Официјалниот црковен портал на МПЦ-ОА – Литургија.мк, објави текст по наслов „Дали навистина Цариградската патријаршија издава Томоси со историски имиња?“, во кој прави анализа на Томосите изадаени од Вселенската патријашрија за помесните цркви и со кој целосно ја збунува јавноста.
Иако текстот не е потпишан со автор, сепак самиот момент што излегува во официјалното интернет гласило на црквата, треба да се толкува и како официјален став на МПЦ-ОА. А текстот има чудна констатација и заклучок, од кој се чита дека МПЦ-ОА не сака Томос на име Охридска Архиепископија, и веројатно би се задоволила со Томос на име „Православна црква на Северна Македонија“.
Во текстот е направена анализа од Томосите издадени од Вселенската патријаршија за сите помесни православни цркви и во делот на нивното именување и титулирање на поглаварите на тие цркви. Иако во текстот се прави обид за спинување, како што е на пример именувањето самоволно на црквите како романска, бугарска, грузиска, албанска, српска … во цитираните делови од томосите јасно се чита дека тие се издадени на име на пример на Кралство Романија, на Бугарија, на Грузија … итн.
Па така во еден дел од текстот пишува:
„Тоа се следните документи: Томосот на Црквата на Грција од 1850 година, Томосот на Романската православна црква од 1885 година, Томосот на Српската православна црква од 1922 година, Томосот за автономија на Чехословачката црква, од 1923 година, Томосот на Полската православна црква од 1924 година, Томосот на Албанската православна црква од 1937 година, Томосот на Бугарската православна црква од 1945 година, Томосот на Грузиската црква од 1990 година, Томосот за автокефалија на Црквата на Чешка и Словачка, од 1998 година, Томосот на Православната црква на Украина од 2019 година …“
Во следните делови, каде пака се цитираат делови од Томосите јасно се чита спинот со националните именувања, што го прави официјалниот сајт на МПЦ-ОА.
Еве дел од тоа:
„Православната Црква во Кралството на Грција …, Ја објавуваме и прогласуваме Црквата на Кралството Романија за автокефална и целосно самоуправна …, под името Автокефална Обединета Православна Српска Црква на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците’ …, Со името ’Православна Архиепископија на Чехословачка’ …, автокефалното организирање и основање на Светата Православна Црква во Полска …, под името ’Православна автокефална црква на Албанија’ …, а оваа Црква, наша духовна сестра, на Светата Црква во Бугарија, и одредуваме таа, именувана како ’Света Православна Автокефална Црква на Бугарија‘, наша духовна сестра, да се управува и води самостојно и автокефално, во согласност со редот и суверените права на останатите Православни Автокефални Цркви …, Да го прифатиме со благоволение апелот на нашата сестра, светата Православна Црква на Грузија, до најсветата Црква на Константинопол, првиот престол во црковниот поредок, и да дадеме наш благослов, признание и официјално одобрение за автокефалноста и за независното организирање на оваа Црква, што е предмет на конечна одлука на идниот свет вселенски собор, кој единствено го осигурува вечно и без предрасуди за сите единството во верата и канонскиот црковен поредок на нашата света Православна Црква …, Највисокото раководство на локалната автокефална црква во Чешка и Словачка …, Светот да ја признаат и да ја спомнуваат под името ’Света Црква на Украина‘, со седиште во историскиот град Киев …“
Со овој текст, црковниот портал на МПЦ-ОА ги демантира токму сопствените ментори од МПЦ-ОА, кои ја залажуваат јавноста со некакви национални имиња на црквите. Текстот го потврдува фактот дека Вселенската патријаршија не издава Томоси на национални имиња, туку на имиња на државите во кои има јурисдикција таа црква. Што значи Томос на име Македонска православна црква е невозможен…
Тоа е едниот важен аспект од овој текст. Вториот е во титулирањето на поглаварите. Според она што е објавено како анализа се гледа дека поглаварите на сите помесни православни цркви се титулираат со името на државата, користејќи ја формулацијата „на цела …“. На цела Бугарија, на Цела Романија, на Цела Грзија …, што е уште еден контра факт на тезите од „квазипатриотите на МПЦ-ОА“. Зошто? Затоа што токму оваа практика укажува на тоа дека Стефан би требало да носи титула на „Цела Северна Македонија“, бидејќи терминот Македонија е многу поширок од политичките граници на државата Македонија. Впрочем тоа и веќе се случи со дел од православните цркви, кои се водат по Томосот на СПЦ и Стефан го дефинираат како Северномакедонски архиепископ.
Третиот и најчуден факт е што со овој текст МПЦ-ОА сака да каже дека именувањето на Томос од Вселенската патријаршија на името Охридска Архиепископија е неправилно и следствено на тоа името „православна црква на Северна Македонија“ е исправно. Така во текстот како заклучок стои:
„Од приложените документи се забележува дека практиката на Цариградската патријаршија при издавањето на Томос за автокефалија е да се уважи моменталната состојба и именување на државата во која се наоѓа помесната православна Црква која го добива Томосот.“
Што сакале да постигнат со овој текст е нејасно, но за доброупатените во проблематиката е сосема јасно.
Внимавајте. Како главен заклучок од овој текст, официјалниот портал на МПЦ-ОА напишал:
„Имајќи го сето ова предвид, се поставува прашањето: „Зошто, недоследно со вековната практика на Цариградската патријаршија, сега се настојува да се даде исклучиво историско именување на Црквата во Македонија, не како додавка (Македонска православна црква – Охридска архиепископија), туку како главно именување?“ Одговорот е дека со тоа се осигурува бришење на името „Македонија“, и сите изведени зборови од него, во именувањето на Црквата за внатрешна и за надворешна употреба. Очигледно, зад ова барање не стојат никакви еклисиолошки принципи, ниту востановена практика на Првопрестолната Црква, туку одредени нецрковни принципи – дали дневно-политички, дали национал-историски или некој трет вид – таа анализа и квалификација ја оставаме на други проучувачи. Давањето на историско име не значи признавање на историската поврзаност, ниту, пак, признавањето само под актуелното име означува непризнавање на историската поврзаност со древните цркви. Поврзаноста со Пеќката патријаршија не само што никој ниту ѝ ја оспорува, ниту ѝ ја негира на Српската православна црква, туку и е вклучена во титулата на Српскиот Патријарх, иако не се спомнува во Томосот за автокефалија.“
Колку треба да си историски неписмен за да направиш споредба дека никој не ја оспорува титулата на Печкиот патријарх и тоа да го рамниш со титулата на Охридскиот архиепископ? Нормално дека никој не ја спори таа титула, како што никој не ја спори титулата на Трновскиот патријарх од едноставна причнина што наследниците на Трновскиот и на Печкиот патријарх ја спорат титулата на Охридскиот архиепископ. Нивните титули нема кој да ги спори, затоа што никој не претендира врз нив. Напротив, истите тие претендираат врз титулата на Охридските архиепископи. Тие претензии се јасни, како што се јасни и намерите да се спречи таа титула Охридски Архиепископ денес да се поистоветува со црквата во државата Македонија. Ако ти заговараш теза дека името на МПЦ-ОА во Томос од Вселенската патријаршија не треба да биде Охридска Архиепископија, туку Православна Црква на Северна Македонија, а наследниците на Трново и Пеќ тоа го посакуваат, за чии интереси ти работиш?
Именувањето на МПЦ-ОА во Томос од Вселенската патријаршија под името Охридска Архиепископија е барање на МПЦ-ОА и тоа со писмото за апелација потпишано од сите владици на МПЦ-ОА. Тој што сега седи во Куманово и спинува вакви текстови, не е потпишан на тоа писмо, од едноставна причина што не беше владика и никој не го прашуваше што тој мисли, но на писмото е потпишан тогашниот негов владика, чие место тој подоцна го зазема.
И многу мудро тогаш побарале сите владици на МПЦ-ОА да името на црквата биде историското, еклисолошко име „Охридска Архиепископија“, наместо име „Правосоавна црква на Северна Македонија“ … Но што во меѓувреме се случува, е веќе прашање на криза на идентитет …


Nemate druga rabota …
Ova zboruva za vasata kriza …
Прво треба некои работи да ги поднаучиш подобро, српскиот Поглавар има титула и достоинство, Негова Светост, Патријарх српски, Архиепископ печки (пеќки), Митрополит београдски и сремско-карловачки! Титула, достоинство Патријарх печки НЕ ПОСТОИ!
Оној кој сака да И’ смислува ново име на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија секако не е од Нејзините редови. Нашата Света Црква си има Свое име, а секој којшто сака да И’ го смени, скрати или поништи Името, наводно за да го признае Нејзиното постоење, Нејзиното стоење во Вистината и во Планот Божји, на начин кој би им удоволил на разни политички играчи, не И’ е пријател, ниту брат, ниту соподвижник. Затоа, сите вакви разработки на сценарија сами за себе сведочат дека се однадвор мотивирани, а не од јадрото на Македонската Православна Црква, како што овој текст се обидува да набедува. Помесните Цркви коишто засега Ја нарекуваат со привременото име Православна Црква во Северна Македонија тоа го сториле од недостаток на какви било автентични информации за Нејзината историја и воопшто на македонската историја. Тоа особено важи за Помесните Цркви во Западна и Централна Европа (за т. н. Нови земји и да не говориме). Тие се инструирани во духот на геополитичките насоки на Европската Унија, за жал (денес доживеавме Црквата да гледа во кормилата на светските властодршци наместо да ја живее Својата странствувачка визија за Царството Божјо). Секој којшто поживеал барем некое време во Западна Европа сфатил дека незнаењето за историјата и православната култура на источноевропските земји е апсолутно никакво, особено за Македонија. Затоа, ако постои таква силна желба и посветеност кај интелектуалната елита да помогне во целосното прифаќање на МПЦ-ОА во сеправославното семејство, многу поконструктивно ќе биде да покрене перманентна сеопфатна акција на промоција на македонскиот православен хабитус: со сериозни, ерудитски синтези, со одлични филозофски, антрополошки, теолошки, културолошки итн. трудови, со врвни уметнички дела (од кои во некои гранки последниве децении постои сериозен недостаток) и воопшто со сиот креативен арсенал за промоција на македонскиот православен идентитет. Но тоа значи квалитетна, перманентна кампања на завидно ниво во бројни европски центри. Треба со добро отворени очи да се согледа што поимот ‘квалитет’ претставува во Европа на пример. МПЦ-ОА во Своите редови има одлични личности кои можат да понесат значаен дел од таква една мисија. Добар дел од активностите не мора ни да се однесат надвор, доволно е да се постават со значителна иновативност и професионалност дома за да го создадат потребниот одек надвор. Но културната кампања во повеќето европски центри мора да е континуирана и ефектна. Не е се’ политика, многу нешта се едноставно перцепција.