Почетна Анализа Секој Божиќ – сведоштво за автокефалноста на МПЦ- историски датуми за успесите и за премрежињата на македонската црква
Секој Божиќ – сведоштво за автокефалноста на МПЦ- историски датуми за успесите и за премрежињата на македонската црква

Секој Божиќ – сведоштво за автокефалноста на МПЦ- историски датуми за успесите и за премрежињата на македонската црква

414
0

Долг, трнлив и полн со искушенија бил историскиот пат на македонскиот народ и на Македонската православна црква-Охридска архиепископија во остварувањето на својата независност и црковна автокефалност.

Денес, МПЦ-ОА е темел на посебниот идентитет на Македонците и со векови е чувар на македонскиот јазик, традиција и култура. Половина век од историската 1967 година, МПЦ-ОА е жива црква со развиено монаштво, просветни богословски институции, вредни фрески и икони и цркви и манастири, какви што немаат голем број православни цркви. Црковниот живот во Македонија со право се смета за континуитет на некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

Токму за време на празничните денови по повод Христовото раѓање – Божиќ, „Нова Македонија“ подготви осврт на најважните датуми што останале врежани во историјата како настани што сведочат за успесите, но и за премрежињата од развојот на црквата во земјата. Тие се однесуваат за периодот пред и по осамостојувањето на Република Македонија. Секој од нив има свој белег, кој најмногу се однесува за животот на црквата во минатото, за нејзината автокефалност, како и за нејзиниот развој во последните години.

Она што мора да се напомене е дека нашата црква има изградено јасен став за целта од вековната борба за самобитност, од кој не отстапува, а тоа е дека решението за нејзиниот статус во православниот свет е само признавање автокефалност во суштинска смисла, односно дека посебноста на МПЦ мора да биде изразена со сите елементи што ги има една автокефална црква, исто како Српската, Бугарската или Руската црква.

ИСТОРИСКИ КОНТИНУИТЕТ ОД ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА

Нашиот народ низ вековите имал своја историска црква, Охридската архиепископија, која повеќе од седум века, од нејзиното формирање до 1767 година, држела под јурисдикција голем дел од Балканот, вклучувајќи ја и територијата на денешна Македонија. По незаконското укинување на Охридската архиепископија од страна на османлиската власт во 1767 година, нејзините епархии најпрвин биле припоени кон Цариградската патријаршија, а подоцна, со создавањето на егзархијата во 1870 година, во најголем дел преминала во нејзина јурисдикција.

ТРИТЕ СОБОРИ

Пред самиот крај на војната, во 1944 година во селото Врановци е создаден иницијативен одбор за организирање на Македонската православна црква. Во март 1945 година во Скопје е одржан Првиот црковно-народен собор, на кој е донесена резолуција за обновување на Охридската архиепископија како Македонска православна црква. Оваа одлука е доставена и до Архијерејскиот собор на СПЦ, бидејќи пред војната епархиите во делот на Вардарска Македонија биле во составот на Обединетата православна црква на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна – Српска православна црква. СПЦ не ја прифаќа оваа одлука, поради што во своите понатамошни барања иницијативниот одбор истапува со одредени редукции, наместо како автокефална, бара да биде признаена како самостојна црква. Но повторно не наидува на одобрување.

Во 1958 година во Охрид е одржан Вториот македонски црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Светиклиментовата охридска архиепископија, олицетворена во самостојната МПЦ, а за нејзин прв епископ е избран г. Доситеј. Следната година, СПЦ ги прифатила одлуките за самостојност на МПЦ, а подоцна во 1962 година српскиот патријарх Герман, во придружба на рускиот патријарх Алексеј, доаѓа во Македонија и на празникот Свети Кирил и Методиј во црквата „Пресвета Богородица“ во Каменско, Охрид, отслужува литургија со архиепископот Доситеј. Ова било прво сослужување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други автокефални цркви. МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикува Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква „Свети Климент Охридски“ ја прогласува МПЦ за автокефална. Чинот на прогласувањето на автокефалноста е извршен на литургија на 19 јули 1967 година, точно 200 години по нејзиното укинувањето од страна на турскиот султан.

ПРЕГОВОРИ МЕЃУ МПЦ И СПЦ

Од 1968 до 1977 година се водени разговори претежно преку Комисијата за односи со верските заедници во Македонија и во Србија. Во 1978 година се случувале средби на комисии од СПЦ и МПЦ во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, по молба на МПЦ од 22 април 1977 година за признавање на нејзината автокефалност. Комисиите се состанале и вторпат, на 17 и 19 септември 1979 година, во манастирот „Свети Богородица во Калишта“ кај Струга. Архиепископот Ангелариј на 1 февруари 1982 година побарал од СПЦ да ѝ ја признае автокефалноста на МПЦ, но соборот на Српската православна црква во мај истата година одлучува негативно по тоа прашање.

По независноста на Македонија се вршат активни преговори со СПЦ за наоѓање решение на проблемот. Првите контакти се во 1990 година, но сепак првата директна средба на ниво на комисии е остварена на 3 март 1992 година во Белград, а разговорите се продолжени на 15 и 16 април 1992 година во манастирот „Свети Богородица“ во Калишта, Струга. Тогаш се донел заеднички став на двете комисии да се почне со заедничко богослужење, односно сослужување на клирот на двете цркви, без да се донесе одлука за де јуре признавање на МПЦ како автокефална црква, нешто што веќе впрочем се практикува со клирот на православните цркви, со клирот на Православната црква во Америка. Но соборот на СПЦ не го прифатил тој став, кој, всушност, го минира епископот Иринеј Буловиќ. Овој заеднички став на двете комисии го прифатил Синодот на МПЦ, а го отфрли Архијерејскиот собор на СПЦ. Неколку средби, но без конкретни договори, има во периодот од 1997 до 2001 година.

По прогласувањето на Јовановата ПОА нема официјални преговори меѓу двете цркви, иако владиците на МПЦ неколкупати испраќаа писма за средба со српските владици и за продолжување на разговорите.

НИШКИ ДОГОВОР

Нишкиот договор предвидуваше на МПЦ да ѝ се даде одредена широка црковна автономија, но изборот на поглаварот на МПЦ да биде потврден од српскиот патријарх. За време на литургиите во МПЦ, според договорот, требало да се споменува прво името на српскиот патријарх. Работната верзија на овој договор на 17 мај 2002 година ја потпишаа македонските владици Петар, Наум и Тимотеј. Синодот на СПЦ, а подоцна и соборот на архијереи на Српската црква го прифати тој договор, но Синодот на МПЦ го отфрли. Непостоењето на терминот „македонски“ во документот од Ниш, потпишан на 17 мај 2002, тогаш предизвика најголем револт кај македонската јавност. Синодот на МПЦ тогаш изјави дека нема да се откаже ниту имал намера да се откаже од името МПЦ и од автокефалноста. Токму ова беше клучната одлука на македонските владици, со која три недели по потпишувањето на договорот, под притисок на јавноста решија да го отфрлат потписот. Во договорот од Ниш, во членот 14, постоеше следната формулација: „Во согласност со древното црковно предание и историската практика, црквата за која станува збор го носи називот Охридска архиепископија. Охридската архиепископија може по досега воспоставената повеќедецениска практика во својата внатрешна меѓусебна службена комуникација со Пеќската патријаршија да го користи називот што го користела досега“.

РАСКОЛ ВО МПЦ И ВРАНИШКОВСКИ

Веднаш по пропаѓањето на нишкиот договор се случил и првиот и единствен внатрешен раскол во МПЦ од обновувањето на нејзината автокефалност. Откако Синодот на МПЦ-ОА го отфрли нишкиот договор, тогаш српскиот патријарх Павле испрати посебни писма до сите архијереи на МПЦ да се изјаснат поединечно за договорот и да го прифатат канонското единство со СПЦ. На повикот на српскиот патријарх за литургиско и канонско единство со Пеќската патријаршија позитивно одговорил само тогашниот митрополит на повардарската епархија Јован Вранишковски. Тоа се случило на 22 јуни 2002 година, а нецел месец подоцна, на 5 јули 2002 година, Синодот на МПЦ-ОА го расчинил Вранишковски од митрополит на повардарската епархија. На 23 септември 2002 година од страна на соборот на Српската православна црква Вранишковски беше поставен за српски егзарх на сите територии на православната Охридска архиепископија во Македонија.

По конституирањето на Синодот на ПОА, на 25 декември 2003 година, Јован е избран за архиепископ охридски и митрополит скопски, а потврден со одлука на 24 мај 2005 година од страна на српскиот патријарх Павле.

ИЗБОР НА НОВИ ВЛАДИЦИ

Првпат во историјата на возобновената МПЦ-ОА во 2005 година беа избрани тројца нови владици, кои истовремено беа и првите архијереи во црквата што потекнуваат од монашкиот ред, со над десет години поминат монашки живот во македонските манастири. Архимандритот Климент беше избран за викарен (помошен) епископ на епархискиот архијереј на преспанско-пелагониската епархија, со титула епископ хераклејски, г. Пимен, епископ полјански како викарен епископ во струмичката епархија, а сега митрополит европски, и архимандритот Методиј, со титула епископ велички или викарен епископ во скопската епархија. Тој чин на прогласување тројца владици беше оценет како внесување нова енергија во МПЦ, пред сѐ затоа што сите биле млади монаси, искрено посветени на црквата.

ВОЗОБНОВУВАЊЕ НА МОНАШТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА

Најголемиот расадник на монаштвото во Македонија се случил во 90-тите години од минатиот век, со враќањето на владиката Наум во Македонија по престојот во светогорските манастири. Тогаш, во 1996 година, прво спонтано беше возобновено машкото монаштво во водочкиот манастир „Свети Леонтиј“, за една година подоцна да продолжи да живее како женски општожителен манастир. Потоа, од 1998 година досега живеат повеќе од 20 машки и женски манастири низ земјата. Неофицијалната статистика вели дека приближно еден од 10 илјади Македонци е монах. Се смета дека денес во Македонија има речиси 200 монаси што живеат во братства и сестринства.

ИЗГРАДБА НА СОБОРНИОТ ХРАМ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ВО СКОПЈЕ

Соборен архиепископски храм на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Скопје и најголем храм на Македонската православна црква во земјата. Изградбата започнала на 23 април 1972, а осветувањето било извршено по повод 1.150-годишнината од раѓањето на патронот свети Климент Охридски, на 12 август 1990, во времето на архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил.

СОЗДАВАЊЕ НА БОГОСЛОВСКИОТ ФАКУЛТЕТ И НА СРЕДНОТО УЧИЛИШТЕ

Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје е основан во 1977 година, десет години по возобновувањето на МПЦ. Тој е, всушност, возобновител на Светиклиментовиот универзитет од пред 1.122 години како негов директен наследник. Македонската православна црква со самото осамостојување го создаде и првото средно училиште – Богословијата.

ПРОГЛАСУВАЊЕ СВЕТИТЕЛИ НА МПЦ

Во 2013 година, првпат од возобновувањето на МПЦ, беа прогласени првите светци што се впишани во календарот на нашата црква. Светците Евнувиј, Пајсиј и Аверакиј, под заедничкиот натпис „Пречистански преподобномаченици“, беа канонизирани во манастирот „Света Пречиста Богородица“, во близината на Кичево. Истата година во Битола беа прогласени за светци 40-те битолски преподобномаченици, убиени од Османлиите кога ја зазеле Битола. Уште тројца нови светители се вброија минатата година во календарот на МПЦ. Првата канонизација на игуменот Кипријан се случи во манастирот „Свети Јован Претеча“. Неколку месеци подоцна за светител беше прогласен епископот Гаврил Светогорец. Канонизацијата на Јоаникиј Ракотински се случи во септември минатата година во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

БАРАЊЕ ЗА ПРИЗНАВАЊЕ НА АВТОКЕФАЛНОСТА НА МПЦ-ОА ОД БУГАРСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Синодот на МПЦ-ОА во ноември минатата година испрати писмо до бугарскиот синод во кое изразува подготвеност БПЦ да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА. Ова се смета за историски исчекор на МПЦ, кој отвора една нова страница во прашањето за нејзиниот црковен статус. Ваквата одлука на Македонската црква предизвика лавина реакции во јавноста, како и во црковните кругови на соседните земји. Македонските владици до оваа одлука дошле поради сигналите што доаѓаат од црковен Белград и не даваат никакви надежи дека во скоро време може воопшто да се случи обновување на разговорите меѓу двете цркви. Од друга страна, пак, сметале дека потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу Софија и Скопје фрла едно ново светло во релациите меѓу двете држави и момент на градење пријателство.

/НОВА МАКЕДОНИЈА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *