Почетна Политичка теологија Религиозна младина со нерелигиозни сфаќања
Религиозна младина со нерелигиозни сфаќања

Религиозна младина со нерелигиозни сфаќања

82
0

Секој осми млад човек во Република Северна Македонија не би простил прељуба во бракот, а речиси за секој шести млад човек се прифатливи пред брачни сексуални односи. Додека пак една четвртина од младите би избрале абортус поради несакана бременост.
Ова се само дел од резултатите на најновото истражувањето за перцепцијата на младите во РСМ во поглед на нивните религиски, етички и морални вредности, спроведено од „Институтот за политички истражувања – Скопје“ (ИПИС) и интернет порталот „Религија.мк“, со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“-КАС.

Ова прво вакво големо истражување од овој тип, открива дека генералната перцепција кај младите е почитување на одредени морални критериуми кои се дел и од религиските нормативи, но сепак во одредени случаи свое влијание имаат и современите општествени текови кои понекогаш делумно или целосно се косат со одредени традиции или религиозни начела.

Интересен е податокот дека речиси половината, или 46,9 % од младите, за себе сметаат дека се целосно религиозни, а ако на таа бројка се додаде и бројката 36%, кои велат дека донекаде се религиозни, се доаѓа до една висок процент на млади за кои религијата треба има важна улога во животот, а од друга страна голем дел од младите живеат по други принципи.

На прашањето „Што е за вас прифатливо или неприфатливо од следното, дури 55,5% од испитаниците млади одговориле дека за нив прифатливи се предбрачни сексуални односи, а дополнителни 14.7 % сметаат дека тоа е донекаде прифатливо.  За само 14,3 % од младите неприфатливи се предбрачни сексуални односи. Но, од друга страна,  високи 55,9 % се определиле дека за нив неприфатливо е неверство пред брак, а дури 73,7 % дека не би прифатиле неверство во брак.  Но, кога станува збор за заеднички живот без стапување во брак, дури 57,2 од младите тоа го одобруваат.

Во оваа група прашања за издвојување е и одговорот на прашањето „Дали би простиле прељуба во бракот?“ Високи 80,4 проценти одговориле НЕ, додека само 9,5 проценти од испитаниците млади би простиле прељуба во брак.

Во однос на пак сите наведени причини кои според испитаниците би можеле да бидат оправдани за ставање на крај на брачната заедница највисок степен на одобрување имаат физичкото или психичкото насилство и неверството, додека најмал одредена болест, физичка попреченост на партнерот или неможност да се создаде потомство со што се потврдува концептот за запазување на традиционалните општествени, но и религиски норми според кои брачната заедница освен за заеднички живот и потомство, треба да биде и основа за меѓусебна помош и доверба помеѓу партнерите.

Многу интересен агол на перцепцијата открива прашањето „Ако сепак одлучите да стапите во брак, каков брак тоа би било, повеќе од половината, или 55,1% од младите рекле дека тоа би бил и граѓански и верски брак. Само 22% би се определиле за граѓански брак, а 4,5% од младите би живееле во неформална брачна заедница. Овде за одбележување е дека во земјава има 8,9% од младите кои хипотетички доколку би било можно би живееле само во верски брак.

Но од друга страна 23,7% од испитаниците млади го избрале абортусот како опција, „доколку има случај со несакана бременост и мајката/родителите не би можеле да се грижат за детето“. Дополнително, 39% како опција за ваква ситуација би одбрале раѓање на детето и негово давање на посвојување. 37,3 % од младите не знаат што во таква ситуација.

Истражувањето направено од ИПИС, Религија.мк и КАС, е на репрезентативен примерок од 708 испитаници помеѓу 16-35 години, спроведено во втората половина на јуни 2019 година.

Во подготовка на истражувањето беа вклучени и професорите Милан Ѓорѓевиќ од Православниот Богословски Факултет “Свети Климент Охридски“ од Скопје и Хасан Џило од Факултетот за Исламски науки во Скопје. Тие по истражувањето направија своја анализа.

-Ако ги следиме европските искуства во областа на економијата, образованието, културата, слободата, еднаквоста и другите вредности, тогаш е неопходно верските заедници да покрене иницијатива за организирање трибини, тркалезни маси, семинари и други образовни форми во кои ќе се третира проблематиката за партиципација на религијата во јавниот живот се со цел да му се помогне на човекот како човек без разлика на неговата етничка и религиска припадност. Оттука, посебен акцент треба да претставуваат младите. Тие особено не смеат да ја идеологизираат верата, а она што најмногу треба да им се понуди се моралните вредности, почнувајќи од семејството, училиштето, факултетот и други институции, а посебно во верските храмови. Денес се страда од недостатокот на моралитетот, вели професорот Џило.

-Од прикажаното, може да се забележат следните карактеристични црти: доминација на идеолошката перцепција на прашањето за религијата и моралот и следствено, една неконзистентна и недоследна претстава за добродетелта и добродетелниот живот, како и недоволна перцепција на претходно изложената дистинкција меѓу световното и сакралното, т.е. на општествениот и религиозниот живот. Со тоа кореспондира нискиот степен на активно учество верскиот живот, евидентен од првата група прашања. Останува заклучокот дека доследното и редовно практикување на верата не само што не претставува закана за општеството изградено врз секуларни и демократски начела, туку претставува негов значаен предуслов. Токму недоследноста, селективноста и произволноста во разбирањето и практикувањето на верата се причини за губењето на вредносната ориентација во општествениот живот, вели професорот Ѓорѓевиќ.

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *