Почетна Проповеди Што е вечниот живот?
Што е вечниот живот?

Што е вечниот живот?

288
0

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Анатаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено во Неделата на Страшниот Суд, на Светата Литургија, во храмот „Свети Великомаченик Георгиј Победоносец“ во Струга, на 7 март 2021 лето Спасителово

Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го Царството, подготвено за вас од почетокот на светот… и ќе отидат праведниците во живот вечен. (Матеј 25:24,46)

Драги мои стружани, најнапред ви благодарам вам што посакавте и ме поканивте мене, најмалиот и најнедостојниот меѓу архијереите, да го водам денес ова евхаристиско тајноводство, во овој прекрасен храм, изграден од нашите богољубиви и доброљубиви предци.

Исто така, му благодарам на старешината на овој храм, протојерејот отец Васко Голабовски, мое верно духовно чедо, кој многу се труди на нивата Господова и кој го услиша гласот на верниците, за денеска да бидам со вас овде.

Особена, пак, благодарност му изразувам на нашиот многупочитуван Митрополит Дебарско-кичевски, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, кој благослови да бидеме заедно со вас на ова свештено евхаристиско собрание.

Денес Црквата, преку евангелското четиво што пред малку го слушнавме, нè потсетува за крајниот и суден Ден. Ги чувме зборовите од преблагата уста на Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој на смирените и љубовни Свои чеда им вели: Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот (Матеј 25,4). Всушност, овој евангелски расказ открива пред нас две големи реалности: едната, вечниот живот, кој е Царството Божјо и непрестајна наслада од лицето на прекрасниот Христос Бог, а другата, пеколот и вечните маки.

За човек да го наследи Царството Божјо неопходно е најнапред да верува и да Го сака Бога. Би можеле да кажеме човекот има два поттикнувачи, два мотиви што го насочуваат неговиот поглед кон Бога. Првиот мотив е стравот од вечните маки, од вечното наказание, т.е. од пеколот, опишани во Евангелието, а вториот мотив – љубовта, копнежот, силната желба да се гледа лицето Божјо, да се созерцува неискажливата Негова убавина и добрина. Главен мотив за нашата насоченост кон Бога треба да биде вториов, т.е. љубовта. Се разбира, и стравот во голема мера помага луѓето да се држат блиску до Бога, но главниот фактор за нашето општење со Него треба да биде љубовта, бидејќи Он е љубов. Денес, меѓутоа, гледаме дека луѓето повеќе не се плашат од Бога; го изгубиле стравот од она од коешто треба реално да се плашат – од гревот, од зависноста на страстите, од тоа да им нанесуваат штета на ближните, да им прават лошо на другите. Мислам дека и самите констатирате дека тој нормален, разумен страв го снемува. Затоа, пак, денес се појавија многу неприродни, нереални стравови. Колку ли не различни фобии можат да се сретнат среде луѓето! Необјасниви стравови, панични напади, анксиозност, стравови од магии и суеверија… Денес психијатрите се просто преплавени од вакви случаи. Луѓето го напуштија стравот од Бога, но затоа, како што вели псалмопевецот цар Давид: Ќе се уплашат тие од страв таму каде што нема страв (Псалм 52,5).

Сепак, мили мои, како што нагласивме, стравот од пеколот не треба да биде главната причина за нашето приближување кон Бога, ами љубовта кон Него. Свети Јован Златоуст тоа вака го објаснува – слушнете колку убаво размислување: „Страдањето не е вечниот оган; страдањето е лишување од тоа најпрекрасно лице на Исуса Христа“. Сигурно во вашите животи сте почувствувале колку поттикнува гледањето на личноста што ја љубиш. Родителите, на пример, би издржале сè, би надминале секакви тешкотии – доволно би им било само да го гледаат нивното дете здраво и радосно. Така што, љубовта, созерцанието на преслаткото лице Христово треба да биде и наш императив, за да бидеме секогаш во општење со Него. Зашто Царството Божјо, вечниот живот, започнува отсега и одовде, во овој живот. Во Црквата ни се дава можност да го живееме Царството Небеско уште на земјата. Господ Исус Христос некогаш се воплоти, осиромаши, за нас да нè обогати; го гледаме Неговиот лик на светите икони, Он стана човек, опиплив за нас, та, гледајќи Го и соединувајќи се со Него, да станеме жители на Небото уште во овој век. Стекнувањето на тоа жителство за вечниот живот се случува овде, во храмот Божји, каде преку светите тајни на Црквата, имаме можност да се соединуваме со вечниот Христос.

Но, мили мои, од суштествена важност е да знаеме дека за да бидеме блиску до Него, неопходно е да го препознаваме Неговиот лик во душите на нашите ближни. Впрочем, треба особено да се грижиме околу Неговите две најголеми заповеди: „Возљуби Го Господа својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја сила“ и „љуби го својот ближен како себеси!“ (Марко 12,30-31) Не е возможно, доколку ние не оствариме вистински љубовен однос со сите луѓе што нè опкружуваат во овој свет, да бидеме блиску до нашиот Спасител. Он е, значи, Изворот на љубовта, од Кој ние треба да пиеме и потем таа љубов да ја предаваме на ближните. Во денешното Евангелие Он јасно им вели на тие од десната страна: „гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (Матеј 25,35-36). Погледнете, милостивиот Он, како да Го има во секој човек, се идентификува со најмалите, најбезначајните; ни ја подава раката како просјак, за да можеме да наследиме живот вечен. Ни се претставува и како бедник, како затвореник и болен. Токму така, Он дојде да го спаси секој човек и не презира никого во овој свет. Следствено, доколку сакаме да бидеме вистински Христијани, да бидеме вистински Христови, неопходно е нашиот однос со Неговите деца да биде добар; да, и самите сме деца Господови, но и сите околу нас се деца Божји. Затоа, немој никогаш и во ништо да ја мериш твојата љубов што ја даваш на другите. Давај ја во изобилство и не барај ништо за возврат. Тогаш навистина ќе можеш да се наречеш ученик Христов и да го наследиш Царството Небесно.

Бидејќи се наоѓаме на една седмица до Великиот Пост, Црквата денес нè повикува да се преиспитаме себеси по кој пат сме тргнале, какви Христијани сме. Дали сме како оние што Господ денес во Евангелието ги благословува и им вели: Дојдете, благословени од Мојот Отец…, им се радува зашто биле милостиви, добродетелни, полни со љубов; или, пак, не дај Боже, ќе се покажеме како оние другите, коишто, иако оделе во храмот, го читале Светото Писмо, знаеле за Господ – тоа се гледа од самиот расказ – сепак, не правеле милосрдни дела. Сетете се и на Параболата со десетте девојки, од кои пет биле мудри, а пет неразумни. Неразумните, при пречекот на Младоженецот, не понеле елеј во своите кандила, којшто ги означува добрите дела и затоа не успеале да Го пречекаат Женихот – Христос. И едните и другите биле девственици, сигурно многу и се молеле, ги исполнувале правилата, но петте од нив го заборавиле најважното: не биле милостиви, немале доволно љубов кон своите со-луѓе, па за нив дверите на Божјото Царство биле затворени.

Видовме, мили мои, како евангелското четиво нè потсетува на двете реалности: на вечниот живот и на вечните маки. Но, што е, всушност, вечниот живот, Царството Небесно? Може ли тоа да се искаже со човечки зборови, или, пак, да се спореди со нешто од овој свет? Се разбира, не. Тогаш, што да кажеме за вечниот живот? Ќе ги повториме зборовите на Светиот Апостол Павле, кој вели: Што окото не виде, што увото не чу, што во човечкото срце не дојде, тоа Бог го приготви за оние, кои Го љубат (1. Кор. 2,9). Нашата желба не може ни да го замисли тоа нешто, бидејќи за да имаме желба за одреден објект, најнапред треба да го видиме тој објект. Што, тогаш, да кажеме за овие нешта кои се надвор од сликите и претставите на овој век?! Се разбира, не можеме да кажеме ништо. Можеме да кажеме само некои одречни работи. Најнапред, вечниот живот не е никаква претстава од овој свет. Таму, вели, Господ ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка (Откр. 21,4). Таму не постои болката, не постои тагата, не постои крик од болка, не постои воздишка. Не постои смртта. Преку словото Божјо, пак, дознаваме дека Самиот Христос е животот вечен. Јас сум животот, вели Он. Неизречивата радост и веселие што произлегуваат од гледањето на прекрасното лице Божјо – тоа е животот вечен.

Последната врата од конечниот влез во вечниот живот е смртта. Сите ние, иако знаеме и зборуваме за вечен живот, читаме за него во Светото Писмо, сепак, кога ќе помислиме на оваа последна врата – нè обзема страв. И тоа е сосема природно. Сетете се како и Самиот Спасител Господ Исус Христос, кога Му претстоело да отиде на доброволно страдање, човечката природа во Него се исплашила, па започнал да се моли во Гетсиманската градина со следниве зборови: Татко Мој! – вели – Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша. Која чаша? На смртта, маченичка и на крст! Но не како што сакам Јас, туку како Ти! (Матеј 26,39) Гледаме дека пред овој феномен човекот трепери, но го надминува. Исто, кога Господ Исус се нашол пред грбот на Неговиот пријател Лазар, во кој тој бил положен мртов веќе четири дена, просолзил. Исус просолзи (Јован 11,35). Зошто? Затоа што смртта не е нешто природно за човекот. Во Книгата Мудрост Соломонова се вели дека Бог не ја создаде смртта. И следствено, штом Господ не ја создаде смртта, таа им припаѓа на нештата што суштински не постојат. Таа е натрапник. Влезе во животот на човекот затоа што човекот по сопствен избор погреши и така ѝ ја отвори вратата на смртта. Затоа многу е природно човекот да чувствува одвратност кон неа. Но, верниот човек, подобно на својот Спасител, ја надминува смртта.

Да се пробудиме, мили мои. Пред нас е Великиот Пост, Четириесетдневната пролет, низ која треба да поминеме, пред нашиот најголем празник. Добриот подвиг на постот може многу да направи. Никој од нас не смее да очајува и да си рече во себе: „Што можам јас да направам? Па макар и да се подвизувам, да се молам и да постам? Можам ли да сменам нешто?“ Секако дека можеш. Прво ќе се спасиш ти, а во врска со тоа Свети Серафим Саровски, големиот руски светител, вели: спасувај се ти и околу тебе уште илјадници ќе се спасат. Да го пресретнеме, затоа, со радост и со позитивно настроение тој благословен подвиг на воздржание, придружен, се разбира, со милостина, со добри дела, со љубов кон сите луѓе. Можеби некои ќе речат: „Па, јас не можам да им помогнам на сиромашните, или да ги исцелам болните“. Да, но можеме да им дадеме утешен збор, да им подариме дел од нашето време, од нашето внимание; можеме да се помолиме за нив – на каков било начин можеме да помогнеме. На осамените и болните, пред сè, потребна им е утеха и охрабрување. Тоа за нив е најубавиот лек.

Видовме, мили мои, дека последниот и голем Господов ден ќе биде мошне едноставен. Господ нема да нè прашува колку молитви кажувавме, колку метании правевме, колку пати во црква одевме, туку колку бевме милостиви, колку љубов имавме. Главниот критериум, значи, на Страшниот Суд ќе биде љубовта. Зашто оној што има љубов кон ближните, ги исполнува сите заповеди Господови, како што вели Светиот Апостол Павле за добродетелниот човек: против таквиот нема закон, односно, го исполнува целиот Закон Божји.

И уште нешто. Повторното доаѓање на Христос на земјата за вистинскиот верник претставува радост, бидејќи тој секојдневно копнее по Неговото највозљубено лице. А кога ќе почне да се случува тоа, вие исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближи вашето избавување (Лука 21,28). Оттука, сосема погрешни се оние заплашувања за последните времиња што се мошне актуелни денес, за жал, дури и во Црквата православна. Доаѓајќи наваму, едно духовно чедо ми испрати порака: „Владико свети, немојте никако да примате вакцина против корона, бидејќи антихристот сака сите да нè убие! Па бидејќи секако треба да умреме, да умреме барем за Христа“. Се разбира, оваа долгогодишна верничка ми го напиша тоа од љубов, бидејќи ме почитува, но гледајте колку таа погрешна апокалиптична пропаганда навлегла и во Црквата и ги храни душите на верните со штетна храна, со нешто што му е туѓо на православното богословие и предание. Ете тоа е она на што мислел Христос кога зборувал за крајните времиња: Тогаш, ако ви каже некој: „Еве, овде е Христос“ или „таму е“ – не верувајте! Зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, дури и избраните (Матеј 23,24). И да знаете, ова не е кажано само за инославните и за еретиците, туку и за православни духовници и верници, самоповикани сезналци, кои се разбираат од сè и сешто, знаат што содржат вакцините (а не ги слушаат медицината и науката што се дадени од Бога и кои треба да кажат дали нештото е штетно или не), па дури го најавуваат и доаѓањето на Господа. И сето тоа настојчиво им го наметнуваат на другите, сеејќи во нивните души страв и неизвесност. Разбирате ли колку се погрешни тие нездрави инсинуации со крајните времиња, со Страшниот Суд, со Второто Христово пришествие? Да, ние веруваме и знаеме дека праволинискиот тек на историјата ќе има крај, дека Христос повторно ќе дојде, за да им суди на живите и на мртвите, но ние, како верници, треба да се радуваме на Неговото доаѓање. А ќе се радуваме доколку сме со Него уште во овој живот. Јас треба да Го очекувам и да копнеам по Него уште во оваа вечер; треба да се насладувам со лицето Господово секој ден; да Го барам, да чезнеам по Него секој ден. Величествен е оној дијалог што се наоѓа во последната глава од Откровението на Свети Јован Богослов: „Господи, кога ќе дојдеш? Дојди, Господи Исусе побрзо!“ Да, доаѓам скоро! И Духот и невестата велат: Амин! Да дојди! Господи Исусе! Кој е Духот? Тој е Светиот Дух кој пребива во Црквата. А невестата? Невестата е Црквата. Значи, верниот, возљубени мои, верниот што навистина Го знае Христа, тој верник со копнеж Го очекува Христа и Му вели: „Дојди, Господи Исусе!“ Тоа е Христијанин, Го очекува Христа како Избавител; Избавител од гревот, од страданијата, од смртта. А точното време на свршетокот на историјата и на Страшниот Христов Суд не спаѓа во нашиот домен. За тоа Самиот Христос јасно говори: А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец (Матеј 24,36). Сака да ни каже дека ние не треба со тоа да се занимаваме, туку да се трудиме секојдневно со Него да бидеме. Знаете, Христијаните уште во првиот век мислеле дека Христос ќе дојде и ќе заврши светот. Ако ги читате, на пример, Посланијата на Апостол Павле до Солунјаните, ќе видите како тој татковски ги укорува околу тоа: „Колку пати ви кажував за Второто доаѓање Христово! Дека додека не се јави антихристот, Христос нема да дојде“. Ги искарал Апостолот затоа што некои од нив, штом слушнале дека Господ ќе дојде за скоро, ги оставиле своите работни места, ги затвориле дуќаните и почнале да шетаат од врата на врата и да празнословат, да безделничат и да осудуваат. Ние треба да се трудиме и да работиме како да ќе живееме долго, а да се подготвуваме за конечната средба со Христа како денес да ни е последниот ден. Оти, за нас многу поверојатно е да излеземе пред судот Божји поскоро, одошто да настапи Второто пришествие. Од каде знам дека оваа вечер Господ нема да ми побара сметка за душата моја? Доколку размислуваме вака ќе бидеме исправни Христијани.

Мили мои, да се молиме Господ да ни го дарува најважното нешто – љубовта. Барајте ја неа, сакајте се и бидете сите еднодушни; тогаш Господ ќе ве умножи и ќе ни го даде и вечниот живот. Ако се сакаме и ако бидеме Христијани како оние што денес Господ ги постави од Својата десна страна, ве уверувам, овој храм ќе биде мал, ќе ни требаат уште многу храмови, многу луѓе ќе се спасуваат и ќе влезат во Царството приготвено од Отецот уште од создавањето на светот. Ви посакувам да бидете вистински Христијани, што ќе се плашат од она што е вистинско, а не од тоа што не треба, но пред сè, што ќе го љубат и ќе копнеат по прекрасното и највозљубено лице на Христа, кое е извор на радост и љубов. Зашто Царството Небесно, животот вечен, е Самиот Он, како што вели Божествениот тајновидец, Свети Јован Богослов: А ова е вечен живот: да Те познаат Тебе, Единствениот вистински Бог, и Исуса Христа, Кого си Го испратил (Јован 17,3).

Да сте сите благословени и ви посакувам богоугодни пости!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *