Почетна Коментар Само со бојкот ќе покажете дека сте на принципите на ВМРО
Само со бојкот ќе покажете дека сте на принципите на ВМРО

Само со бојкот ќе покажете дека сте на принципите на ВМРО

4.04K
4

Повардарскиот митрополит г. Аагатангел испрати отворено писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски во кое го повикува да донесе одлука за бојкот на референдумот. Писмото на владиката Агатангел во продолжение во целост.

Почитуван г-дин Мицкоски,

И по поминати 125 години од основањето на ВМРО, македонскиот народ сè уште е емотивно поврзан со идеите, залагањата и дејствувањето на првенците на оваа семакедонска организација. ВМРО е цврстиот темел и основниот носечки столб на целокупната национална борба за македонската правда и вистина. Од лоното на ВМРО, во тешкиот и трагичен XX-ти век, во континуитет произлегувале илјадници знајни и незнајни херои, кои со многу љубов и посветеност ја жртвувале својата младост и свесно се откажувале од лагодноста и привидниот спокој на животот, имајќи го пред себе вечниот идеал на Македонците, а тој е да имаме сопствена, суверена и независна држава, каде во мир и слобода, непречено ќе растеме во добродетелите и ќе го унапредуваме, градиме и збогатуваме својот македонски иденититет, својот фолклор и самобитност, својата христијанска вера и својата национална култура.

Трновит бил патот и големи биле страдањата на овие наши великани – народни борци за слобода, кои во ниту еден момент од својот краток живот не паднале со духот, не се предале, ниту се посомневале во остварувањето на оваа света и праведна цел. За жал, најголемите македонски синови не доживеаја да го видат Македонецот достоинствен и неугнетуван, ниту пак да го почувствуваат вкусот на слатката слобода.

Дури во 1991 година, под водството на наследниците на историското ВМРО, на само еден мал дел од древната и света македонската земја, конечно се створија услови за да биде формирана независна македонска држава. Иако, на секому од нас ентузијазмот и вербата во подобро утре му беше на највисоко ниво, сепак бевме свесни дека Македонија не престанала да има јавни и тајни непријатели, кои ќе направат сè што е во нивна моќ за да ја покријат штотуку појавената светлина, да ја ускратат радоста и да го насадат мракот во душата на просветениот македонски народ.

Речиси 30 години сме сведоци на оваа нечестива и уникатна операција, која катадневно со своите пипци се вовлекува и одвнатре го нагризува македонското општество. Но, како и да е, и покрај сите налети на лицемерните и духовно сиромашните белосветски профитери, македонскиот народ го имаше адутот на единството, од каде ја црпеше својата надеж, својот опстој и својата непопустливост. Токму заради тоа, во последните неколку години, со сите сили и со сите средства беше удрено врз цврстата градба на единството. Ова беше нивниот последен обид, нивниот последен топовски плутон врз кревкото ткиво на мирниот и правдољубив македонски народ. Сосема им беше јасно дека разединувањето е нивниот спас, а стравот, нерешителноста и слабодушноста на македонскиот човек беше нивната опскурна цел. Затоа, сесрдно се потрудија македонскиот народ да го потопат во мракот на неинформираноста, хранејќи го секојдневно со ниска и грда пропаганда и ветувајќи му на подарок нејасна, но светла иднина, каде во изобилие ќе истекува незаслужено и незаработено богатство.

За жал, многумина се фатија во оваа стапица и станаа силни поборници и гласноговорници на оваа магловитост позади која се крие висока карпа која се заканува да го потопи бродот на чија палуба е искачен целиот македонски народ, целата негова историја и сета негова неизживеана иднина. Мораме да признаеме дека сите сме помалку виновни што дозволивме духовни сиромаси и луѓе со леснопоткуплив и плиток ментален склоп, да ни бидат првенци во јавниот и политички живот на нашето општество.

Одговорноста е сечија, ова е ноторен факт. Но, факт е и тоа дека и покрај сите притисоци, закани и уцени. самосвеста и нагонот за преживување на македонскиот народ е на високо и завидно ниво.

Единственото нешто кое во моментов му фали на народот е чесно и искрено водство, кое ќе ги спои и сублимира народните повици, а потоа правилно ќе ги здружи, насочи и генерира во моќна и незаобиколна сила и енергија која ќе го крепи и во иднина ќе му биде пулсот во крвотокот на Македонецот.

Вие, г. Мицковски, ја имате таа шанса и таа историска одговорност, да бидете водачот на народот, кој без патетично калкулирање и политизирање, ќе застанете во првите редови на македонскиот национален непокор. Македонскиот народ во моментов нема многу опции на располагање. Нему му преостанува единствено можноста самиот да се организира и да го спречи обидот за негово целосно уништување.

Ова е клучниот историски момент за ВМРО – ДПМНЕ и за Вас како нејзин претседател, да покажете дека сте вистински наследници на историското ВМРО. Ова не значи дека Ве наведувам да земете пушка во рака и да појдете в планина. Тоа никако не е целта на моето обраќање кон Вас. Секој кој барем малку трезвено размислува, знае дека на ваквата сила која се има надвиснато над нашите глави со сила не можеме да ѝ се спротивставиме.

Во моментов е потребна смиреност, интелигентност и решителност. Посилниот може да ни ја одземе слободата, но никако не може да ни го одземе достоинството. Послабиот победува доколку правилно го користи умот и предадено ја живее добродетелта. Добриот Бог отсекогаш ги штител онеправданите и угнетените. Ова, ние Македонците најдобро го знаеме. Векови на страшни погроми и геноциди сме поминале, но нашите предци, бивајќи под Божја закрила, ниту се асимилирале, ниту, пак, исчезнале од историската сцена. Напротив, без никаква помош и туторство се организирале и ја повеле борбата за национална и црковна слобода на македонскиот народ.

Бидете и Вие на правата страна и отворено пред целиот свет и пред сета македонска јавност повикајте на бојкот на наместениот референдум кој во блиска иднина ни се спрема за да ја оддува Македонија и македонскиот народ. Само на тој начин ќе покажете дека Вашите корени се насадени на принципите на славното ВМРО. Секогаш имајте предвид дека ВМРО не е затворено во некаква зграда и накитено со статути и програми. ВМРО е душата на македонскиот народ, односно искрата која го потпалува народниот стремеж за сесрдна борба против неправдата.

И како што на 23 октомври 1893 година само шестмина интелектуалци го посеаја семето од кое подоцна ќе никне и ќе разграни плодоносното дрво на слободата, така ќе се случи и денес, доколку заради разни интереси и слабодушност, бива напуштен и предаден македонскиот народ од своите првенци. И јас како Македонец, но и целиот чесен македонски народ, никогаш нема да се помири или да прифати промена на древното име на нашата татковина, ниту промена на нашиот идентитет. А, доколку, преку разни местенки и присилувања тоа и навистина се случи, тогаш нашиот пркос во наследство ќе го пренесеме и на идните генерации кои ќе чекаат вистинска прилика да си го повратат загубеното.

Искрено се надевам дека ќе бидете на вистинската страна г. Мицковски и нема да дозволите да бидете запаметен како првиот водач на ВМРО кој потклекнал и во соработка со мрачните сили на овој свет ги погазил националните интереси на македонскиот народ. Од мене и од сиот верен македонски православен народ во Повардарската епархија ја имате целата поддршка да оддолеете на притисокот на силните од овој свет.

Вечна нека ни е Македонија и македонскиот Богољубив народ во неа.

Со почит и Божји благослов,

Пишува: г. Агатангел – МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ

Коментар(4)

  1. Владиката Агатангел јасно треба да се истакне дека нема никакво право јавно да повикува на бојкот или било какви средства само да се остварат неговите некакви ситни патриотски желби.
    Јавна тајна е дека и како ректор на богословија јавно повикува низ годините уназат, учениците да гласаат за Вмро, во спротивно биле,, ѓаволи,, А заборава ли Агатангел дека со тоа манипулира со децата и им ја одзема слободната воља од Бога дадена?!

  2. Дедо Владика, ВЕЌЕ ТЕ ПОСЛУШАА. Негласањето денес е експливитно. За оние со трошка мозок и повеќе. За Мар и Јан – начелно во право сте, но…нема “ситни” патриотски желби. Сите се како Шара големи

Напиши одговор на icko Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *