Почетна Коментар Шегобијци
Шегобијци

Шегобијци

317
0

Еден постар текст, авторство на новинарот Горан Вечичковски, кој вреди да остане во архивите на Религија.мк

Значаен дел од денешните Христијани се големи шегобијци. Велат дека веруваат во Бог, ама си тераат по свое. Се декларираат за верници, но сепак си наоѓаат оправдание за сето она што не ќе го испочитуваат. И веднаш на почетокот да се разбереме дека во таа група на шегобијци припаѓа и авторот на текстов. Чисто,колку да немаме дилеми дека некој некому соли памет…

А сега со примери, да си се ѕирнеме во оглеалото на душата…

  1. Синот Божји живееше меѓу нас и не поучи дека ѓаволот може да се победи само со пост и молитва.(,, Тој Род со ништо не може да се истера, освен со пост и молитва,” -од Светото Евангелие според Марко 9, 29) . Тоа е наредба, тоа е рецепт за здрав живот оти најнездравото што му се случува на човекот е сатаната. Токму затоа Светите Отци одредиле пост во среда и петок плус четири големи пости ( Божиќниот, Велигденскиот, Петровденскиот и Богородичниот). Многу Христијани си бараат оправдување, па велат – јас не можам да постам, или – Бог ќе ми прости, но не можам без месо, или – Важно е да се пости од лоши зборови, а не да се придржуваме до некои клишеа, или пак некои луѓе го постат само Велигденскиот пост, а другите “не морало” итн. Терање по свое, нели? Какво шегобијство?
  2. Причестувње… Ми вели еден брат – јас не можам да се причестувам бидејќи се гадам од заедничка лажичка… Сите се лигават, има болни, има заразни болести, не фала – јас од тоа не би можел да се причестувам…

– Како ја свакаш Причесната?- го прашав;

– Како лепче и винце…

– Е, кога би ја знаел Светоста на Причесната и кога би гледал на неа како на Крв и Тело Христово, или поточно кога би сватил дека тоа всушност е Крвта и Телото Христово,и да ја примаш како лек и животно вдахновение, не би зборувал вака… Но, бадијала муабет, братот си остана на своето…

  1. Исповед и покајание. Зошто да одам да се исповедам кај попот кога и тој е човек како мене? Плус, поповите се алчни, се богатат на наша сметка, возат мерцедеси…,па јас ли на него да му ги кажувам моите тајни? Покрај ова размислување има уште поголема небулоза – јас немам за што да се каам бидејќи немам направено гревови . …..(немаш???)

Но, кога би сватиле дека во покајанието се каеме пред Бог и дека се откажуваме од стариот јас т.е. се раѓаме во измиениот нов јас, кога би знаеле какво е чувството после исповед, каква благодат добива душата после исповед, сите ние би трчале по двапати во неделата на исповед и покајание. Кога би сакале да станеме подобри луѓе чија мисија на земјата е да Му служат на Бог и на ближниот свој, ние би итале на исповед и би го молеле духовикот да не` ислуша и поучи, но не, ова е време кога суетите ни се набилдани до даска, а самоанализата е сведена на нула. Фактички, за покајание треба душевна самооперација, ама нашиов свет почива на перцепција “надвор од мене” и критика на се, освен на самиот себе… На оваа тема имаме убава поука од Светите отци во која се вели: -Никогаш немој под било кој изговор за некого да судиш, туку секогаш имај пред своите очи еден, единствен лош човек за кој треба да дадеш одговор пред Бога – себе самиот!

  1. Простувањето е врв на Христијанската етика, љубов, милосрдност.. Ако некој те удри по обрзот, сврти му го и другиот, беше речено од Господ Исус Христос.( На оној што ќе те удри по едниот образ заврти му го и другиот а на оној што сака да ти ја земе горната облека поај му ја и кошулата -од Свето Евангелие според Лука 6,26)

Биди спокоен, не прифаќај кавги, туку смирувај скарани, простувај, не возвраќај со агресивност, не тепај, оти оној што вади нож од нож и ќе настрада – не учеше Учителот. Тој ме навредува, тепа, јас да му ќутам? Па не сум кукавица… – е коментарот при секој дуел на улица, во продавница, на работа или дома. Луѓето експлодираат за ситници, се убиваат за ништо. Се ќе сторат да биде по нивно, а за Божјите наредби ни пет пари не даваат. Христовите зборови околу образот, простувањето и смиреноста ги прифаќаат како бајка за некое друго време,а не за ова… Едноставно Христијани сме , ама си тераме по свое бидејќи не е важно како ќе ни суди Бог, туку многу поважно е што ќе кажат луѓето за нас и за нашата одважност.

  1. Воскресение, Божјиот суд, пеколот и рајот… Правев една анкета на тема: Мислите ли дека има живот после смртта?- при што голем дел од анкетираните Христијани рекоа дека никој не се вратил од таму за да даде одговор на ова прашање. Оваа теза индиректно кажува дека луѓето ,,се прават на Тошо,, и имаат сомнеж околу најважното прашање, а тоа е Христовото Воскресение. Имено Христос Воскресна, се покажа пред Апостолите, ги поучуваше и ни остави аманет дека секоја душа по смртта ја чека раѓање во вечноста. Без ова, нашата вера би била празна, а животот без цел. Да се биде скептичен во однос на живеењето по смртта е оспорување на Христос и тврдењето дека Велигден е измислен празник. Во исто време, ако нема живот вечен, тогаш нема ниту рај, ниту пекол, ниту пак Божји суд. Сето ова води кон анулирање на стравот Божји во личноста т.е.на почитта човечка кон Божјото сеприсуство. Сума сумарум, јас сум Христијанин православен за кој единствено валидно е она што го примам и го гледам со сетилата, а кон се друго имам резерва и скепса… Па ве молам, зар не е тоа сурогат вера, во која главните постулати се оспорени, а Христос е протеран, навреден , понижен , распнат? Навистина жалосно!
  2. Литургиски живот. Светите Отци велат дека на Литургијата се симнуваат ангелите и Светиот Дух го милува секој од присутните. Ретко кој излегол од Литургија со невесело и празно срце. За жал, храмовите се полупразни, а образложенијата на луѓето се дека: немаат време, им се спие во недела, не го разбираат старословенскиот јазик, не можат да стојат… Во суштина Литургијата е заедничарење на луѓето со Бог и со заедницата на која и припаѓаат, но во овие времиња полесно е да се заедничари во кафеана отколку во црква, што укажува на фактот дека сме му се предале нечестивиот, на– хихихаха- светот, без желба за потрага по место во Царството Божјо, каде би била нашата душа во вечноста.
  3. Си правиме муабет со една госпоѓа која не е венчана, а има шеесет и кусур години, две чеда и здрав маж. Не сакам да се венчам, вели таа, бидејќи кога се регистриравме пред 45 години го молев да ме носи во црква,а тој не сакаше, е сега пак јас нејќам… Попустливост нема, ама тоа е така бидејќи на венчавката се гледа како на ритуал, а не како на можност за спасение. Женава заради невенчавање е подготвена да биде осудена на Праведниот суд, на вечни маки (внимавајте на вечни), само и само колку да не му попушти на мажот. Кога таа би сватила и би верувала дека душата ќе и се препелка (мачи) заради тоа, кога таа би знаела и би се срамела од тоа што нејзините деца секогаш ќе бидат третирани од Бог како деца од нечестив брак, би трчала пред олтарот, но вака таа му се реваншира на мажот, не сакајки да му прости и да го стори она што Му е угодно на Бога….
  4. Пушиме, се труеме, ги труеме другите околу нас. Кога на старец Клеопа му дошол на гости пушач кој се пожалил и тврдел дека неможе да се откаже од порокот, Старецот ја земал цигарата и почнал да го гори гостинот по раката. Како што сега те боли и пече, така ќе ти биде во пеколот ако не престанеш со порокот,па сега ти размисли што ќе правиш, бил советот на Старец Клеопа. Верникот што го посетил, имајќи чиста вера во себе ја сватил пораката и престанал да пуши… Најголемиот дел од нас ако добие медицински совет да ги остави цигарите, бидејќи ќе умре, веднаш ќе се откаже од тутунот, а на светоотечките поуки гледаме како на нешто неважно… Ете повторно скепса, неверие, терање по свое…

Сите ние пред излегување од дома ќе потрошиме многу време пред огледало да се средиме, но малку кој ќе погледне во огледалото на душата, да ја видиме нечистотијата која таму се насобрала. Ако дел од облеката или телото е извалкан веднаш ќе брзаме да го исчистиме, а за нечистотијата на душата која ни е вечна, не се трудиме за очистување, не бараме прошка и разрешување на гревовите…

Има уште многу примери од секојдневниот живот што покажуваат колку ние Христијаните во денешно време сме шегобијци. Но, ако мислиме дека се шегуваме со Бог, длабоко се лажеме, фактички си играме мајтап со самите нас и притоа опасно си штетиме.

Светите Отци рекле: Ако бегаш од Господ, Тој нема да те гони, но ќе те чека. На крштевањето во секој од нас е вдахновена благодатта на Светиот Дух, кај некого можеби е потисната длабоко во душата, но Бог не сака никој да загине и до последен час го очекува нашето покајание и распламтувањето на благодатта на Светиот Дух која сме ја добиле на крштевањето, но доколку самите не ги сватиме благите опомени од Бога, кои ни ги дава преку болести, загуба на ближни ,страдања, неправди…., е тогаш ….не мислиме за спасението наше.

[Како Милосрден Господи и Судијо Праведен не` трпиш и ни помагаш на нас грешниците кои секојдневно Те распнуваме со нашите гревови? Навистина е голема Твојата љубов за Твоите созданија, Создателу на небото и земјата и на се` што постои.

Господи помилуј и вразуми не, оти никогаш не е доцна човек да се преуми во Тебе, а да се откаже од себе и својата глупост. Ни останува само да се надеваме Господи на Твоето големо милосрдие и долготрпеливост.]

Пишува: Горан Величковски – ЗЕВЗЕКМАНИЈА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *