Почетна Репортажа Рамазан без зајдисонце и зора. Како постат муслиманите на север?
Рамазан без зајдисонце и зора. Како постат муслиманите на север?

Рамазан без зајдисонце и зора. Како постат муслиманите на север?

148
0

Во лето сонцето никогаш не заоѓа во најсеверниот град во Шведска, што за муслиманите претставува предизвик во текот на мубарек месецот.

Како се снаоѓаат муслиманите кои постат на самиот север во Скандинавија, каде што сонцето никогаш не заоѓа, за време на овогодишниот мубарек месец рамазан кога консумацијата на храна и пијалак меѓу зората и зајдисонцето е забранета?

Околу 700 муслимани го поминуваат рамазан во рударскиот град Кирун, сместен на околу 150 км северно од Артичкиот круг, опкружен со планини прекриени со снег преку цело лето. Од 28 мај до 16 јули сонцето никогаш не заоѓа, што опфаќа половина од периодот за пост оваа година.

-Почнувам да постам така што се сехурам во 03:30, додека сонцето ми удара во очите. Ги ставам дуплите завеси во својата соба, а сонцето сеуште блеска кога заминувам на спиење, раскажува Хасан Аланкар од Сирија.

Бидејќи не постои централна сунитска власт која би можела да донесе конечна верска одлука или фетва, муслиманите на север користат најмалку четири различни времиња за прекин на постот.

Аланкар го практикува меканското време во Саудијска Арабија, бидејќи „тоа е родното место на исламот.“ Но, загрижен е дали неговиот пост ќе биде примен кај Бог.

-Не сум сигурен дали постапувам исправно“, раскажува Аланкар кој дошол во Кирун пред седум месеци, после опасното патување преку Либан, Турција и Грција. „Ќе дознаам дури кога ќе бидам во Божјата куќа, ако влезам во џеннетот.“

Почетокот на рамазан се утврдува со набљудување на месечината, кој според грегоријанскиот календар, се поместува 11 дена уназад секоја година. На секои 33 години рамазан паѓа во исто време.

НАЈДОЛГИОТ ПОСТ Е 20 ЧАСА

Повеќето луѓе кои постат во Кирун го следат времето спрема главниот град Стокхолм, одалечен 1.240 километри јужно, а по препорака на Европскиот совет за фетви и истражувања (ECFR), независна исламска установа сочинета од исламски научници со седиште во Даблин.

„Во Стокхолм постои ден и ноќ“, рече за Ал Џезира генералниот секретар на  ECFR Хусеин  Халава објаснувајќи ја донесената одлука. Тој оваа година посебно е повикан да дојде на север во Шведска и лично да ја искуси должината на денот и да даде совет.

Идрис Абдулвхаб од Еритреа ја следи фетвата на ECFR, што значи дека за него најдолгиот период во пост ќе биде 20 часа.

„Не е важно колку часа постиш, нула, 15, 25 или 45, се додека веруваш во она што го правиш”, изјави тој. „Но, ние сме човечки суштества, секако дека понекогаш е тешко.”

Една од оние кои одлучиле да постат во склад со локалното време е и Фатима Каниз. Во удобен стан, со поглед кон планините и рударските објекти, таа го приготвува пакистанскиот оброк за ифтар во 20:30 додека сонцето упорно продира низ ролетните. Маслото врие во тавчето додека става покора, јадење од зеленчук направено со брашно и леблебија. Се сеќава на својот прв ден во Кирун, во јуни, пред пет години.

„Чекав сонцето да зајде, за да можам да клањам акшам намаз. Чекав до 3:00 утрото, се додека цимерот од Кина во центарот за азиланти не ми објасни дека бесмислено е да се чека. Помислив: Какво е ова чудно место? “

,МНОГУ ПАТИ ПОГЛЕДНУВАМ ВО ЧАСОВНИКОТ’

Ифтарското мени за денес се состои од пакистански чапати (тенко округло тесто) и пакароси со раита (индијска салата направена од јогурт и надробен зеленчук, нешто како лукмир) и кон сето ова додадено шведски рибини стапчиња и гулаш од леќа.

Следејќи го времето во Кирун, наредните две третини од рамазан, Каниз ќе пости околу 18 часа. Но поради сончевото движење, таа ќе пости цели 23 часа во текот на еден од тие денови.

„Јас живеам во Кирун и цела година клањам по времето во Кирун. Зошто би го менувала сега мислењето за рамазан и одеднаш да почнам да го следам времето од Стокхолм?”, се прашува таа.

Истиот систем го следела и претходните четири рамазани, од кои најмалку едниот од нив бил во екот на летото.

„Понекогаш се уморувам и наместо да пешачам од работа кон дома, одам со автобус, но освен ова добро се чувствувам”, вели таа. „Но многу често погледнувам кон часовникот.“

Времето во Кирун е променливо во летните месеци. Во еден ден, сончевото време и 25 степени можат да се претворат во дожд и десет степени.

РАМАЗАН ВО ДЕКЕМВРИ: ВЕЧНА ТЕМНИЦА

Меѓутоа, кога рамазан паѓа во декември, муслиманите се среќаваат со спротивноста од поларниот ден. – поларна ноќ. Две недели сонцето не излегува на хоризонтот.

„Зошто тогаш не ми се обратат во врска со рамазанот?“, се прашува Халав од ECFR. Тој вели дека конференцијата ќе биде одржана покасно оваа година за да се издаде зимското време – за пост и за молитви.

Муслиманските молитви, исто така, го следат движењето на сонцето, што значи дека за време на зимата сите пет временски намази може да се паднат во период од два часа.

Абдулнасер Мухаммед, со сомалијско потекло, дошол во Шведска и Кирун кога рамазанот последен пат паднал за време на најдолгата ноќ во 2000-та година.

„Тогаш не беше воспоставена исламска организација ниту пак имаше информации на интернет. Морав да измислам свои правила“ наведувајќи дека „Тогаш постев околу пет часа.“

Мухаммед, кој сега е претседател на исламското здружение во Кирун, во лето го следи  времето за намаз во Истанбул бидејќи Турција е муслиманска земја најблиску до Шведска. Но, објаснува дека според неговото мислење, сите имаат слобода на избор.

РАДОСТА НА ЗАЕДНИЧИОТ ИФТАР

„Исламот не е строг”, вели тој.  „Поентата на рамазан не е во гладувањето или нанесувањето штета на себе. Луѓето мора да одберат она што ним им одговара.”

Освен Сиријците кои побегнале од војната од своите домови, Еритрејците ја сочинуваат најголемата заедница во Кирун.

Хава Фидел и Алиа Хасен, беа домаќини на обилниот ифтар во 22:10 по стохолмшко време во станот во кој живеат заедно. Тие подготвија софра на подот и ги наполнија садови и послужалници со леб, зачинет говедски гулаш, колачи и други еритрејски традиционални јадења.

Мажите кои разговараат во дневната соба веќе го планираат наредниот заеднички ифтар. Направија систем по кој рамноправно ги распределуваат трошоците за ифтарот, каде секој плаќа различен износ, согласно неговите приходи. Некои имаат работа, додека други, чии што барања за азил се одбиени, преживуваат со 200 долари месечен надомест кој им го дава Шведската влада.

„Заедничките ифтари со пријателите ме потсетуваат на Еритреа.“ вели Фидел која што сеуште чека потврда за постојан престој, после три години поминати во Кирун. Но, и недостига одењето на теравија намаз во џамија.

Муслиманската заедница во Кирун ја користи салата во станбената зграда како џамија, но сега е отворена само за време на џума намаз.

СИТЕ СТЕ ДОБРЕДОЈДЕНИ

Првиот петок во рамазан, додека дождот паѓаше, околу 40 мажи и четири жени, меѓу кои и Фидел, се собраа да клањаат пладне намаз.

Сатваан ал-Таиеб, кој бил муезин во џамијата во неговиот кварт во сиријскиот град Дераи пред да ја напушти земјата минатата година, проучува мелодичен езан.

Неговата сестра дошла со него во Шведска, но со оглед на тоа дека таа пости по меканско време, а не по стохолмшко, тие не јадат заедно. Освен семејството, за време на рамазан и во текот на остатокот од годината најмногу им недостига социјалниот карактер на сиријското општество.

„Во Сирија не се ифтари само со семејството, сите се добредојдени. Ние носиме садови со храна кај комшиите и повикуваме други да ни се придружат. Ако тоа го направиш кај Швеѓаните, тие ќе помислат дека си луд.”

„До следниот рамазан, ако Бог даде, ќе се вратам во Сирија”, заклучи Таиеб.

/Ал Џезира Балканс, превод исламски центар

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *