Почетна Коментар Секој ден не е Велигден, за жал
Секој ден не е Велигден, за жал

Секој ден не е Велигден, за жал

216
0

Долго време некои луѓе, дури и такви што не биле живи сведоци, шират лажни вести за блиското минато на Македонија, за нејзините години поминати во Титова Југославија. Во една од тие лаги може да се вброи и наводната забрана за религиска определба, за вршење богослужби и одбележување верски празници, иако Македонија и македонскиот православен народ може да се гордеат со своите црковни достигнувања токму во тој период. Без претензии нешто да докажувам, во овие денови на изолација поради коронавирусот, ги споделувам сеќавањата за Велигден од моето детство, кои зборуваат сами по себе.
Бевме деца и за нас беа интересни велигденските приказни, кратки епизоди од еден подолг серијал. Не беа тоа теолошки лекции за веронаука, туку спонтани искажувања што ги слушавме со начулени уши и ги примавме наизменично, со жал или со радост.

Слушавме од мајките, татковците или дедовците, како кога се родил Исус сите новородени деца, по наредба на еврејскиот цар, да се ставаат во буриња низнатре наредени со ножеви и да бидат тркалани по удолница, ниедно дете да не останело живо. Како мајка му Марија го родила од Господ, татко му бил дограмаџија, а братучед му бил свети Јован, кој се хранел со скакулци. Тој го крстил Исуса во реката Јордан и оттаму е празникот Војордани. Исус бил многу добар и мудар, подучувал и лечел луѓе од разни болести и затоа некои не го сакале, на крст го обесиле, му ги заковале рацете и нозете со клинци. И како за пари го предал неговиот најверен другар Јуда, кој пред тоа целивал, ама Јуда потоа сам се обесил од што му било мака за стореното.

Уште од Поклади (Прочка) се нижеа приказните. Вечерта, пред чистиот понеделник, нѐ собираше дедо ми четирите деца и ни правеше амкање – на сукало врзуваше конец, а на него ставаше лупено варено јајце. Ни го подаваше од високо, кој ќе стигне да го гризне, со седење, без станување. Потоа врзуваше бела алва, која ни се лепеше по целото лице, беше жива смеа, радост неопислива. Во деновите по Прочка ни раскажуваа како Исус Христос го излечил болниот Лазар и затоа е празникот Лазара или Врбица, кога сите деца и девојчиња трчавме да собереме разлистани врбови гранчиња (весници на пролетта), ги китевме домашните врати да не ни се случуваат лоши работи. Да ја чуваат куќата со сите во неа.

А најинтересно беше кога идеа деновите Величетврток и Велипеток, кога се кажуваа страдањата Исусови, како лошите еврејски власти го мачеле и тепале, го осудиле на смрт, тој умрел, го закопале во гроб под голем камен, а по три дена воскреснал, Марија Магдалена прва го видела празниот гроб. Воскреснал зашто бил најдобриот и најправеден човек што се родил на Земјата, поради тоа бил намерно обесен на крстот. Затоа се вапсувале јајца, луѓето оделе во црква на причесна, затоа на Велигден се викало „Христос воскресе“, и така некогаш луѓето се поздравувале наредните четириесет дена до Спасовден. Наместо добро утро и добар ден, си велеле „Христос воскресе“.

И така, истите приказни се повторуваа неколку детски години, а ние како деца верувавме дека сето тоа било вистина, која се случувала тука некаде, блиску до нас по место, но многу далеку по време, кое ниту најстарите не го паметеле. Ни кажуваа дека од тој ден почнало да се смета времето, да се редат годините, почнувајќи од денот кога тој се родил. И никако не можевме да помислиме дека и самиот Исус бил Евреин, Исус бил наш, а Евреите биле лоши.
За Велигден мајка ми вапсуваше јајца, по правило само црвени, зашто таа била бојата на крвта на Исуса. Во сабота навечер, пред да одиме во црква, ни даваше да носиме по едно јајце со нас. Во Ресен имаше (сѐ уше ги има) две цркви. Едната е „Свети Ѓорѓи“, изградена во 1830-та, а обновена во 1843 година, народно позната како влашка или грчка црква, која до 1912 година била под патријаршиска власт, кога и богослужбата се изведувала на грчки јазик, а во неа постоело и грчко училиште.

Таму, секоја недела на утринска литургија одеа дедо ми и баба ми, Влаинка (која била грчка учителка во Јанковец). Другата црква нарекувана бугарска, го носи името на светите браќа Кирил и Методиј. Црквата има историска подлога, осветена е на ден Богородица во 1894 година. Нејзиното осветување наводно послужило како маска пред турските власти, за да може да се скрие одржувањето на таканареченото ресенско советување на делегатите на штотуку формираното ВМРО, кое се одвивало во куќата на Христо Татарчев, првиот претседател на организацијата. Таму биле и Даме Груев и уште петнаесетмина други претставници, чиј состанок некои историчари не го нарекуваат советување туку го бележат како прв конгрес на револуционерната организација.

Но 1950-тите и 1960-тите беа години кога и двете цркви се помакедончуваа, ниту влашката подлегнуваше на старите патријаршиски, ниту пак бугарската на егзархиските влијанија, иако кај генерации си лебдеше религиската носталгија кон минатите времиња, да си ја признаеме вистината. Останати беа делови од старословенските чатења на евангелијата и од српските обичаи. Старите попови, кои служеле во српско, во бугарско и во партизанско-комунистичко, мудро се привикнуваа на новите општествени и политички услови, со понекој исклучок, се разбира. Еден е Исус, една е црквата, еден е патот до царството небесно.

Во моите детски и средношколски денови велигденските вечерни литургии се служеа во „Св. Кирил и Методиј“. Не треба да кажувам дека секоја година вриеше од народ, во самата црква и нејзиниот голем двор. Убавиот храм има и балкон, каде што се сместуваа помладите, поразговорливите, онаму каде што попот често вртеше глава да опомене за нужна тишина. Постарите верници најверојатно си беа опфатени со божји чувства, но ние помладите на таа вечер гледавме како на забава. Забавен беше обичајот да се однесат свеќите неугаснати до дома. Имено, не по официјална наредба на власта, туку по некаква шуш-шуш пропагандна порака, се ширеа гласови дека не смеат да се носат запалени свеќи на улица. За запазување на тој антитеолошки принцип дежураа двајца полицајци. Меѓу народот се беше прочуло дека едниот е строг и им ги гасне свеќите на луѓето, другиот не прави никаков проблем. Не треба да ви кажувам по кои улици се движеше мнозинството.

Што беше Велигден за нас децата, не само во Ресен туку во цела Македонија? Беше празник за многу радости. Беше ден кога бевме тазе бањати и дотерани во ново, од глава до петици, безмалку. Тоа беше ден кога се заменуваше зимската и се купуваше нова, летна облека. Нова кошула или маица, панталони со џакетче, нови патики за машките, ново фустанче и сандали за девојчињата. За разлика од децата, кои си имавме свои катчиња, голем број млади и мажи се собираа на плоштадот, имаа натпревар во кршење јајца, едно видливо ведро расположение. Воопшто, тие беа години кога немаше загадена атмосфера, ниту од природата, ниту од луѓето.

Немаше такви загадувачи како што се намножени денес. Не, немаше тогаш опасни честитки во воздухот, на секој Велигден атмосферата беше исполнета со радост и милина.
Откако ќе завршеа празничните денови, кога ќе поминеше егзалтацијата, дури и кај оние што не биле верници, можеше да се чуе поворката „Не е секој ден Велигден“. За жал!

/Панде Колемишевски (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *