Почетна Коментар РЕАКЦИЈА: За кого бијат камбаните? За фактичката состојба
РЕАКЦИЈА: За кого бијат камбаните? За фактичката состојба

РЕАКЦИЈА: За кого бијат камбаните? За фактичката состојба

512
0

Граѓанското здружение “Совест“ од Охрид реагира на последната колумна на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, поврзана со случуваењата околу реставрацијата на Алипашината џамија во Охрид. Реакцијата ви ја пренесуваме во целост

Нашата скромна охридска граѓанска иницијатива поттикната од скандалозното сквернавење на охридската Алипашина џамија под превезот божемна нејзина реставрација, ете стаса и до наше удостојување со одговор и од првиот човек на Исламската верска заедница, Реис Ул Улема, Господин Сулејман Реџепи, со текстот “За кого бијат камбаните?“, за што искрено му благодариме.

Оставени сами на себе само да набљудуваме и беспомошно да шепотиме пред Моќниците на светото и земското, што ќе посакаат беспречено и беспоговорно и да си го спроведат, прозборувавме со нашата чаршиска небитност, сега модерно кажано, наше граѓанско стојалиште, и види, мајката, првиот човек на ИВЗ не почести со богат религиозен репертоар од навреди и дисквалификации од многувековниот сеопшт религиски арсенал на сатанизирање на дрзникот и што помислил со нешто да противречи. Не се лутиме на неговата жолчност што не нарекува национал шовинисти, грст исламофоби, десничарски екстремисти, екстремни радикали, фрустрирани параноици, па освен нашата паланечка небитност, му се провлекува дури и еден цел ентитет, (дали мисли само на Македонците или на сите немуслимани од Македонија) да ги вброи во противниците на минарињата во Македонија.

Не, не му се лутиме и на тоа. Но ако овој јавен јазик од текст на првиот човек на верска заедница е залагање за толеранција, тогаш какви ли се проповедите на останатите под него потчинети служители по Божјите Домови?

Едноставно, почитуван Господине Реџепи, вие веројатно имате право и многу нешто сте проголтале за владеењето на претходната власт, но вашата жолчка е истурена на погрешна адреса. И пак уште еднаш, ако, Ваша светост, барем Ви олеснало. Не сте можеле на магарето, еве можете на самарот, на нас, обичните охриѓани. Треба, секогаш кажувајте го тоа што Ве тишти. А, зашто не сте можеле на магарето, затоа што религијата и власта секогаш одат рака под рака.

Вашиот емотивно расприкажан текст со бегање од суштината на темата е од два дела: еден поопшт, за истражување на Вашингтонски институт за стравот од исламот и вториот пример со изјава на некој за нас непознат политичар, Мартин Стринд од Шведска, дека, “муслиманите не се во потполност луѓе“ и кого, ете, шведските демократи го санкционирале. Убаво е тоа од Вас, Господине Реџепи што следите што и како се пишува за исламот во светот. Тоа Ви е и работа.

Посочувајќи Ни два примери од белиот свет за односот кон исламот и исламофобијата на Западот, а бегајќи од нашиот мал проблем но со голема емотивна набиеност, Вие само земате широк замав за одлучен, клучен дискредитирачки удар по нас со недобројни квалификации, со што несакајќи, не промашувате. Да, белиот свет нашол сили, го отстранил шведскиот политичар од лева партија затоа што меѓу нив не му е местото, но поубаво е и ќе беше секој од своите дворишта да почне да зачистува; ние да почнеме да зборуваме за доскорешниот систем, а Вие да зборувате за “донацијата“ и “султанското владеање на донаторот“. Водачите и на двата системи се излезени од иста мантија. Ние како да знаевме дака под нос ќе ни ги пикнете разните крстови, животни и стиропорни достели на претходната власт, па прилично нешто потспомнавме во нашиот претходен текст.

А, што се однесува до шведскиот интелектуалец, ништо ново. Се сеќаваме убаво на текст од еден број на “Земан“ од пред пет – шеснаесет години од еден наш познат тукашен интелектуалец кога зборуваше токму обратно од посочениот од Вас, Стринд, дека само муслиманот е целосен човек. Но, дури не го пронајдеме точно тој број на “Земан“, да не спомнуваме по сеќавање подробности, макр што и тоа не е предмет и најбитно во случајов.

Најбитното, почитуван, Господине Реџепи е што се сложуваме со Вашата клучна констатација (намерно ја пуштаме надолго и во целост) дека: “На тие луѓе им пречи реставрирањето на еден петвековен објект кој е и Божји Дом, но и многу вреден културно историски споменик. Рекоа дека им пречело минарето. И, рекоа, не било пријатно на сред чаршија да има џамија бидејќи ќе ѝ наштетело на имиџот на градот. Го рекоа тоа без оглед на фактот што сите чаршии од османскиот период имаат џамии, и имаат, минариња и не постои чаршија без џамија“.

Читателите нека пресудат и за овој текст, (и за претходните два што ги објавивме низ охридските портали, а за што учтиво го замолуваме уредникот на овој портал, без никаква измена и на нивниот ценет медиумски простор да ги пренесе) за секој читетеч сам да види од која страна доаѓа омразата и нетолеранцијата.

Не, почитиван Господине Реџепи, не ни пречи нам џамијата. Колку пати да повториме дека има повеќе џамии во охридската чаршија, секоја со свој идентитет, со свои “идентитетски лузни од времето“ што ги прават уникатни градби. Џамијата, Крст џамија (како што ја викаме сите охриѓани) малку потаму, изградена е врз црквата Св. Недела и денес има крст во полумесецот. И таа џамија треба да остане таква и оваа џамија треба да си остане ваква. Алипашината џамија е изградена врз темелите на Св. Никола, а таа црква врз постара базилика на древниот Лихнид. Затоа е оваа свето здание е од посебно културно значење, заради трите културни слоја што се прекршуваат преку различни богови во една градба. Вие, Ваша светост, принципиелно се залагате за фактичката состојба, а конкретно еден збор не изговарате за овој фактицитет.

Логиката на тогашната Османска сила врз секоја црква во чаршиите да направи џамија е насекаде на дело, но сега оваа џамија е без минаре. Тоа е нејзината фактичка состојба повеќе од еден век: џамија врз црква, а црква врз базилика. Од една единствена џамија без минаре како нејзин идентитет во нејзино православно опкружување не треба да се навредува ниту Исламската верска заедница, ниту нејзините верници. Тоа е фактичката состојба. И таква извршена заштитна интервенција врз џамијата е нејзина реставрација.

Да рушат џамија, како и да се руши црква или било каков друг свет објект од друговерци е постапка за секоја осуда, иако многу позната “јунаштина“ во нашиве простори. И токму таа наша сурова историја, затоа што е толку лесно читлива врз старата охридска џамија која што јавнала црква, а црквата јавнала базилика, треба засекогаш да остане без минаре. Исламската Верска Заедница ништо не губи од својата сила и светост од таа една и единствена џамија во Македонија без минаре над еден век. Добива на мудрост и на дело покажува дека не ѝ е далечна толерантноста.

Не само во Македонија, насекаде по просторите кои некогаш биле под османско владеење, сега со заложбите по секоја цена, во секоја чаршија, секоја некогашна, полуразрушена или пренамената џамија во друг објект да се обнови во верски објект е класичен процес на нов неоосманизам, како што го оценуваат поупатените.

И донацијата за Алипашината џамија во Охрид ја следат матни работи, некои портали и објавија цифри на рушветот, но од непријатноста да не настанат меѓудржавни проблеми, се заташкува неоосманизмот на “донаторот“ од Босфорот.

Треба да сте во Охрид и да видите како насилнички и со кои зборови заканувачки се однесуваат работниците дури ја изведуваат “булдожерската“ реставрација. Како да го читале и се вдахновувале од овој текст на нивниот Реис Ул Улема.

Затоа чукаат камбаните, Господин Реџепи. За сите нас.

Пишува: Граѓанско здружение “Совест“, Охрид

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *