Почетна Вести Ислам РЕЏЕПИ: Џамијата во Охрид се обновува според законите
РЕЏЕПИ: Џамијата во Охрид се обновува според законите

РЕЏЕПИ: Џамијата во Охрид се обновува според законите

223
1

Поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија (ИВЗ), Сулејман Реџепи, ги отфрли обвинувањата на граѓанското здружение „Совест“, истакнувајќи дека реставрацијата на Али-пашината џамија во Охрид се врши во целосна согласност со законите и според професионално подготвен проект којшто претходно ги добил сите потребни одобренија.

Реставрацијата на Али-пашината џамија се финансира од Генералниот директорат на вакуфи на Република Турција (Genel Vakiflar Müdürlüğlü). Џамијата, која се наоѓа на влезот на Охридската чаршија, според најавите од охридското муфтивство, ќе го добие некогашниот изглед и сјај, како што била кога е изградена пред пет века.

Претходно оваа недела, граѓани на Охрид, организирани и поддржани од страна на граѓанското здружение „Совест“, реагираа за начинот на којшто се врши реставрацијата на Али-пашината џамија во Охридската чаршија, и за градежните активности околу објектот, за коишто тие тврдат дека се спроведуваат без соодветна дозвола од надлежните институции.

Поглаварот на ИВЗ, во изјава за Anadolu Agency (АА) рече дека институцијата што ја предводи, пред да почне со интервенирање или поправка на културно-историските споменици, секогаш се консултира со надлежните органи на Министерството за култура и Музејот на Охрид.

„Исламската верска заедница не прави компромис за верските објекти, за џамиите. Затоа, ние не сме подготвени да направиме каков било компромис таму, бидејќи јас сум еден од потписниците на проектот со претставници на турската Дирекција на вакуфите и знам дека сѐ беше обезбедено, а потоа започнаа и работите“, рече Реџепи за АА.

Осврнувајќи се кон наводите за минарето на џамијата, во коишто се вели дека џамијата претходно немала минаре и оти тоа не треба да се изгради, Реџепи рече: „Се чини дека некому, иако тоа не е сериозен поглед и аргументиран, му пречи минарето. Ние не велиме дека сега имало минаре, но Али-пашината џамија не е изградена сега, има своја историја. Џамијата била со минаре и треба да ѝ се врати со истата висина што ја имало“.

Реџепи исто така рече: „Ние не сме страна со која нема простор за компромис и разгледување на нештата, не сме луѓе што не им е познат компромисот како метод, но тука, во случајот на Али-пашината, нема компромис“.

Тој апелираше до македонската Влада да интервенира, со цел да ги смири охридските граѓани.

ПАСКАЛИ-БУНТАШЕСКА: РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА АЛИ-ПАШИНАТА ЏАМИЈА СЕ ОДВИВА ВО СОГЛАСНОСТ СО ЗАКОНОТ –

Поранешната директорка на Зaвoд и Музеј Охрид и конзерваторски надзорник на проектот минатата недела во писмена изјава ги отфрли обвинувањата на здружението на граѓани „Совест“, и тврди дека реконструкцијата на Али-пашината џамија се одвива според стручно изработен проект за којшто се добиени сите потребни одобренија.

Паскали-Бунташеска вели дека заради неусогласеност на Законот за градба и Законот за заштита на културното наследство, невозможно е Министерството за транспорт и врски да издаде одобрение за градење и затоа проектот се реализира со конзерваторско одобрение.

Исто така, таа истакна дека конзерваторко-реставраторските работи и реконструкцијата на Али-пашината џамија се изведува согласно Законот за заштита на културното наследство. „Според Законот за заштита на културното наследство, за изведување на работите на објектот потребно е со работите да раководи овластен конзерватор и тоа да се изведува под надзор на конзерватор, што во случајот е обезбедено“, вели Тања Паскали-Бунташеска.

Поранешната директорка на Завод и Музеј Охрид објаснува дека за конзерваторско-реставраторските работи и реконструкцијата на Али-пашината џамија во Охрид, изработен е основен проект за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција, врз основа на којшто е добиено Конзерваторско одобрение за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на џамијата.

Меѓу другото, таа тврди дека работите се изведуваат согласно законот и изготвената соодветна проектна документација, што било констатирано на 6.6.2017 година, при инспекциски надзор на Управата за заштита на културно наследство – Скопје.

Врз основа на Елаборатот за ревалоризација од 18 февруари 2014 година, изготвен од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Али-пашината џамија во Охрид е прогласена за значајно културно наследство со соодветен режим на заштита, и е впишана во Националниот регистар на културното наследство, Главна книга, Дел први – Недвижно културно наследство.

Конзерваторско одобрение за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Али-пашината џамија во Охрид е издадено во јуни 2016 година, од страна на Управата за заштита на културното наследство, по барање на имателот на доброто – Исламската верска заедница во РМ – муфтивство Охрид, откако било констатирано дека се исполнети условите предвидени во членот 87 од Законот за заштита на културното наследство.

ИСТОРИЈАТ НА АЛИ-ПАШИНАТА ЏАМИЈА –

Во мај оваа година, тогашната директорка на Институтот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Паскали-Бунташеска, во изјавата за АА објасни дека според некои историски податоци и архитектонски карактеристики, џамијата била изградена кон крајот на 15. век или во почетокот на 16. век.

Како што рече таа, во составот на џамијата во 1823 година била подигната и медреса, која денес не постои. Остатоците од минарето се наоѓаат од јужната страна на џамијата и ден-денес постојат остатоци од постаменот на минарето во висина од 6,5 метри.

Паскали додаде дека минарето е урнато меѓу 1912 и 1918 година и до денес не е обновено. Според кажувањата на постарите жители, минарето со својата височина и елегантност доминирало во Охридската чаршија. Било градено со тула.

„Во својот ‘Патепис’, Евлија Челебија навел дека во Охрид постоела џамија со две минариња и можеби токму оваа џамија била таа. Веројатно другото минаре било само како темел поставено и никогаш не било издигнато, и затоа не се гледа на старите фотографии“, вели Паскали-Бунташеска.

/А.А

Коментар(1)

  1. Се изначитав куп лаги и глупости. Та и од тој реџепи та (ако е вистина) и од Бунташеска. Милион аргументи имаме против целава ова пародија и сега под итно ќе поднесиме и ние реставрација на црквата Св.Никола која била пред насилно напраената џамија. И то итно и безусловно реставрирање и наново осветување на црквата!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *