Неучеството на Руската црква и на Полската црква во литургијата за 100 годишнината од осветувањето на катедралниот храм Св. Александар Невски во Софија има своја цел и позадина. За време на литургијата во Софија бил Митрополитот Антониј, шеф на одделот за надворешни работи на Руската црква, но не учествувал во заедничкото сослужување со сите останати претставници на другите помесни цркви.
За разлика од Руската црква, која испратила сво претставник, Полската црква не испратила ниту своја делегација.
Реномираниот интернет портал, Двери.бг, пишува дека однесувањето на Руската и на Полската црква е поврзано со признавањето на Украинската автокефална црква. Двери.бг, пишува дека Полската православна црква не испратила свои претставници, бидејќи нејзиниот Синод не сакал да учествува во служба заедно со оние цркви или арехиереи кои ја признаваат ПЦУ. Според информациите на Двери.бг, Полската црква испратила и писмо до бугарскиот Синод во кои ја известува зошто нема да присуствува, иако досега Послаката црква нема јавно објавено дека го прекинала црковното сослужување со четирите помесни православни цркви кои ја признаа Православната црква на Украина (Вселенската, Александриската, Грчката и Кипарската). Ако се покаже како точна оваа информација, тогаш Полската православна црква ќе биде првата помесна православна црква која се придружува на Руската црква во одлуката за едностран прекин на евхаристичките односи со помесните цркви кои ја признаваат автокефалната Православна црква на Украина.
Двери.бг, пишува и дека неучеството на Митрополитот Антониј од РПЦ на празничната Богослужба во Св. Александар Невски е токму поради тоа што во литургијата учествувале претставници на црквите кои ја признаваат ПЦУ. Исто така Двери.бг, потсетува дека Руската црква неодамна донесе одлука да го прекине сослужувањето со тројца бугарски митрополити, Пловдискиот Николај, Старозагорскиот Кипријан и Доростолскиот Јаков, а исто така и со двајца епископи на БПЦ, кои во Фанар учествуваа во Богослужба со архиереи на ПЦУ. Истите овие Архиереи на БПЦ, учествуваа во литургијата во Софија.
Двери.бг пишува и дека од тие причини, вечерта на 22 ноември, Митрополитот Антониј од РПЦ, сам отслужил молебен во храмот Свети Александар Невски, придружуван само од главниот секретар на Синодот на БПЦ, епископот Герасим.
Сепак, делегацијата на Руската црква, во која покрај Антониј, бил и советникот на Патријархот Кирил Николај Балашов и Игор Јакумчук, имала средба со Патријархот Даниил во Синодската Палата во Софија. На нејзе присуствувале двајцата изразито проруски настроени владици на БПЦ, Великотрновскиот Григориј и Ловчеснскиот Гаврил.
Интерсно е да се забележи дека во официјалните соопштенија на БПЦ за овој јубилеј никаде не се споменува присуството на делегацијата на Руската црква, освен во еден дел од веста за средбата на Патријархот Даниил со делегации на помесните православни црквки.
Таму пишува дека соговорницте разговарале за актуелни прашања за меѓусебните односи на двете цркви.
Руската православна црква пак соопшти за тоа како Митрополитот Антониј срдечно му се заблагодарил на Патријархот на БПЦ за поканата и можноста да учествува на прославата, истакнувајќи дека оваа посета е уште еден јасен доказ за единството меѓу Бугарската и Руската црква, и ги пренел поздравите од Патријархот Московски Кирил и цела Русија. Како тоа Руската црква оценува дека учествувала во оваа прослава без да учествува во заедничката литургија, не прецизира.

