Во Србија се следат до 100 лица, кои властите ги нарекуваат членови на вехабистичкото движење, поради сомневање дека се вмешани во тероризам.
Ова го соопшти Министерството за внатрешни работи откако Сенад Рамовиќ беше убиен на 17 август при обид за апсење во близина на Нови Пазар, во југозападниот дел на Србија.
Според полицијата, тој при апсењето дал отпор и пукал кон полицајците. Рамовиќ беше во бегство откако во јуни се случи терористички напад пред израелската амбасада во Белград.
Според властите тој директно влијаел на радикализацијата на Милош Жујовиќ, напаѓачот на жандармите кои ја обезбедувале амбасадата.
„Сега чувствувам голем страв кај граѓаните со оглед на тоа што во Нови Пазар има вехабисти чиј лидер беше тој (Рамовиќ). Чувствувам дека луѓето едноставно гледаат што ќе се случи понатаму“, изјави за Радио Слободна Европа, Саима Реџепефендиќ од Нови Пазар.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на 19 август изјави дека станува збор за „до 100 лица кои се следени, а за кои постои можност да се впуштат во некаков вид на тероризам“.
„Кога некој ќе види Бошњак со брада, излегува дека тој е член на вахабистите или некоја терористичка организација, а тоа не е точно“, изјави Дачиќ за ТВ Пинк.
Властите ги нарекуваат членовите на селафиската конзервативна верска група – вехабисти.
Продолжение на акцијата по нападот во Белград
Едан Качар од Нови Пазар за РСЕ изјави дека граѓаните заслужуваат да знаат што се случило.
„За да ни бидат појасни некои работи бидејќи слушаме многу приказни, ништо не е прецизирано. Мислам дека треба да добиеме некое објаснување, бидејќи луѓето сега се исто така загрижени за нивната безбедност и ништо не им е јасно“, вели Качар.
Министерството за внатрешни работи на 18 август ја пренесе изјавата на министерот Ивица Дачиќ дека обидот за апсење на Сенад Рамовиќ е продолжение на акциите извршени по терористичкиот напад пред израелската амбасада во Белград.
Според него, припадниците на специјалните единици немале намера да го убијат Сенад Рамовиќ, туку дека „законот бил применет“ откако тој пукал во полицијата.
Во 2009 година, Сенад Рамовиќ беше осуден на 13,5 години затвор за тероризам, која ја одлежа. Тој и уште 14 соработници беа уапсени во 2007 година по вооружена пресметка со полицијата во селото Трнава кај Нови Пазар.
Оваа група е осудена за планирање на убиството на тогашниот главен муфтија на Исламската заедница во Србија, Муамер Зукорлиќ, како и за подготвување терористички напади.

