
Патријархот московски и серуски Кирил потпиша писмо во коешто се повикува на потполна забрана на абортусот во Русија, соопшти за медиумите Александар Волков, портпарол на поглаварот на Руската православна црква.
Иницијативата која е покрената во согласност со Комисијата за семејни прашања, заштита на мајчинството и детинството на Руската православна црква, меѓу другото, повикува и оние бебиња кои се штотуку зачнати, да се прогласат за човечки суштества, со законско право на живот, здравје и благосостојба. 3а собирање на потписите за иницијативата се задолжени Руското општествено движење „За живот” и здружението „Православни доброволци”.
Во документот понатаму се предлага забрана на престанок на бременоста, хируршки или со помош на лекови, средстава против контрацепција и други помошни репродуктивни помагала, коишто се составен дел, како што се наведува, „понижувањата на човековото достоинство и убиствата на деца кои се наоѓаат во почетната фаза на својот ембрионален развој“.
– По потпишувањето на писмото, патријархот Кирил им се заблагодари на учесниците во акцијата и ги благослови, додаде Волков.
Иницијаторите предлагаат на бремените жени и на семејствата да им се даде материјална помош од федералниот буџет во висина на минимална плата.