Почетна Коментар Распетие на верата
Распетие на верата

Распетие на верата

163
0

Рамазан е еден од столбовите на исламот, кој за муслиманите практично е вовед во верата, бидејќи е поврзан со светата книга Куранот, а од друга страна тоа е месец посветен на солидарноста и милосрдието, бидејќи е единствениот период од годината за пост во исламот, како и за телесно и за духовно очистување на личноста…

Постот кај муслиманите е врзан со сонцето, односно храната е дозволена пред изгрејсонце и по зајдисонце. Првиот дел или суфур е период за домот, за најблиските, за самиот себе, што е и логично бидејќи е рано наутро. Вториот дел, ифтар е за пријателите, роднините, познаниците, за луѓето на кои им е потребна солидарност и милосрдие. Тој дел е и за искажување чест и почит, без разлика дали сте муслиман, или сте припадник на некоја друга конфесија… Да бидете поканети, или да поканите некого на ифтар, пред се e разбирање на културните и верски разлики, а потоа чест и градење здрав модел на комуникација.

Но, ние како по обичај сме општество кое полесно сака да препознае некаква негативност и страв, отколку да сподели позитивни искуства на заедништво. И што е најопасно, таквите свои негативности и стравови, најчесто ги аргументира со флоскулата за некакво нарушување на секуларизмот. Секуларноста како да треба да биде некакво плашило за религиозноста на личноста.

Деновиве се изначитав еден куп небулози врзани со ифтарските вечери, од тоа дека премиерот и претседателот го кршеле секуларизмот на државата со тоа што организирале ифтар, па се до големиот скандал во радовишкото училиште. И се тоа во името на секуларизмот, во одбрана на општеството од лошата религија, а зачинето со потсетување на бадниковите поворки, дека нели не е прв пат и се во некаква улога за заштита на децата од нивна злоупотреба во функција на религија. И кога ќе се стави училиштето како заеднички именител и забраната за верски активности во училиштата, се тоа треба да добие на некаква тежина и оправданост на критиките.

Но, во што е суштината… Ниту бадниковите поворки, ниту пак ифтарската вечер не беа дел од период кога во училиштата има редовна настава за да некој тоа го дефинира како кршење на законската забрана за верски активности.

Впрочем, колку што е кршење на забраната за политичка активност процесот на гласање, кој во Македонија се случува во училиштата, толку е кршење на забраната за верска активност, секоја неформална и слободна доброволна активност надвор од работниот ден. Децата кои биле присутни и во бадникарските поворки и на ифтарската вечер, таму биле со согласност на своите родител, а тие веројатно многу подобро знаат што е добро, а што не за своите деца, отколку страничните душегрижници за општествениот секуларизам.

Но, да бидам искрен. Што мене најмногу ми смета во се ова. Ми смета тоа што недостасува иницијатива и идеја за градење на едно повисоко ниво на меѓусебно запознавање. А тој недостаток е како одлично поле за маневар на сите оние кои имајќи го во себе стравот од непознатото најчесто го користат како инструмент во создавањето беспредметни заблуди.

Да бидам конкретен. Како што сметав дека бадникарските поворки организирани во градовите требаше да ги посетат и градоначалниците на Кичево, на Струга, на Тетово, на Чаир… кои не се христијани, така сметам дека и оваа ифтарска вечер во училиштето во Радовиш можела да биде многу подобро организирана, на која ќе бидат поканети и родители заедно со своите деца христијани, кои секојдневно живеат и учат со нивните другарчиња муслимани. Па таму да биде и градоначалникот и дел од луѓето од јавниот живот на градот. Впрочем, така и училиштето како место ќе ја добие вистинската смисла, бидејќи тоа не е само објект во кој децата треба да стекнат образование, туку и место во кое тие треба да го научат животот, а тој во Македонија, како и секаде на друго место во светот е поставен на темелот на почитта, на разбирањето… Школото е место каде се учат првите чекори против стереотипите, а не место каде треба да се создаваат предрасудите…

Ми смета што недостасуваат многу повеќе такви заеднички иницијативи на комуникација за време на овој верски празник, но и за велигденските чествувања кај христијаните. Не е доволна само протоколарна ифтарска вечер на лица од јавниот живот, или пак протоколарен велигденски прием организиран на сличен начин за естаблишментот на општеството… Потребно е приземјување, споделување на Рамазанското милосрдие и Велигденската радост меѓу нас, меѓу луѓето, меѓу верниците, меѓу децата… Ни требаат средби за запознавање… Така, најлесно ќе разбереме дека и Езанот и Камбаните овде со векови одекнувале заедно…

Знам дека во ова политичко невреме некој ќе ме разбере, но за оние кои ќе побрзаа да посегнат по осудите, имам само една порака…
Не создавајте талибанци и крстоносци од вашите деца, затоа што никогаш не знаете дали со вашиот иден зет или снаа ќе славите Велигден или Рамазан, или и Велигден и Рамазан…

Честит празник….

Пишува: Марјан Николовски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *