Почетна Коментар Рождество Христово
Рождество Христово

Рождество Христово

577
1

Вака вели Свети Григориј Богослов: „Оној Кој седи на небото над небесата, на истокот на Својата слава и светлина, се прославува [денес] на западот на нашата сиромаштија и ништожност; и Синот Божји прифати да постане и да се именува Син Човечки”. Се прослави уште со самото Рождество – о Тајно скриена!

Несоздадениот, Кој предвечно, бестрасно, бестелесно се раѓа на начин надумен од Бога и Оца, се роди денес бестрасно и во тело, на начин надумен, од Богородица и Секогашдева Марија, во Витлеем Јудејски. Несместливиот, во Чии прегратки почива сѐ што е создадено, денес, воплотен, почива во прегратките на Својата Пресвета Мајка. О, чудо неискажано! Не со промена на местото, зашто е сегде присутен, туку по снисходување Божјо, зашто е Единствен Човекољубец.

Дојде да нѐ спаси и кон Отецот наш Небесен да нѐ вознесе. Иако совршен Бог, Единородниот Син Божји непроменливо стана и Совршен Човек, и поистоветувајќи се на тој начин со секој од нас, ја натовари врз Себе сета наша тага, очај, темнина, болка, страдање, осаменост, безнадежност и смрт. Ние слободно и љубовно Му ги предаваме нашите страдања, односно ги претвораме Неговите страдања во наши.

Ни се откри како Богочовек, чинејќи нѐ лични сопственици и причесници на плодовите на за нас спасителното општење на својствата на Божјата и Човековата природа во Самиот Него.

Богатиот заради нас осиромаши, земајќи ја сиромаштијата на нашето тело за ние, пак, во Неговото обожено Тело – Црквата, постојано да се збогатуваме, безмерно обдарувани со Божествените, несоздадени дарови на Светиот Дух. Дојде и стана човек за ние да станеме богови по благодат и чеда Божји; за постојано, благодатно и соборно да растеме според мерата на растот на Неговата полнота (види: Ефес. 4, 13).

Целиот Негов живот меѓу нас е едно смирено и неизглаголиво страдање, чии размери за нас создадените, засекогаш ќе останат неодгатнати. Нашиот раст во Црквата – низ тајната на нејзиниот Соборно-Евхаристиски живот, не е само благодат, обожение, радост и живот, љубов и слобода, и воскресение, туку е и болка, тага, страдание, напуштеност, осаменост и смрт. Всушност, во овој век и живот тоа е една чудесна, потребна и света испреплетеност на овие спротивности.

Денес родениот Богомладенец дојде и ни дарува во ликот на најмалиот, најгрешниот наш брат да Го љубиме и да Го препознаваме Него; средбата со нашиот ближен да ни биде проверка на вистинитоста на нашиот живот и личносен однос со Него. Во Него и преку Него – со нашиот Небесен Отец.

Од Бога и Оца испратениот и доброволно дојдениот Син Божји ни дарува во Црквата – таа несоздадено-создадена икона на Света Троица и низ Нејзината Света Евхаристија, да го преобразуваме нашето постоење, образувајќи ги меѓусебните лични односи според подобие на она Христово светотроично ’како‘: „Сите едно да бидат, како Ти, Оче, што Си во Мене и Јас во Тебе; и тие во Нас едно да бидат, светот да поверува дека Ти Си Ме пратил“ (Јован 17, 21).

naumВозљубувајќи се еден со друг, да бидеме живи и светлозрачни икони на Божјото јавување, вечни сведоци на светотроичниот благодатен Домострој на спасението, откриен во Личноста на Богочовекот Христос, во Неговото воскреснато Тело – Црквата, и ологосени гласници на радосната вест: Христос се роди!

Слава Тебе, преку Богородица, Оче наш!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

  1. средбата со нашиот ближен да ни биде проверка на вистинитоста на нашиот живот и личносен однос со Него. Во Него и преку Него – со нашиот Небесен Отец.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *