Почетна Верски буквар Што Библијата сведочи за самата себе си – од каде е, зошто е и кој навистина може да ја разбере нејзината содржина?
Што Библијата сведочи за самата себе си – од каде е, зошто е и кој навистина може да ја разбере нејзината содржина?

Што Библијата сведочи за самата себе си – од каде е, зошто е и кој навистина може да ја разбере нејзината содржина?

1.02K
0
  1. Наједноставно е да се каже дека таа е порака, таа е ОТКРОВЕНИЕ Божјо преку кое разбираме што е вистина и лага, што е добро и зло, што е полезно и благословено за човекот како создание Божјо, но, и што не му е благословено и полезно на човекот во овој свет!
  2. Целата содржина на Библијата, светите книги на Стариот и на Новиот Завет, се најавтентично ОБЈАСНУВАЊЕ за смислата на постоењето кое ни доаѓа од највисокото ниво на постоење, од самиот Творец, од самиот Смислодавач.
  3. Исто така, таа е и сведоштво за историски настани што ја осмислија и променија духовната историја на човештвото. Таа е и советник за исполнет, благословен, свет и овечноснет живот, потврда за вредноста и значењето на родот човечки, како во овој свет – така и во вечноста!

– „Ете, Јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло. Ако ги слушаш заповедите на Господ (Јахве – Јас Сум Оној Кој Сум Вечниот), твојот Бог, што денес ти ги давам – а тоа е да го љубиш Господ, твојот Бог, да одиш по сите патишта Негови и да ги извршуваш заповедите и законите Негови тогаш ќе ЖИВЕЕШ. . .“ (Пета книга Мојссева. 30, 15 – 16)

  1. Се наметнува прашањето, ако Библијата/ Светото Писмо е толку значајна и вредна книга, кој е нејзиниот автор?

Интересно е да се напомене дека Светото Писмо не е една книга, туку е ЗБОРНИК од повеќе свети книги, запишувани низ долг временски период – од 1480 година пред Христос до 98 година по Христос – и тоа од повеќе автори/ запишувачи. Но, кога се читаат светите книги, како од Стариот, така и од Новиот Завет, се забележува дека сета содржина е вдахновена и водена од еден Извор.
Тој, еден Извор, низ светите книги ни открива свој план кој се спроведува низ вековите. Односно, Тој има една и единствена цел и спасителна порака до целото човештво – а тоа е спасение и ослободување на човештвото од сотонското ропство, злото, гревот, духовната и телесната смрт преку искупителната крсна жртва на Месијата (Христос), преку Неговото воскресение од мртвите, преку испраќањето на Светиот Дух и формирањето на Новозаветниот народ Божји – Црквата.

bibliСето ова го овозможува ПОВИКОТ до целото човештво за негово повторно воведување во полнотата на совршениот начин на постоење – во Царството Божјо, во онаа состојба на постоење која ја изгубивме преку отпаѓањето на нашите прародители Адам и Ева преку нивната инфекција со злото!

– „Тој беше презрен и отфрлен меѓу луѓето, човек на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Тој беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме. Но Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме дека Тој беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога. А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме.“
(пророштво за тоа како ќе изгледа делувањето на Месијата од пророкот Исаија. 53. 1 – 12; ова пророштво е запишано 740 години пред доаѓањето на Спасителот)

– „И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста.„
(пророштво за тоа каде ќе се роди Месијата од пророкот Михеј. 5, 2; запишано 742 години пред доаѓањето на Спасителот)

– „Никој не се искачил на небото, освен Оној Кој слезе од небото, Синот Човечки, Кој е на небото. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен. Зашто Бог (Небесниот Отец) толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син (своето совечно Слово/ Логос/ Син Единороден), та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Син Божји. А овој суд е затоа што Светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли. Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела бидејќи се лукави. А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.
(зборови на Месијата запишани во евангелието според апостол Јован. 3, 13 – 21)

  1. Тој еден Извор, на се што е запишано од запишувачите на светите книги, во самите свети книги ни се разоткри како Еден и Единствен Творец на се што постои – во сите димензии на постоењето.
    Тој Творец, постепено низ историјата на отпаднатото од Него човештво, од ЕЛОХИМ (Бог) кој само беше насетуван преку неговите дејствија од еврејскиот, па и од другите народи, се откри како ЈАХВЕ – како Вечно постоечко битие, за во Новиот Завет, Тој истиот да ни се разоткрие во ПОЛНОТА како наш Небесен Отец Кој има свое совечно Слово/Логос, односно, Единороден Син и совечен Дух Свети.

Неговиот Единороден Син, кој преку пречистата девојка Марија (Богородица) и Светиот Дух ја прими човечката природа – стана наш Месија (Христос), Спасител, Осободител од состојбата на отпаднатост (сатанско ропство, зло, грев, смрт). Па затоа Месијата, за време на својата спасителна мисија во овој свет на насобраните околу него претставници на старозаветниот народ Божји – евреите, им ја кажа оваа темелна вистина и смисла на сета содржина на светите книги:

– „Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен, а токму тие сведочат за Мене!“ (Јован. 5, 39)

Со овие зборови Тој ни потврди дека целото Свето Писмо, односно, се што ни е откриено во него – ни сведочи дека овој свет и целото човештво – својата единствена смисла, вистина, цел и надеж на постоењето ја имаат во сето она што Месијата го направи и прави за нас, во сето она што Тој ни го вети, во сето она што Тој ни го покажа и докажа како вредност на постоењето. По искупителната и сеослободувачка љубовна жртва на крстот и по своето воскресение од мртвите, Месијата на своите апостоли им го откри следното:
„Не требаше ли така да пострада Месијата (Христос) и да влезе во својата слава? Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им разјаснуваше што е кажано за Него во сите Писма (во сите свети книги)“ (Лука. 24, 27).

  1. Па, затоа кога го читаме Светото Писмо, се што е запишано во него има свое објаснување, цел, смисла и разрешница во личноста на Исус Христос (Јешуа Месија).

Без Месијата и без сето она што Тој го направи и прави за нас преку силата на Духот Свет во светата Црква – а во слава на на Небесниот Отец – целата содржина на Библијата не би имала никаква смисла! Во таков случај Светото Писмо би било слично на разните религиозни и философски книги од овој свет, но без ветување, без вистински Божествен авторитет и без РЕШЕНИЕ на најсуштинските проблеми со кое се соочува човештвото!

Единствено Месијата, Совечното Слово/ Син Божји – Кој стана вистински човек и наш единствен Спасител и Учител, може со сигурност да каже:

– „ЈАС СУМ Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене. “ (Јован. 14, 6)

Единствено Тој може да вети:

– „ЈАС СУМ воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.“ (Јован. 11, 25)

Единствено Тој може вака да разговара со Изворот на постоењето, со Небесниот Отец:

– „Ова го кажа Исус, па ги подигна очите Свои кон небото и рече: „Оче, дојде часот; прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој,
2 како што си Му дал власт над секое тело, та на се што си му дал, да му даде вечен живот.
3 А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос (Јешуа Машиах/ Месија/ Спасител).
4 Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си ми го дал да го извршам.
5 И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе уште светот пред да настане.
6 Го објавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово.
7 Сега разбраа дека се што си Ми дал, е од Тебе;
8 зашто зборовите што си Ми ги дал им ги предадов и тие ги примија и разбраа навистина дека од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил.
9 Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои.
10 И се Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив.
11 Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам кај Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние.
12 Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина, освен погибелниот син, за да се исполни Писмото.
13 А сега се враќам кај Тебе, и ова му го кажувам на светот за да ја имаат во себе Мојата полна радост.
14 Јас им го предадов Твоето слово, и светот ги замрази, зашто тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот.
15 Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото.
16 Тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот.
17 Посвети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина.
18 Како Ти Мене што Ме прати во светот, и Јас ги пратив во светот.
19 И за нив јас се посветувам, та и тие да бидат осветени преку вистината.
20 Но не се молам само за нив, туку и за оние што преку нивните зборови ќе поверуваат во Мене,
21 за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил.
22 И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние едно.
23 Јас сум во нив и тие се во Мене, за да бидат во се едно, и да дознае светот дека Ти си Ме испратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби.
24 Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, зашто ме возљуби уште пред да се создаде светот.
25 Оче Праведен, светот не Те позна, Јас Те познав; и овие познаа дека Ти си Ме испратил;
26 и им го објавив името Твое, и ќе го известувам, та љубовта, со која Ме возљуби Ти, да биде во нив, и Јас во нив.”
(Јован. 17, 1 – 26)

  1. Затоа Библијата е непобедливо и непоколебливо откровение на вечниот Творец и осмислувач на постоењето. Затоа таа треба да биде секојдневна духовна храна за оние што чекорат по Патот на спасението, но и за оние што сакаат на вистински начин да ја спознаат смислата и вредноста на постоењето, како во овој свет – така и на вечен план! И затоа, светиот апостол Павле премудро ќе напише:

Ivica Todoorv– „Целото Писмо е од Бога вдахновено и тоа е полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во праведност, за Божјиот човек да биде усовршен и совршено подготвен за секое добро дело.“ (2. Тимотеј. 3, 16)

Пишува: презвитер Ивица Тодоров

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *