Почетна Проповеди Се зарадував кога ми рекоа: Да одиме во домот Господов
Се зарадував кога ми рекоа: Да одиме во домот Господов

Се зарадував кога ми рекоа: Да одиме во домот Господов

155
0

Г. Јосиф – Митрополит Тетовско-гостиварски

(Беседа изречена на првата литургија во новоизградениот храм „Света Злата Мегленска“ на ден 24. 10. 2021 во пресрет на патрониот празник на храмот (Светиот апостол Филип; Спомен на Седмиот Вселенски Собор; Преподобен Теофан Начертани; Св. Нектариј патријарх Цариградски; Светите маченички Зинаида и Филонида – 18 недела по Педесетница посветена на Светите отци од VIIВселенски собор).

Благодатта Божја денес нѐ собра во овој наш новоизграден храм посветен на светата маченичка Злата Мегленска, овде во главниот град на Република Хрватска, во Загреб, каде по Божји благослов се изгради овој свет храм, чие подигнување предизвикува радост во нашите срца. Таа радост особено се чуствува во овој октомвриски неделен ден, кај сите нас, кои сме учесници на оваа литургиско собрание во пресрет на прославата на споменот на Вашата заштитничка и молитвеничка пред Троичниот Бог, на светата Злата, по чии што молитви се изгради и подигна овој македонски храм, кој со својата архитектонска и културна големина несомнено ќе стане дел од многуте културни споменици, кои со векови го красат овој европски град. Совршената Божја промисла несфатлива за нас неговите чеда, благоволи во оваа недела да ја отслужиме и првата Божествена литургија, на која ги принесовме нашите молитви за поскоро довршување и осветување на овој нов парохиски храм, кој е особено значаен најнапред за сите вас како и за сите Македонци во Хрватска, но и за Македонската православна црква – Охридската архиепископија, која несомнено како наша заедничка духовна мајка е чувар на нашиот национален, културен и црковен идентитет, како во епархиите во татковината, така и во епархиите во дијаспората.

Гледајќи го ова црковно здание, целокупниот комплекс – црквата и пасторалниот центар, всушност како да го гледам делото и напредокот на Вашата вера во нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Кога ќе направиме една ретроспектива за развојот на Вашата црковна општина во изминатите 28 години од нејзиното оформување во далечната 1993 година, или во изминатите 18 години од почетокот на активниот црковен живот, кој започнал во 2003 со доаѓањето на вашиот ценет свештеник – видлив е огромен напредок и тоа е најголемата причина за нашата денешна заедничка и сепразнична радост во пресрет на храмовиот празник за што и сме благодарни на светата маченичка Злата Мегленска, која не го заборави својот македонски народ на овие простори, а од вашето денешно присуство на Светата литургија гледаме дека и народот не ја заборава својата светителка и достојно ја празнува.

Возљубени,

Наоѓајќи се во храмот на света Злата и спомнувајќи си за нејзиниот свет спомен, во оваа 18 недела по Педесетница – посветена на Светите отци од Седмиот вселенски собор убаво е да се потсетиме на духовните квалитети, кои ги поседувала таа, а ги здобила преку постојан подвиг, силно верувајќи во нашиот Спасител и Господ. Од нејзиното житие дознаваме дека поседувала не само надворешна убавина, туку и внатрешна убавина, односно силната вера во Господ Исус Христос, смиреност и чистото срце. Најголемо сведоштво за нејзината вера е нејзиното маченичко страдание. „Јас верувам во Христа и нему му се поклонувам и само Него Го знам како мој младоженец. Од Него никогаш нема да се откажам дури и ако ме ставите на илјада маки или ако ме исечете на ситни парчиња.“ – се зборовите со кои светата Злата непоколебливо ја исповедала верата наша православна пред озлобениот и острастениот турчин, кој сакал да ја потурчи и земе за жена. Но и покрај сите закани младата мегленчанка не отстапила од својата вера и поради тоа маченички настрадала во 1795 година.

Поради целокупниот христоподобен подвиг за кој ни седочи нејзиното житие, животот на света Злата треба да ни претставува пример и образец за следење во усовршувањето на нашиот христијански живот. Како христијани и ние треба постојано да се трудиме нашата вера да биде силна и непоколеблива и исполнета со љубов. Се радувам што таква силна вера исполнета со единство и слога гледам и кај сите вас парохјаните и членовите на оваа Црковна општина. Вашата силна вера покрај другото се манифестира и во подигнувањето на овој храм, на ова Божјо живеалиште во кое пребива Светиот Дух, бидејќи без искрена вера и без молитви за само 7 години од осветувањето на камен темелникот, овој храм немаше да биде подигнат и да се наоѓа во завршна фаза на изградба. Учествувајќи во изградбата на храмот – сите вие заедно и секој човек расте и во верата, но и во богоподобието. Посакувам овој храм како и денес така и постојано да биде исполнет со верен народ и да биде ваше заедничко прибижиште од секојдневните животни искушенија, место во кое често ќе се сеќавате на Павловите зборови дека „вашето тело е храм на Светиот Дух“ (сп. 1 Кор. 3,16) и дека од особена важност за секој човек е да се грижи и реализира како храм Божји, а таа реализација на човекот, тоа осветување не е можно да се оствари во никој случај надвор од храмот, од црковната заедница и литургиско-евангелскиот живот, односно таа реализација е можна само преку исполнувањето на Божјите заповеди, пред сѐ заповедите за љубовта кон Бога и кон сите луѓе. Затоа често да со радост да го посетувате овој велелепен храм, кој е ваш втор дом и да се осветувате преку него, напредувајќи во верата, која живот значи и која не преобразува во подобри луѓе, достојни за Царството небесно.

Мили мои,

Овој празничен ден ќе остане трајно врежан и запаметен во меморијата на вашата Црковна општина, како ден, во кој се отслужи првата Света божествена литургија во овој прекрасен храм. Јас како гостин се чуствувам почестен од поканата на вашиот Митрополит Пимен и од вашиот почитуван свештеник о. Кирко, како и од Вашата љубезност и покажано гостољубие. Затоа ја користам оваа прилика да се заблагодарам и да Ви посакам на сите вас и на вашата Црковна општина уште голем број на успеси и развој. Нека молитвите на светата Злата бидат со сите вас и по нејзините молитви наскоро да се радуваме и на осветувањето на овој храм. Дај Боже!

Нека Божјиот благослов биде со сите вас. За многу години!

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *