Почетна Политичка теологија Речиси секој втор верник пости, секој трет се причестува
Речиси секој втор верник пости, секој трет се причестува

Речиси секој втор верник пости, секој трет се причестува

346
0

Верниците на Македонската Православна Црква генерално активно учествуваат во црковниот живот, иако се уште поголем е процентот на традиционални, наспроти верници кои живеат по правилата на црквата. Се уште постои голема разлика меѓу процентот на деклартивност и оние кои активно учествуваат во животот на црквата преку литургии, пост и причест.

Во последнато истражување на Религија.мк, ИПИС и КАС учествуаа припадници на православната црква, од кои 99,2% изјавиле дека и припаѓаат на МПЦ-ОА, а 0,8% дека се припадници на друга православна црква.

Од нив 94,8% за себе кажале дека „се крстени во црква“, со што и формално се дел од МПЦ-ОА. 4% рекле дека „не се крстени во црква“, а 1.2% „не знаат дали се крстени во црква“.

Од овие две прашања лесно може да се заклучи дека нешто над 5% од анкетираните всушност се класични декларативни верници. Се декларираат како припадници на МПЦ-ОА, а немаат Свето Крштение, што е основата за припадност на една православна црква.

Сепак, некои анализи покажуваат дека овој процент е сериозно намален во последните дваесетина години, кога МПЦ-ОА организираше и масовни крштевки на повозрасните.

Следното прашање „Дали за себе може да кажете дека сте религиозни?“ открива нов момент од перцепицијата на граѓаните за тоа што е црква и каков е нивниот однос со нејзе. Иако 99,2% рекле дека се припадници на МПЦ-ОА, а 94,8% дека се крстени, само 47.2% одговориле дека „се религиозни“. Заедно со оние 37.8% кои одговориле дека „до некаде се религиозни“, дава бројка од 85% анкетирани кои за себе сметаат дека се религиозни. 5.3% веруваат дека „не се религиозни“, а 9,4% дека „донекаде не се религиозни“.

Заклучокот е дека околу 15% од припадниците на МПЦ-ОА, или околу 10% од крстените во црква за себе сметаат дека не се религиозни.

Ако се спореди профилот на испитаници, лесно може да се заклучи дека најголем процент од оние кои сметаат дека не се религиозни треба да се бара во групата на возраст до 39 години, односно ова е токму младата популација во државата.

Во поглед на практикувањето на верскиот живот, анкетата покажува нови отстапувања од декларативноста и активноста во црковниот живот.

Иако ова истражување покажува одреден степен на пораст на верниците кои ги посетуваат храмовите, сепак се уште доминира процентот на верници кои в црква одат за најголемите верски празници.

На прашањето, „Колку често одите в црква?“, најмногу или 34,2% изјавиле „неколку пати годишно“. Тоа се токму оние кои в црква одат за Велигден, Божик и некои други поголеми празници, како Богородица, Свети Климент, Свети Никола. „Еднаш до два пати месечно“  в црква одат помалку од една третина од верниците, или 29,1%. А, „секоја недела“, што е најблиску да правилата на црковниот живот, во црква одат околу 17%. 10,8% за себе изјавиле дека одат в црква „еднаш годишно“, додека пак „секој ден“ црквите ги посетуваат 3,7% од испитаниците. 2,8% пак во црква знаат да поминат еднаш во неколку години.

Ако се направи збирен процент на оние кои во црква одат „секој ден“, оние кои одат„ еднаш неделно“, како и оние одат „еднаш-двапати месечно“, „неколку пати, или еднаш годинишно“ се добива задоволувачки процент на посетеност на верските храмови од околу 94%. Според ова истражување, в црква „не одат“ само 3,2%.

Ова истражување на Религија.мк, ИПИС и КАС, направи и проверка на двата клучни аспект кај верниците во поглед на нивното црковно живеење, а тоа е постот и причеста.

На пршањето „Дали постите“, добри 24,1% од анкетираните одговориле со „да често според црковните обичаи“, што е групата на верници кои ги постат речиси сите пости во годината. 28,3% се верници кои „постат понекогаш“, што спаѓаат во групата верници кои пост практикуваат веројатно за Велигден или Божиќ. Дека „не постат, или многу ретко“ се изјасниле 21,7% и во оваа група најчесто спаѓаат луѓе кои пост практикуваат само за најзначајните пости како што веројатно се последние три дена од Велигден, Бадник, Крстовден. „Не, воопшто“ одговор дале најмногу од испитаниците или 25,9%.

Кумулативниот процент на верници кои постат во текот на годината е поголем од кумулативниот процент на оние кои не постат и изнесува 52,4%, што според генаралната оценка е добар процент на православни верници кои постат.

Ако се анализира профилот на анкетирани, повторно ќе се заклучи дека младата генерација, до 29 година, но пред се студентите, се оние кои најмалку, или воопшто не практикуваат пост.

Причеста е суштински важен дел од црковниот живот на верниците. Но како стојат овде припадниците на МПЦ-ОА?

Генерално кога ќе се споредат броките од оние кои постат и оние кои се причестуваат се добива еден балансиран сооднос, што не претставува некој драстичен расчекор и може да се заклучи дека оние кои практикуваат пост тоа најчесто го прават за причест, а не порди некои други причини, како што на пример може да биде некој вид диети.

На прашањето „Дали се причестувате“, „да најчесто“ одговориле 18%. Дополнително „да понекогаш“ одговориле 22,6%. Овие два одговора даваат комулативен процент од околу 40%, што генерално е приближен до кумулативниот збир на оние кои се изјасниле дека постат во текот на годината, иако има отстапки од десетина проценти. Но ако се земе предвид и одговорот „не, многу ретко“, кој изнесува 23,5%, тогаш се добива солидна бројка на верници кои на еден или друг начин практикиваат причест.

35,9% од анкетираните пак одговориле „Не воопшто не се причествам“ и тоа е оној процент на верници кои генерално се поклопува со процентот на верници кои не постат, што е и логично бидејќи за причест основно е да се практикува пост.

И во овој случај профилот на верници покажува дека младите до 29 и до 39 години се оние кои најмалку се причестуваат.

Интересен е и податокот за домашните слави. Македонските православни верници продолжуваат да ја негуваат ваквата традиција. Високи 70% од испитаниците одговориле дека „имаат домашна слава“, а околу една третина „не практикуваат домашна слава“.

Истражувањето на јавното мислење, спроведено од „ИПИС“, „Религија.мк“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“, е направено во ноември 2020 година. Беа вклучени 1015 испитаници од православна вероисповед, со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики како пол, возраст, професија и образование. Маргиналната грешка е помеѓу +/-3.2% со 95% интервал на веродостојност.

Ова е прво вакво специјализирано истражување, во кое учествуваа само испитаници кои се декларирале како православни верници, и е насловено како „Перцепции за позицијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија – доверба на верниците, релации со државата, патот до автокефалност“

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *