Почетна Вести Ислам Штипскиот муфтија за ифтарот во училиштето во Радовиш
Штипскиот муфтија за ифтарот во училиштето во Радовиш

Штипскиот муфтија за ифтарот во училиштето во Радовиш

174
0

Штипскиот муфтија при Исламската верска заедница во Македонија (ИВЗ), Насир Реџепи, во врска со случајот со одржаниот ифтар во училиштето „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш истакна дека се надева оти случајот брзо ќе биде решен, како и дека ќе се обезбедат услови за наставата во училиштето да се одвива во нормални услови.

Штипскиот муфтија, Насир Реџепи, во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за случувањата и реакциите по одржувањето на ифтарот во училиштето во Радовиш.

„Информиран сум околу случајот. Во штипското Муфтиство дојдоа тројцата наставници кои го организираа ифтарот. Широко разговаравме околу случајот. За жал, бесмислено е за некој кој ги знае условите, состојбите во Македонија да се случи апсурд. Според информациите кои ги добив од наставниците од ова училиште, празниците на другите религии се празнуваат многу поотворено, во кои учествуваат и ученици кои не припаѓаат на таа вероисповед“, вели муфтијата Реџепи.

Тој објаснува дека изминатиот четврток, на 31 мај, откако завршила наставата во училиштето, учениците отишле дома, а потоа со дозвола на нивните родители, наставниците и директорот присуствувале на ифтарот. Како што вели муфтијата Реџепи, како и пред почетокот на секој ифтар, така и на овој, се учел езан. Езанот го учел наставник од училиштето кој го предава предметот Религија.

„За жал овој случај веќе неколку дена на различни аспекти се прикажува по социјалните мрежи, телевизии“, истакна муфтијата Реџепи. Тој додаде дека според неговите информации, можно е училиштето да добие парична казна, а директорот на училиштето да биде отстранет од функцијата.

Во изминатите денови медиумите објавија дека Државниот просветен инспекторат за училиштето во Радовиш најавил казна во износ од 1.600 евра и 1.120 евра за директорот на училиштето, и дека градоначалникот на општината ќе добие укажување да го смени раководното лице.

„Уште еднаш сакам да нагласам дека ваквите нешта се апсурдни. Нас нè вознемири тоа што случајот се прикажува во многу различни димензии, додека велиме дека ја охрабруваме толеранцијата, соживотот, мултикултурализмот“, вели муфтијата Реџепи.

Тој информира дека веќе разговарале со наставниците кои го организирале ифтарот, повикувајќи ги граѓаните на смиреност и потенцирајќи дека ифтарот е организиран со добра намера.

„Тие не треба ништо да направат бидејќи ифтарот е организиран со многу добра намера. Очекуваме и посакуваме властите да размислат на мирен начин, и да донесат праведна одлука, со цел да не се нарушува рамазанската атмосфера“, порача муфтијата Реџепи, додавајќи дека случајот бил проследен и до надлежните власти.

„Разговарав и со поглаварот на ИВЗ. Разговараме и со некои власти кои ги познаваме, им го пренесовме случајот. Подвлекувам дека овој ифтар, организиран во рамките на условите на Македонија, е нешто што е многу нормално. Но за жал, некои лица со лоша намера, ова го доведоа до различни нивоа. Се врши психолошки притисок врз учениците и наставниците“, вели муфтијата Реџепи и порачува:

„Се надеваме дека ова брзо ќе се реши, и брзо ќе се обезбедат услови и психолошка средина за наставата да се одвива нормално.

По повод ифтарот во училиштето во Радовиш, изјава даде и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

„Упатувам апел до сите институции, сите организации коишто во минатото за други, слични ситуации, но и за различни коишто се третирале како слични во јавниот простор имале гласна реакција, тоа да го направат и овој пат затоа што како држава мораме секуларноста да ја разбереме на вистински начин. Ние мораме да му гарантираме на секое дете во согласност со желбата на нивните родители надвор од училишниот двор да има слободно право да практицираат религијата, но внатре, во училниците, апсолутно не е место за такви работи“, рече Даријан Сотировски.

Новиот министер за образование и наука на Република Македонија, Арбр Адеми, на новинарско прашање за споменатиот случај истакна дека институциите на системот ќе ја вршат својата задача.

„Законските одредби, законските решенија во секоја алка и во секоја сфера на образовниот систем се јасни, прецизни и секако дека институциите на системот ќе ја вршат својата задача“, рече Адеми.

Инаку, во однос на случајот со ифтарот во училиштето во Радовиш, на социјалните мрежи има различни реакции, а меѓу нив и потсетување дека во 2008 година, кога училиштето било пуштено во употреба, се одржал чинот на осветување. Информација за овој настан има и на официјалниот сајт на Македонската православна црква, при што се наведува:

„На 21.01.2008 година, во Радовиш беше пуштено во употреба новото училиште „Крсте Петков Мискиров“, кое се наоѓа во непосредна близина на црквата „Света Троица“, чиј ктитор е г. Ристо Гуштеров. Чинот на осветување на училиштето го изврши Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение со свештенослужители од Радовишкото архиерејско намесништво, а потоа свечено беше пуштено во употреба од премиерот на Р. Македонија, г. Никола Груевски.“

/Анадолија Агенција

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *