
Грчкиот интернет портал „Ромфеа“ фрли ново светло на Светиот и Голем Собор, објавувајќи документи кои покажуваат дека неговото одржување не е резултат на согласност со сите помесни православни цркви.
Иако Вселенската патријаршија тврдеше неколкупати дека Соборот мора да се одржи поради тоа што за неговото свикување се согласиле и потпишале сите 14 автокефални цркви, „Ромфеа“ го објави документот за свикување на Соборот на кој недостасува потписот на еден од поглаварите на православните цркви.
Антиохиската патријаршија е таа која што никогаш не ја потпишала одлуката за свикување на Соборот, што пак според правилата, како што пишува „Ромфеа“, неговото одржување не е резултат ан едногласност на Црквите.
Грчкиот интернет портал потсетува дека отсуството на Московската патријаршија, Грузиската и Бугарската е резултат токму на ставот дека за одржување на Соборот нема едногласност.
„Ромфеа“ цитира и анонимен извор од Антиохиската патријаршија кој потврдува дека на документот го нема потписот на Патријархот Јован.
На последната средба на поглавари во Женева во јануари 2016, кога беше донесена одлуката за свикување на Соборот, Патријархот на Антиохија не присуствуваше поради недоразбирањата со Ерусалимската патријаршија за јуриздикцијата врз Катар, но црквата на Антиохија имаше свои претставници кои тогаш најавиле дека Патријархот Јован ќе го потпише документот.
Но откако подоцна пропаднаа обидите за помирување на Антиохиската и Ерусалимската патријарпија, Патријархот на Антиохија одбил да стави потпис потенцирајќи дека Соборот не може да се одржи без претходно да се постигне договор за решение на прашањето за Катар.