Почетна Вести Христијанство Расте оптимизмот во МПЦ за автокефалност
Расте оптимизмот во МПЦ за автокефалност

Расте оптимизмот во МПЦ за автокефалност

223
0

Македонската православна црква – Охридска архиепископија со внимание ги следи состојбите во православниот свет, особено по одлуката на Грчката православна црква да ја признае автокефалноста на Украинската православна црква, но се воздржува од јавни оцени. Македонските владици сметаат дека сѐ уште е рано МПЦ да дава какви било квалификации, но очекуваат дека процесот ќе се движи во корист на автокефалност за МПЦ. Засега сѐ уште нема никакви официјални најави дека Вселенската патријаршија наскоро ќе почне разговори со МПЦ, но се очекува средба на делегација од Вселенската патријаршија со владици на Српската православна црква.

Владиката Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ, само кратко посочува дека сѐ уште нема најави од Вселенската патријаршија (ВП), но се воздржува да ги коментира најновите настани со признавањето на Украинската црква.

– МПЦ е друга приказна, различна од Украина. Ние сѐ уште немаме ништо официјално од Вселенската патријаршија, ниту пак имаме добиено нешто од СПЦ. Без да добиеме нешто, нема што да коментираме. Нашиот став е познат, признавање на нашата автокефалност – вели Тимотеј.

И другите владици се воздржуваат од коментари, сметаат дека МПЦ не треба јавно да се позиционира, бидејќи нејзин приоритет е добивање автокефалност, признаена во православниот свет.

Неофицијално, пак, меѓу македонските архијереи владее оптимизам дека работите ќе се одвиваа во позитивна насока за МПЦ.

Црковни извори потврдуваат дека неофицијална комуникација меѓу МПЦ и ВП постои и дека сега откако ГПЦ ја призна ПЦУ тие контакти ќе се интензивираат.

– Надеж постои, одлуката на ГПЦ е ветар в грб за патријархот Вартоломеј. Со уверување сме дека кај него постои искрена желба да се решат отворените прашања во православието. За тоа треба време и трпение, но работите одат во тој правец – велат извори од МПЦ.

Дека македонската автокефалност е следната што на маса ќе ја стави Вартоломеј, потврдуваат и верските аналитичари, а за тоа сметаат и дека се свесни и во СПЦ и во Руската црква.

Аналитичарите велат дека клучно беше ВП да добие поддршка од некоја од православните цркви и тоа се случи со ГПЦ, по што се очекува охрабрување и на други цркви од грчкиот блок, меѓу кои Албанската, Антиохиската, Кипарската и Александриската православна црква.

Автокефална МПЦ во православието значи отворено канонско признание за посебноста на македонскиот народ и држава. Тоа е печат што омеѓува една територија, која, според каноните на црквата, е автокефална затоа што е самостојно државно уредена и водена од владици произлезени од овој посебен народ.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *