Почетна Коментар Рождество на свети Јован Крстител
Рождество на свети Јован Крстител

Рождество на свети Јован Крстител

266
0

Сакам да споделам неколку мисли со вас по повод раѓањето на свети Јован Крстител, како и секогаш – според должност, а не според достоинство; и со плач во душата моја грешна, кон што ме води самото сведоштво на нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос, Кој вели за Својот Претеча: „Меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител“ (Матеј 11, 11). Ниту може веќе да се јави.

Целата историја и сите случувања, пред и за време на раѓањето на свети Јован Крстител, се икона на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, како и икона на преминот од првиот во вториот степен на духовниот развој – пројавување на благодатта на Крштението од срцето и дарот на умно-срдечната молитва, што Отците на Црквата го опфатиле со еден термин, а тоа е – просветлување на умот. Премин од Стариот во Новиот Завет. Премин од противприроден во природен начин на живот.

Видете што Светиот Дух Господ сведочи за родителите Јованови, татко му – свештеникот Захариј, и мајка му Елисавета, во Светото Евангелие: „И обајцата беа праведни пред Бог, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка. Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари“ (Лука 1, 6–7). Токму ова мора да го повториме и запаметиме: „постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови, без погрешка“. Посебно запаметете – „без погрешка“.

Што ни покажува овој нивен подвиг? Ни покажува дека и покрај нивната голема и неостварена желба за која Го молеле Господ („зашто се услиша твојата молба“ – сведоштво дека тоа го барале), тие не го напуштиле својот подвиг пред Бог, иако обајцата биле веќе стари, па дури и со изгубена надеж во врска со остварувањето на нивната желба. Тоа се гледа во зборовите на Захариј, упатени кон архангелот Гаврил: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна“ (Лука 1, 18).

Нивниот подвиг ни го покажува нивниот однос кон Бог – како однос на чеда Божји, слободен и љубовен. Бесплодно е да се држи самиот закон, сам по себе или заради самиот него, или од робовски и наемнички однос. Заповедите Божји ги исполнуваме заради Бог, барајќи Го само и единствено Него, а не заради некои од Неговите добра. Захариј и Елисавета постапуваат според сите заповеди и повелби Господови – без погрешка, како деца Божји, ама на крајот – и дарот е само Божји:

„Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник.  Захариј се уплаши кога го виде, и страв го опфати. Но, ангелот му рече: ’Не бој се, Захариј, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован. И ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање. Зашто тој ќе биде голем пред Господ и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си; и многу Израилеви синови ќе ги врати кон нивниот Господ Бог; и тој ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, и непокорните – кон разумот на праведните, па да Му приготви на Господ народ совршен‘“ (Лука 1, 11–17).

Вториот степен од духовниот развој – просветлувањето на умот, е внатрешно духовно покритие на Светата Тајна Свештенство. Раѓањето на свети Јован Крстител е почеток на преминот меѓу старозаветното и новозаветното свештенство, премин што, преку Божјиот Домострој на нашето спасение, завршува со Светата Педесетница.

Свети Јован Крстител е и икона, и објавител на тајната на новозаветното и есхатолошкото свештенство, а крај на старозаветното: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли доаѓаш?“ (Матеј 3, 14). Зборови што значат токму ова: „И удостој ме, преку мене – недостојниот и грешен Твој слуга, да Ти бидат принесени овие Дарови, [внимавајте!] зашто Ти си Тој Кој принесува и се принесува, Кој прима и Кој се раздава, Христе Боже наш…“

Има уште многу да се пишува за ова евангелско четиво, по повод раѓањето на пророкот Господов Јован, и за тајната на царското свештенство што единствено и останува во Царството Небесно, и е негова пројава во овој свет и век, ама поарно е сѐ понатаму да ни биде откриено преку личниот подвиг на покајанието и плачот, кој, според делото на пророкот, е и подготовка на патот за доаѓањето и средбата со нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос.

Но, само уште ова. Што гледаме ние, денес, на храмовиот иконостас – икона на Царството Небесно: кој седи од десната и од левата страна Христова? Не седи ниту апостол – па бил тој Петар или Павле, ниту некој свет архиереј, односно не седи претставник на надворешното, официјално свештенство; не седи никој друг, туку првите и совршени носители на внатрешното, вистинско новозаветно, есхатолошко (вечно) и царско свештенство – Пресвета Богородица и Секогашдева Марија и свети Јован Крстител.

Само преку носителите на ова свештенство во Црквата, а преку нив и во светот и во неговата историја, дејствува единствената непрестајна Литургија, односно Очевиот Домострој на нашето спасение, преку Синот во Светиот Дух Господ; значи и какво-таквото функционирање и на официјалното свештенство е благодарение на постоењето на носителите на есхатолошкото, царско и внатрешно свештенство.

Јас, барем, не сакам да коментирам некоја разлика по чест, како што гледам разлика во послушание, меѓу првото и второто (десното) место, бидејќи Христос во Нејзиниот скут седи; но меѓу второто и третото (левото) гледам – дека второто е поголемо по чест и од херувимското и неспоредливо пославно и од серафимското. Иако со напишаново е можно да соблазнам некој од читателите, но сигурен сум дека нема да навредам никого од спомнатите овде – напротив. А, четвртото место сѐ уште е отворено…

Но, тоа: „Не зависи од Мене, туку од оние за кои е приготвено“(Матеј 20, 23). Тоа значи дека Господ ни дава можност за градење совршен личносен однос со Него, но зависи од тоа кој колку сака да се отвори пред Бог и кој колку сака да се даде. Со други зборови, од нас зависи каков однос сакаме да градиме: дали синовски, наемнички или робовски; и со каков квалитет. Тука нема предодреденост. Сѐ зависи од нас.

И можеби не забележавте, за речиси истото прашање кон ангелот, Захариј беше казнет, а на Богородица Ѝ беше објаснето. Само што Таа праша, не од незнаење или неверување, туку за наша поука – тоа го имам објаснето; а Захариј поради мал сомнеж. Но, кога праведникот, со смирение и благодарност ќе ја претрпи епитимијата – за ненамерната грешка, може да добие и пророчки дар:

„А Захариј, татко му, се исполни со Дух Свети и пророкуваше, говорејќи: ’Благословен е Господ, Бог Израилев, оти го посети и избави народот Свој. (…) А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господ за да Му ги приготвиш патиштата Негови; и да го вразумиш народот Негов за спасение, преку простување на гревовите нивни, поради големата милост на нашиот Бог, со која нè посети Исток од висините, за да ги просвети оние што седат во темнина и сенка смртна, и да ги упати нозете наши по патот на мирот‘.

А детето растеше и крепнеше со духот, и остана во пустина до денот, кога им се јави на Израелците“ (Лука 1, 67–68; 76–80).

Свети Јоване, Претечо и Крстителу Господов, моли Го Бог за нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *