Почетна Проповеди Рајот и пеколот
Рајот и пеколот

Рајот и пеколот

400
0

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено во неделата на параболата за сиромавиот Лазар, во манастирската трпезарија, 4 ноември 2018 лето Господово

Мили мои, денес на Светата Литургија имавме можност да слушнеме една од најпрекрасните параболи, којашто, во Својата премудрост, Господ Исус Христос ја искажал кон народот. Имено, во евангелската приказна, Божествениот Учител и Спасител ни претставува два лика: на некој исклучително богат човек и на еден сиромав бедник, именуван од Него како Лазар, што значи ‘Бог ми е помошник’. Овој Лазар живеел во непосредна близина, тукуречи пред прагот од куќата на богаташот и со трпение секојдневно чекал да паднат трошките од трпезата на богатиот за да се прехрани, но и за тоа, вели Евангелието, бил страден да го добие.

Минатиот викенд при мене дојдоа на разговор неколкумина млади луѓе, кои не знаеја многу за Христовото Евангелие и не беа којзнае колку упатени во верата наша. За време на разговорот едно од момчињата ме запраша: „Отче, каков ќе биде пеколот и кои се тие луѓе што ќе одат во него?“ Јас му одговорив: „Не би сакал да помислам дека во пеколот ќе има човечки души и затоа се молам и се надевам сите луѓе да се спасат“. Сепак, прашањето на ова момче ме поттикна цела седмица да размислувам за тоа, колку е убаво сите луѓе да се спасат, да го достигнат Царството Божјо. Но, да бидеме коректни, за спасението има услови. Меѓу нив и сочувствителноста. Параболата за сиромавиот Лазар ни дава една симболична претстава за тоа каков би бил рајот и каков пеколот, но што е уште поважно, ни го дава и заклучокот дека и пеколот и рајот ги градиме уште одовде, од овој живот на земјата. Видовме дека тие се духовни состојби, коишто започнуваат оттука. Човек, кој не се труди да најде простор во своето срце за другите, кој се храни со несреќата на другите и се повредува од напредокот на ближните; кој го насочил својот ум кон осудување на сите, но не и на себеси – таквиот човек несомнено не би бил среќен во рајот, каде царува љубовта. Чудесни се созерцанијата на Божествениот Исаак Сирин во врска со оваа тема. „Кажувам“, вели тој, „дека измачуваните во геената биваат поразувани од бичот на љубовта! И колку горчливо и жестоко е тоа мачеништво на љубовта! Зашто кога ќе почувствуваат дека згрешиле против љубовта, трпат мачеништво поголемо од секое друго мачеништво, коешто предизвикува страв. Тагата, која го поразува срцето за гревот против љубовта, е пострашна од секое можно наказание“.

Господ Исус ја започнува приказната многу едноставно: Си беше еден богат човек кој се облекуваше во порфир и во свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше. Во овие зборови нема никаква осуда, Господ не го укорува овој човек дека бил богат, или лажливец, или расипник. Богатството, само по себе, не е грев, Светото Писмо ни сведочи дека Авраам, Јов, Лот, Јосиф Ариматеецот и други праведници биле многу богати. Тогаш, што е она што го одвело богатиот од параболата во таа страшна состојба после смртта, та да посакува освежување макар и со една најмала капка на врвот од прстот на Лазара? На овој човек во текот на живот просто му недостасувала сочувствителноста. Тој бил себичен. Неговото срце било толку скаменето, себично, што тој дури не го ни забележувал бедниот Лазар, кој како да му бил од Бога испратен, за преку сочувствителност кон него, да го стекне вечното спасение. Таа е и една од причините за постоењето на нееднаквоста помеѓу луѓето во секоја смисла – за да можеме да се спасуваме едни покрај други, во трпеливо поднесување и сопатие кон неволите на ближните. Меѓу нас има многумина што ќе кажат: „Јас не сум богат како мојот комшија“, па ќе го покажат со прст. „Тој има многу, но е немилосрден, а јас немам што да дадам“. Но не е така. Имаш и ти нешто да дадеш. Потребна ти е само сострадалност, љубов. Сите треба да се збогатуваме со љубовта и сочувствителноста кон нашите ближни. Бивајќи искрени пријатели на нашите ближни, ние постануваме и пријатели Божји. Тогаш ќе бидеме од Бога препознаени и нашето име ќе биде спомнато од Бога, и тука и во вечноста. Забележавте ли, во приказната Господ не сакаше дури ни да го спомне името на човекот, кој бил сосема оддалечен од Него, кој не покажувал никаква сочувствителност кон другиот. Затоа не го ни спомнува по име. Не дека Бог не го сакал, далеку од тоа. Тој човек едноставно не сфатил дека секоја личност на овој свет е – дете Божјо. Секој човек, па и оној најпрезрениот во овој свет, е сакано Божјо дете и како чеда Божји и ние треба да покажеме љубов кон нашите ближни. А за тоа дека секој од нас може да даде нешто, ќе ви наведам еден пример со мои духовни чеда, кои принудени од сиромаштијата, ќе отидат извесно време да работат во Австрија. Овие луѓе секоја година доаѓаат на Богојавление, на богослужба во храмот во Ростуше. Кој од вас бил таму, знае дека храмот е изграден на едно брдо и до него нема пристап со скали, туку само еден стрмен земјен пат. Затоа во зима, кога е подмрзнато, ни се случуваат незгоди. Сега овие мои духовни чеда се радуваат што ќе одат во Австрија да заработат, не за најнапред да направат сопствена куќа, не за да си купат поубава кола, или да им обезбедат нешто на своите деца – секако и тоа со Божја помош ќе го направат – но тие изјавија голема радост што ќе можат, пред сѐ, да помогнат да се направат скали до црквата. Кога го чув ова од нив, толку ме трогна, се расплакав. Материјално сиромашни луѓе, но богати по дух, раскошни со сочувствителност.

Па така, и најсиромавиот може да даде нешто на својот ближен. Не мора тоа да е нешто материјално, може да биде, на пример, издвоено време, трпение некого да го ислушаш во неговите проблеми, еден топол збор, насмевка, разбирање. Со еден збор: сочувствителност. Многу убав, чудесен збор! Ете тоа го бара Христос од нас – да им послужиме на нашите ближни со сѐ што имаме на располагање.

Размислувајќи, значи, сета оваа седмица за рајот и пеколот, ми дојде на памет како постапуваме понекогаш во секојдневниот живот, па дури и ние од црквата, во расо, а и мирјани коишто постојано ги посетуваат храмовите, но кои, кога зборуваат, осудуваат со таква омраза, зборуваат со такво лукавство и злоба, што кога би зависело од нив спасението, се чини, никој не би се спасил. Жолчно се расправаме за тоа каде да ги поставиме црковните граници, сакаме да ја ограничиме Црквата, којашто е безгранична, се тепаме за јурисдикции, за територии и власт, а забораваме дека Бог е апсолутниот владетел не само на небото, ами и на земјата. Слушнавме пред малку од проповедта на владиката Николај Охрдиски: „Луѓето ја делат оваа црна земја, но никако да ја поделат! Дури со живот ги плаќаат границите на својата сопственост, а границите сепак остануваат подвижни… Никако да кажат дека овцата безумно го дава својот живот за ракатка трева, кога веќе таа трева е заради животот, а не животот заради тревата“. За таквите луѓе, коишто не се научиле да бидат пријатели на ближните, а со тоа и пријатели Божји, препознаени од Него по љубовта и милосрдноста, пространството на љубовта е измачување и тие го живеат својот пекол уште одовде. Но, видовме од евангелската поука, Господ му го продолжил животот на богатиот подолго отколку на Лазара, оставајќи му простор за покајание. Да се молиме и ние, со голема топлина и упорност, да допре до сите нас, макар и до оние со најскаменти срца, светлината на Божјата љубов и да ја разбереме евангелската порака, за да не бидеме вечно измачувани од „бичот на љубовта“.

За сите луѓе на овој свет има место, а за рајот и да не зборуваме. Така што, мили мои, доколку сакаме да бидеме добри Христијани, да се украсиме со љубовта и со сочувствителноста. Така ќе си ја обезбедиме вечноста и нашите имиња нема да бидат избришани ни на земјата, ни на небото, од Оној Кој никогаш никого не заборава и во чие срце има место за секого од нас одделно.

Бог да ве благослови!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *