Почетна Проповеди Сé има свое време, и секоја работа под небото – има свое време
Сé има свое време, и секоја работа под небото – има свое време

Сé има свое време, и секоја работа под небото – има свое време

532
0

Возљубени празникољупци,

Секое време е проникнато од Божјата промисла и на човечкиот род секогаш богомудро му се нуди вечното спасение. И во овие времиња, преполни со соблазни и искушенија, со војни и судири, со присилни преселби и селидби, ние, христијаните, сме повикани овде на земјата да ја  шириме пораката од небото, пораката за љубовта и правдата, за мирот и вистината. Какви неволи и тешкотии да нè снајдат, не треба да очајуваме, ниту да се обесхрабруваме или да се плашиме, туку трпеливо да поднесуваме, со силна вера и со непоколеблива надеж во Божјата помош и правда. Искушенија и страданија, Бог честопати ни допушта за да нè испита и зацврсти во верата. Затоа, сиот наш живот треба да го поминуваме, раководејќи се и исполнувајќи ги Божјите закони и заповеди, па така да го градиме сопственото трпение, бидејќи кој издржи до крај – тој ќе биде спасен.

Светол пример за исполнување на Божјата волја е денешниот славеник, светиот пророк Илија. Тој е вистински богоугодник, чиј живот бил исполнет со постојани подвизи на љубовта, милосрдието и смирението. За таквиот богоугоден живот, Бог го дарувал и со исцелителна моќ, и со трајна почит меѓу народите. Бивајќи силен на збор и на дело, од Бога бил испратен да сведочи за вистината, а тој, со Божјата помош, го спречил идолопоконството кај својот народ и повторно го вратил во вистинската вера.

И ние, следејќи го животот на светиот пророк Илија, можеме и треба да се поучиме од неговите богољубие и родољубие. Неговата ревност во верата и неговата љубов кон Бога се пример за секој христијанин – за сите и во секое време. Тој со својот живот и дела, уште во Стариот завет ги исполнил Христовите зборови: Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум… и …возљуби го ближниот свој како себеси.

Но пророкот не ги љубел само ближните, туку и своите непријатели. Токму затоа Православната црква, знаејќи дека праведниците живеат довека и нивната награда е во Господа, торжествено го воспева, пеејќи му: „Ангел во тело, столб на пророците, втор претеча на Христовото доаѓање – Илија славен”.

Верни чеда во Господа,

Потребно е постојано да бидеме исполнети со страв од Бога, зашто почеток на мудроста е стравот Господов. За секој христијанин би било од полза ако ја здружува мудроста со доброто и ако не допушта неговото доброљубие да се помеша со лукавство. Затоа треба да имаме цврста и непоколеблива вера, исполнета со љубов и преточена во дела. Оти „како што огнот загрева, водата поросува, светлоста осветлува, така и живата вера треба да се пројавува во добрите дела”. Неопходно е во овие и вакви времиња силно да ја воскреснеме верата во нашите срца, „а не само по име да се нарекуваме христијани”. Потребно е непоколебливо да ревнуваме за вистината и да не бидеме рамнодушни кон злото. Не треба да се помируваме ниту со нашите страсти и недостатоци, ниту со неморалноста и лицемерието во светот, зашто ние, христијаните, сме должни да го менуваме светот кон добро.

Повикани сме високо да го воздигнеме својот крст, за да потврдиме дека ја живееме верата на пророците и апостолите, на мачениците и исповедниците, и на сите кои вистински ги сведочеле својата верност и својата љубов кон Христа Воскреснатиот – Спасителот на светот.

Денешново, како и сите изминати времиња, е време за исповедање на верата, време за сведочење на Христовата вистина. Наша христијанска должност е секогаш и насекаде, преку делата и живеењето според Светото Евангелие, да ги покажеме и посведочиме светлината и убавината на Православието. Па, верата е душата на Христољубивиот народ! „Од неа зависи не само блаженството на идниот, туку и среќата на овој век; и не само среќата на секого од нас, туку и благосостојбата на сите заедници”. Кога човек верува во Бога, тогаш тој ги љуби и Бога и луѓето, го љуби својот народ, го љуби татковото огниште, љуби сè што е негово – својот роден крај, својата Црква и Татковина. Верата нè учи да сакаме и почитуваме сè што е добро и благоугодно во овој свет, не заборавајќи ги подвизите и пожртвуваноста на оние кои со животите се вградија во нашата историја и, веруваме, се населија во небесната Црква.

Возљубени потомци на славните илинденци,

И ова наше време бара да ја чуваме и браниме нашата македонска вистина. Каде и да живееме, во Татковината или раселени по светот, само вооружени со Христовата вистина, и не заборавајќи ги аманетите од нашите достојни претшественици, посветените духовници и славните јунаци – ќе можеме да ја сведочиме и да ја продолжиме нашата долготрајна црковна и национална борба за опстој и за запазување на нашата слобода. Секој родољубив подвиг е оправдан, само ако е во името на правдата и вистината, и ако е вдахновен од љубовта кон Бога и во одбрана на својот народ.

Илинден е најславниот ден во македонската национална борба за слобода. Настанот од тој ден во 1903-та година е длабоко врежан во македонските души и срца, и оставил неизбришлив белег во нашата сенародна меморија. Затоа, Илинден е денот кога треба да се радуваме, денот кога треба молитвено да заедничариме со Бога, денот што потсетува колку е потребно да бидеме едномислени и сплотени како народ. Токму затоа таква е и молитвената порака во Крушевскиот манифест, каде се вели: „Нека Господ Бог ја благослови светата борба за правото и слободата! Нека се живи борците за слобода и сите чесни и добри македонски синови”.

Возљубени родољупци,

Па, да се бориш за сопствената слобода, не значи, секогаш, да земеш оружје в рака! Еве, нашата борба трае и во овие времиња, и таа треба да биде, пред сè, духовна и праведна. А тоа значи да се вооружиме со Христовите добродетели на љубовта и вистината, на слогата и единството, за да им одолееме на неправдите и за да го победиме сето она што нè оддалечува едни од други, и од нас самите прави туѓинци и противници. Само сплотени и едномислени, исполнети со страв Божји и со достојна почит кон своето, ќе чекориме по вистинскиот пат, носејќи вистински решенија и одлуки за сите и засекогаш.

Возљубени чеда на Македонската православна црква,

Полезно е постојано да се потсетуваме на нашето минато, зашто тоа нè поучува и нè упатува како треба да ги градиме и да ги живееме нашата сегашност и нашата иднина. Чувањето на сопствената историја и на сè што е наше, и непоколебливото живеење по Христовата вистина, е најцврстиот темел и гаранција за нашата државност и за нашата слобода, но и потврда за основаноста на нашата црковна автокефалност.

Еве, по молитвите на свети Климент Охридски и на светиот пророк Илија, годинава се удостоивме да одбележиме големи јубилеи: 1000 години Охридска архиепископија, потоа 60 години од нејзиното возобновување во лицето на нејзината продолжителка – Македонската православна црква, како и 115 години од славното Илинденско востание. Овие настани, заедно со вториот Илинден од пред 74 години, сведочат колку се длабоки корените на нашата духовност и дека векови ја сведочат нашата црковна и национална посебност. Илинден бил и останува симбол на нашата борба за слобода и идеал што бил и останува патоказ за сите македонски генерации.

Годишнините не се само поминато измерено време, туку настани што постојано опоменуваат и поучуваат!

Нека ни е вечна Охридската Македонска Црква! Нека ни е вечен Илинден и нека им е вечен споменот на сите борци за духовна и национална слобода на Македонија! Амин!

†СТЕФАН
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

со членовите на Светиот архиерејски синод
на Македонската православна црква

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско–пелагониски и
администратор Австралиско–новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско–кичевски
и администратор Австралиско–сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско–канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско–гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско–осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

Илинден, 2018 лето Господово

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *