
Што значи чинот кога вашето спомен-обележје и вашите конзулатски простории ги осветува претставник на црквата што канонски не е признаена, а вашите црковни претставници присуствуваат на тој чин? Или, што значи кога висок претставник на автокефална црква „молитвено учествува“ на литургијата посветена на сесловенските просветители, а со која началствува поглаварот на истата таа непризнаена црква.
Бездруго многу, и она што изминатава недела се доби како порака од Руската и од Бугарската православна црква не може, а да не се доживее како значително охрабрување. Навистина, поставувањето на рускиот крст во Лешочкиот манастир посветен на споменот на 35 руски монаси од Валаамскиот манастир што во 1926 година пребегнале во него од тогашната атеистичката комунистичка власт, се претвори во чествување што донесе силна руска поддршка за македонската црква. А пораката беше јасна – за руската црква апсолутно нема проблеми кога највисоките достоинственици на една непризнаена православна црква го извршуваат чинот на осветувањето на обележјето на нивните монаси. Односно, тој црковен чин е апсолутно легитимен и прифатлив.
Точно, руската црковна делегација не учествуваше во чинот на осветувањето од разбирливи причини, бидејќи МПЦ-ОА не е канонски признаена и се уште не е дел од семејството на православните цркви со регулиран статус. Затоа, таа не можеше да си дозволи да учествува во осветувањето, бидејќи тоа би значело и признавање на македонските црковни достоинственици како рамни на себе. А каков потрес во православниот свет тоа би можело да предизвика не е тешко да се претпостави.
Но, фактот што присуствуваа на осветувањето и дозволија тој чин да го извршат достоинствениците на непризнаената црква е мошне силна порака кон сите. Одозгора и монахот Методиј од Валаам, кој потекнува од Скопје, а сега и припаѓа на Руската православна црква, доби и го прифати орденот што го востановила МПЦ-ОА, што значи дека за Московската патријаршија се прифатливи и нашите црковни признанија.
Слично беше и во Охрид, каде што тамошниот македонски владика ги освети новите простории на рускиот конзулат, а на кој чин присуствуваше ректорот на Санктпетербуршката духовна академија, архиепископот Петерхофски г. Амвросиј. И за него немаше никаков проблем што тој чин го правеше владиката на црквата што с` уште не е признаена.
На денот на сесловенските просветители светите Kирил и Методиј, во Соборниот храм на МПЦ-ОА, на литургијата со која началствуваше македонскиот архиепископ г.г. Стефан, се појави бугарскиот тивериополски епископ Тихон. Јасно, и тој не учествуваше во службата затоа што сме непризнаена црква, но се најде ист „рецепт“ како минатата година во Софија. Тогаш, познато е, бугарскиот патријарх Неофит и другите бугарски владици го пречекаа архиепископот Стефан како легитимен поглавар, дозволија да учествува молитвено во литургијата и да ги благослови верниците. И таму не можеа да дозволат да одржат заедничка литургија поради нашиот сегашен статус, но пораката беше силна. Ова што сега се случи во Скопје е само потврда дека таквиот однос продолжува.
Јасно, работите околу нашиот црковен статус се уште се многу далеку од конечното решение чија адреса е во Белград. Но, овие руски и бугарски постапки се значајни како пораки што треба да ги слушнат и видат и другите православни цркви. Тоа се пораки дека македонската црква е реална црква, која не е привидна, не е расколничка, не е измислена од политичарите заради идентитетските потреби на македонскиот народ, како што тоа и го припишуваат белградските оспорувачи на нејзиното право на самостојно постоење. Односно, ова се и пораки дека таа е зрела како црква и оти проблемот што и се поставува не е нерешлив и дека со добра волја може да се реши.
А патот до тоа води преку вакви поводи. Толку ли е невозможно во некоја ваква ситуација – како во Лешок, Охрид, во Скопје или некаде во светилиштата во Србија да се најдат на исто место македонски и српски црковни достоинственици. Не мора да има заедничка служба оти за тоа постојат реални канонски пречки, но може ли да има слично вакво „молитвено учество“, односно, присуство на македонски достоинственици на службата на српски владици или на српските на службата што ќе ја водат македонските митрополити.
Наместо да се работи на тоа и да се гради пријателска атмосфера, од црковен Белград обновувањето на меѓуцрковните преговори се условува со запирањето на судските постапки против групата приврзаници на Јован Вранишкоски, иако тоа никаде не било договорено како услов. Сега СПЦ почна и да ги „информира“ другите православни цркви дека македонската црква е таа што не сака обновувањето на преговорите и оти го игнорира писмото што од Белград било испратено на нејзина адреса.
Целта е очигледна – македонската страна да се претстави како страна што нејќе дијалог, нејќе решение, туку дека сака да живее во раскол. И сето тоа пред сеправославниот собор што наскоро треба да почне на грчкиот остров Kрит. Навистина, се поочигледно станува кој сака решение, а кој не.
Пишува: Бранко Ѓорѓевски – (ДНЕВНИК)