Почетна Коментар Реакција на скопскиот парох дон Топиќ во врска со свeта Мајка Тереза
Реакција на скопскиот парох дон Топиќ во врска со свeта Мајка Тереза

Реакција на скопскиот парох дон Топиќ во врска со свeта Мајка Тереза

223
0

Текстот за најавата за посвета на светилиштето „Мајка Тереза“ во Приштина, пратен од Приштина и објавен на 3 август 2017, на Католичката агенција за печат на Бискупската конференција на БиХ и Информативната католичка агенција на Хрватската бискупска конференција во кој меѓу другото пишува: „Светилиште на Ќерката, Сестрата и Мајката на овој народ и Црква (во која таа ги примила Светите Таинства и мисионерскиот повик во бискупското светилиште во Летница)“….

Оваа информација со која јавноста се информира дека Гонџа Бојаџиу, односно света Мајка Тереза ги примила Таинствата во светилиштето во Летница (Косово), која е невистинита, изгледа како да се сака да се создаде една поинаква историја од онаа која е вистинита.

Авторот на текстот вели „ги примила“ Таинствата, а самиот збор „примила“ говори за тоа дека авторот мисли и сака да говори за оние темелни Таинства на христијанската иницијација, а не пишува „ги примала“ таинствата, во смисла примање на Таинството на Елеопомазанието и Светата Причест за време на нејзиното поклонение во тоа светилиште.

Како парох во Скопје, главниот град на Република Македонија, односно во родната парохија и родниот град на света Мајка Тереза, не можам да молчам пред овие лажни информации со кои се има намера јавноста да се уверува во нешто друго, заради некои поинакви интереси од оние христијанските. Иако му е познато на целиот свет, исто така сакам да истакнам дека во Скопје во родниот град на оваа светица, во Спомен куќата и светилиштето на Мајка Тереза, во музејот се чува крстниот лист на света Мајка Тереза од 1928 година, а кој сведочи дека Гонџа Бојаџиу на 27 август 1910 е крстена во парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, а таинството на Светата Потврда го примила на 26 ноември 1916, исто така во Скопје. Така што, света Мајка Тереза не само што е родена во Скопје, туку во Скопје ги примила темелите на човечката и христијанска формација за што во прв ред се заслужни нејзините родители, парохот и бискупот.

Сметам дека е корисно да ја споменеме нејзината поврзаност со родниот град Скопје, токму преку нејзините посети на овој град: 26 август 1910 во Скопје е родена Гонџа Агнез Бојаџиу од родителите Никола и Дрона Бојаџиу; 27 август 1910 е крстена во црквата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје; 26 септември 1928 го напушта нејзиниот роден град Скопје за да се придружи на редот на Лоретанските сестри; 26 јули 1963 по катастрофалниот земјотрес во родниот град Скопје, од Индија упатува апел на солидарност; мај 1970 е нејзината прва посета на Скопје; 27 март 1978 е втората посета на Скопје за која има големо интересирање од страна на медиумите; 27 јуни 1980 е нејзината трета посета на Скопје, а градоначалникот Методи Антонов ѝ упатува честитки по повод добивањето на Нобеловата награда и ја прогласува за почесна граѓанка на Скопје; 19 септември 1986 е нејзината последна посета на Скопје, кога ја отвора нејзината мисија во Скопје; од 5 до 11 септември 2016 бискупот Киро Стојанов под покровителство на претседателот на Република Македонија Иванов ги отвора „Деновите на Света Мајка Тереза“ во Скопје во чест на канонизацијата, а Светиот Отец Папата Фрањо именува и праќа свој личен и посебен пратеник, надбискупот Митрополит Врхбосански кардиналот Винко Пуљиќ да ја предводи евхаристиската прослава за благодарност за канонизацијата на света Мајка Тереза на плоштадот во нејзиниот роден град Скопје во близина на темелите на нејзината родна куќа. Исто така, за време на Мисата на канонизацијата во Рим 2016 заедно со Светиот Отец Папата Фрањо стоеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов, а со тој гест беше почестен нејзиниот роден град Скопје како и цела Македонија.

Останувам во надеж дека оваа вистина ќе послужи како афирмација на многумина кои сакаат да дознаат каде започнала историјата на света Мајка Тереза, и како син на Католичката црква свесен за нејзината димензија низ целиот свет, јасно ми е дека светците се дар и сведоштво на чекорењето со Бога, па во тој правец сакам да гледам и живеам секогаш откривајќи ја и сведочејќи ја вистината.

Како свештеник кој делува во соседната Скопската бискупија, на собраќата од Црквата на Косово, им ја изразувам својата радост и честитки за скорешната посвета на катедралата посветена на светицата чија љубов не познавала граници и на која сите со задоволство ѝ се обраќаме со зборот Мајка, а и таа самата се нарекуваше граѓанка на светот.

Пишува: Дон Давор Топиќ, скопски парох

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *