Почетна Вести Се враќа монашкиот живот во еден од најстарите манастири во Скопје
Се враќа монашкиот живот во еден од најстарите манастири во Скопје

Се враќа монашкиот живот во еден од најстарите манастири во Скопје

2.95K
0

Манастирот Свети Пантелејмон во скопско Горно Нерезеи ќе стане уште едно монашко светилиште на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Манастирот кој во поновата историја беше познат како ресторан, каде се правеа свадби и веселби, сега го враќа вистинскиот дух на црковно светилиште.

Според информациите на Религија.мк, откако беше изграден комплексот Македонско Село, а со тоа и дислоциран ресторанот од манастирот, Синодот на МПЦ ја отпочнал иницијативата за заживување на овој манастир, како вистински духовен центар со монашко братство.

Засега е обновен само еден конак и во него е сместен еден монах и четворица искушеници. Целта е негова целосна обнова и воспоставување на машки монашки ред. Манастирот Свети Пантелејмон се наоѓа во Скопската Епархија, но е под надлежност на Синодот на МПЦ-ОА.

Инаку, Свети Пантелејмон е една од ретките цркви зачувани во оригиналната форма од нивната изградба. Манастирската црква е градена од византиската династија Комнин  во 1164 година, односно од принцот Алексеј Ангел син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот император Алексеј I Комнин.

Црквата, според своите димензии, спаѓа во редот на помалите цркви од типот впишан крст во правоаголен простор, односно комбинација со слободен крст. Градена е од обичен кршен камен, изваден во околината на манастирот и тули, кои со големо мајсторство се претворени во полихромни површини што го нагласува впечатокот како објектот да израснал од една монолитна стена, која во горниот дел завршува со една поголема осмострана и четири помали четиристрани куполи.

Првото оштетување на црквата се случило од земјотрес во 1555 година, но манастирот бил целосно сочуван. Какви биле и колку настрадале старите манастирски конаци не е познато, но за црквата со сигурност се знае дека ја загубила само централната купола во којашто, може да се претпостави, бил насликан Исус Христос.

Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а според изградените конаци во манастирот можеле да живеат десетина монаси.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *