, стои во соопштението на МПЦ-ОА.

Владиците на МПЦ-ОА повикуваат сите  прекршители на вонредните владини мерки да понесат сопствена одговорност и упатува апел за внимателен однос кон корона-позитивните лица, препорачувајќи да се избегнуваат обвинувања врз таа основа, стои во соопштението на Синодот.

Доколку се констатира остварен контакт со позитивен носител на овој вирус, во црковно-административен објект, парохиски храм или манастир, да се следи протоколот предвиден од надлежните здравствени власти и веднаш да се пристапи кон карантински услови, дезинфекција и самоизолација. Припадниците на клирот да ја следат личната здравствена состојба и при секој изразен симптом, познат за оваа болест, да го известат својот матичен лекар. Погребите да се извршуваат на отворен простор, а крштевките, доколку е неопходно, во кругот на најтесното семејство. Во оваа прилика, САС на МПЦ-ОА упатува благодарност кон сите трудољубиви работници во здравствените, безбедносните, транспортните, енергетските, медиумските и другите служби од јавен карактер, кои му овозможуваат на нашето население, во овие вонредни околности, непречен тек на животот, а со својот труд придонесуваат за општото здравје и за заедничката безбедност. Црквата, во своите литургиски соборни молитви, секогаш се моли и за оние нејзини чеда коишто од оправдани причини отсуствуваат од богослужбите.
Распнатиот и Воскреснат Господ Исус Христос –  Лечителот од сите болести, нека биде со сите! Амин!, заклучуваат владиците на МПЦ-ОА.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *